Владата на денешната седница ги разгледа и ги усвои заклучоците кои денеска ги изгласа Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското Претседателство.
– Со ова, го отпочнуваме процесот на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија – изјави попладнево премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на 60-тата владина седница.
Уште еднаш нагласи дека македонскиот јазик е загарантиран и дека нема да се преговара за идентитетските прашања. Тој на прес-конференцијата рече дека во вторник во Брисел, кога треба да се одржи првата меѓувладина конференција, ќе ја чита отварачката изјава на македонски јазик.
– На 19 јули во Брисел, отварачката изјава ќе ја читам на македонски јазик, рече Ковачевски.
На прашањето дали доколку во текот на преговорите, некоја држава ни го оспори јазикот и идентитетот, ќе се повлечеме од преговорите, Ковачевски одговори дека „таква ситуација нема бидејќи во преговарачката рамка јасно е наведено дека државата ги отпочнува преговорите на македонски јазик“.
Потврди дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи на 19 јули во Брисел.
Со денешната владина седница, како што додаде Ковачевски, „заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“.
Во однос на Протоколот, Ковачевски соопшти дека е задолжен министерот за надворешни работи да ја информира Бугарија за заклучоците што денеска ги изгласа Собранието и најави дека медиумите во текот на денот детално ќе бидат информирани за целиот процес.
– Во текот на денот, министерот за надворешни работи директно и подетално ќе ве информира во однос на целиот тој процес и граѓаните преку медиумите ќе бидат инфрмирани и за процесот и за содржината, рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.