Уште еден пример како Софија игнорира писмени договори за
меѓусебни односи, права и задолженија
Во изминатите години, Македонија и Бугарија потпишаа неколку договори со кои презедоа обврски за размена на програмата на јавните сервиси и за слободно распространување на информациите во двете држави. Македонската страна го испочитува договореното, ако се земе предвид дека Бугарската национална телевизија (БНТ) ја емитува својата програма во македонскиот етер, но во Софија како да нема добра волја за ова прашање
Во изминатите години, Македонија и Бугарија потпишаа неколку договори со кои презедоа обврски за размена на програмата на јавните сервиси и за слободно распространување на информациите во двете држави. Македонската страна го испочитува договореното, ако се земе предвид дека Бугарската национална телевизија (БНТ) ја емитува својата програма во македонскиот етер, но во Софија како да нема добра волја за ова прашање.
Првиот договор за реемитување на Македонската радио-телевизија (МРТ) беше постигнат во 2014 година, по неформална дебата на медиумските работници и експерти од двете држави. Средбата беше иницирана од Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК), со намера да се зајакнат пријателските врски меѓу Македонија и Бугарија. Во овие активности беа вклучени и тогашните претседатели на советите за медиуми на Бугарија, Георги Лозанов, и на Македонија, Зоран Трајчевски. На крајот, Македонската радио-телевизија (МРТ) и Бугарската национална телевизија (БНТ) во Охрид потпишаа договор за реемитување на програмата. Тогаш, договорот беше оценет како уште еден чекор напред во развивањето на добрососедските односи, како и можност одблиску да се запознаат со културната разновидност на двете држави.
Прашањето за реемитување на Македонската радио-телевизија (МРТ) е регулирано и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 2017 година. Во членот 9 од овој договор е предвидено дека двете договорни страни „ќе прават напори за слободно распространување на информациите, преку поттикнување и развивање на соработката во областа на средствата за јавно информирање со искористување на можностите на современите информативни средства. Тие ќе се ангажираат во заштитата на авторските и интелектуалните права на творците од двете земји“.
Дополнителни напори за реемитување на програмата на Македонската радио-телевизија (МРТ) во Бугарија беа направени и од тогашниот специјален преговарач Владо Бучковски, Никола Љушев од „Телеком“, Зоран Трајчев од АВМУ и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов. Од овие средби произлезе дополнителен договор, кој предвидуваше првиот канал на МРТ да се реемитува во бугарската држава.
И покрај сите споменати договори и обврски што бугарската страна ги потпиша и прифати, Македонската радио-телевизија (МРТ) сѐ уште не се реемитува на територијата на Бугарија. Како причина за непочитување на обврските за размена на програмата на јавните сервиси беше посочено дека станува збор за проблем од техничка природа, односно МРТ не се емитува во бугарскиот етер поради слабиот сигнал од интернетот, кој не можеле да го преземат.
За овој проблем од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) посочуваат дека тие немаат надлежност да следат во кои држави се реемитуваат македонските телевизии, а во случајот за реципрочно емитување на македонскиот јавен сервис во Бугарија надлежна е МРТ. Во однос на ова, Марјан Цветковски, директор на МРТ, посочува дека МРТВ зрачи на сателит низ цела Европа, сигналот е слободен и бесплатен и секој што има интерес може да го преземе бесплатно. Тој објаснува дека не спаѓа во негова надлежност, ниту е негова обврска да разговара со приватни компании во други држави за прашањето дали ќе го преземат сигналот на МРТВ.
– Што се однесува до Бугарија, волја е на бугарските оператори дали ќе го преземат или не – вели Марјан Цветковски.
Познавачите на околностите нагласуваат дека програмата на Македонската радио-телевизија (МРТ) не се реемитува во Бугарија поради политички причини. Во Софија не постои волја да се дозволи реемитување на програма на македонски јазик, ниту пак да се дозволи реемитување на програмите и емисиите што ќе ги презентираат македонската страна и нејзините ставови за одредени историски или политички прашања. Познавачите ја повикуваат Македонија да преземе одредени активности, со цел да се примени принципот на реципроцитет. За овој проблем, Стојко Стојков од ОМО „Илинден“ – Пирин вели дека Македонија треба навистина да започне да се грижи за Македонците во Бугарија и да го применува принципот на реципрочност. Не само поради елементарна национална солидарност туку и за да го заштити статусот на суверена држава – нерамноправното третирање, давањето на Бугарија сѐ што ќе побара и стравот да се побара што било за возврат неформално ја дефинираат Македонија како вазална држава.
– Ние одамна протестираме за тоа што не се емитува македонска телевизија во Бугарија, но нема кој да нѐ слушне. Кога дури и тоа го нема, тогаш за нешто повеќе нема и што да зборуваме – вели Стојко Стојков од ОМО „Илинден“ – Пирин. Д. Ст.