Фото: Влада

Владата денеска на седница разгледа и усвои Информација од Министерството за здравство за давање согласност за преземање обврски, за чие плаќање е потребно користење буџетски средства за набавка на комбинирана терапија со лекот Кафтрио (Kaftrio) и лекот Калидеко (Kalydeco), за пациентите со цистична фиброза во државава.

Како што соопшти владината прес-служба, Владата дала согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење буџетски средства во 2024 и 2025 година на Министерството за здравство, за набавка на ваквата комбинирана терапија, во вкупна вредност од 854.549.942,40 денари.

– Се работи за лек што e одобрен од Европската медицинска агенција, а ефектот од терапијата, според информацијата од Министерството за здравство е брз, значителен и одржлив и се користи како стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза на возраст над шест години – се појаснува во соопштението од Владата.

Задолжено е Министерството за здравство да достави до Владата предлог програма за обезбедување терапија за пациенти со цистична фиброза, за 2024 година.