Владата на денешната редовна усвои информација за вработувања на 600 приватни специјализанти, кои ќе работат во Јавните здравствени установи во државата. Како што соопштија од владината прес-служба, Министерството за здравство е задолжено да ги формулира критериумите по кои ќе се вработат специјализантите во две фази, во наредните две години по 300 лица годишно.
– На овој начин ќе се даде шанса за млад здравствен кадар во македонското здравство, активно ќе се влијае за намалување на метежот во здравствените институции и ќе се излезе во пресрет на долгогодишните барања за доекипирање на здравството – стои во соопштението.
Приватните специјализанти ја поздравуваат одлуката на Владата за вработување на 300 специјализанти до крајот на оваа година и на уште 300 следната година, но, велат, повеќе детали очекуваат да добијат на утрешната средба со министерот за здравство Арбен Таравари.
Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина во изјава за МИА вели дека утре во 10 часот имаат закажано средба со министерот на која се надева дека ќе добијат повеќе детали како ќе се одвива целиот процес.
– Ние за утре имаме закажано средба со министерот за здравство Арбен Таравари, па претпоставувам дека на таа средба ќе се дискутира подетално како ќе се одвиваат тие вработувања. Прочитавме дека ќе бидат 300 оваа година, а 300 следната. Утре очекуваме да се прецизира кои ќе бидат првата група на вработувања, што ќе биде со оние колеги кои нема да бидат опфатени во првата етапа на вработување итн. Вработувањето како точка беше едно од нашите барања, но мора да видиме како ќе се одвиваат тие вработувања, на кој начин, што со оние колеги кои нема да бидат опфатени со вработувањето, дали нив ќе им бидат покачени платите и како ќе се одвива. Да видиме која е нивната замисла – рече Илиоска Чешлароска и најави подетални информации по утрешниот состанок.