Венко Филипче, Нино Васев, Нехат Нухи и уште тројца поранешни директори политички да одговараат за скандалот на Онкологија поради непочитување на законите. Ова се дел од заклучоците на пратениците од опозицијата што ги презентираше претседателката на Анкетната Комисија, Рашела Мизрахи.
Таа на 40 минутна прес конференција, ги презентираше сите членови од законите кои според неа, биле прекршени и не биле испочитувани од функционерите и од директорите во тој период.
– Доколку ги имавме сите овие членови од закони испочитувано, сега ниту јавното обвинителство, ниту Анкетна немаше да има дилема како влегла терапијата, во колкави количини, како излегувало од депото, кој бил терапиран – изјави претседателката на Анкетната Комисија за скандалот на Онкологија.
Пратениците од власта, пак, кои се дел од ова собраниско тело предложија десетина законски промени и подобрување на системот за набавка на лекови без посочување на имиња како одговорни за аферата во здравството. Тие ја обвинија Мизрахи за политичка злоупотреба на Анкетната комисија и најавија дека ќе бараат нејзино разрешување. Тие не гледаат политичка одговорност кај Филипче и го пофалија дека во негов мандат била обезбедена биолошката терапија.
– Бараме ОЈО под итно да ги расчисти дилемите околу Онкологија, под два, постоеле долгогодишни системски слабости на клиниката во 2021, 2012 и 2008 нотирани и во ревизорски извештај – изјави Ненад Коциќ од СДСМ.
Токму ова разидување во финишот на работењето на Комисијата беше и причина за кавги, викања и препукувања, а од власта бараат и разрешување на Мизрахи.
– Ова е доказ дека иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за Анкетната комисија била само политизирање на случајот за собирање на политички поени – вели Коциќ
– Да видам прво дали ќе побараат мое разрешување. Дали политиката ќе биде над јавниот интерес. Ова што сега го презентирав не е политика, јас читав закони – вели Мизрахи.
Чии предлози ќе бидат уважени и ќе бидат оправдување на речиси двомесечното сослушување на министри, директори, експерти, пациенти. Јавноста слушаше сведочење на Беким Сали, Оливер Спасовски, Љубомир Јовевски и многу сегашни и екс функционери во здравствениот систем.