Д-р Христина Стојчевска

Цревните инфекции, колку и да се измачувачки, често поминуваат брзо, но може и да бидат многу опасни кај ранливите групи, како бебиња и мали деца, хронично болни и имунокомпромитирани лица

Матичните лекари укажуваат дека се зголемува бројот на пациенти со стомачни проблеми

Летниот период и високите температури го зголемуваат ризикот од појава на цревни инфекции, а причинители на инфекциите може да бидат вируси, бактерии или паразити. Матичните лекари велат дека периодов има голем број пациенти што имаат мака со стомакот. Епидемиолошките служби алармираат правилно да се ракува со храната и внимателно да се чува, како и редовно да се чистат површините на кои се обработува, како и ладилниците во кои се чува. Цревните инфекции, колку и да се измачувачки, често поминуваат брзо, но може и да бидат многу опасни кај ранливите групи, како бебиња и мали деца, хронично болни и имунокомпромитирани лица.

Вирус или бактерија?

– Стомачен вирус или гастроентеритис е воспаление на гастроинтестиналниот тракт предизвикано од вируси. Најчести предизвикувачи се ротавирус, норовирус и аденовирус. Најчести симптоми се гадење, повраќање, грчеви во стомакот, кашести и/или воденикави столици. Симптомите може да бидат придружени со покачена телесна температура – објаснува д-р Христина Стојчевска, матична лекарка.
Кога станува збор за стомачен вирус, кој неретко знае да се пренесе кај сите членови во семејство, се работи за акутна инфламација, па симптомите најчесто траат во период од два до пет дена, но во поретки случаи и од седум до 10 дена.
– Многу е битно е да се направи разлика меѓу стомачен вирус и бактериски предизвикан гастроентеритис, каде што столиците се многу повеќебројни (и до 15 дневно), течни, воденикави, а може да бидат и зелено пребоени, имаат непријатен мирис. Столиците може да бидат крвави или слузави, а пациентот да има и повисока телесна температура (од 38 до 40 степени Целзиусови). Во таков случај симптомите траат подолго. Анамнезата, клиничката слика, лабораториските параметри и микробиолошкото испитување ни помагаат за дијагнозата и третман. Третманот се состои од мирување, пробиотици, рехидратација на организмот (вода, чаеви без шеќер, орални рехидратациони раствори, сок од миксани печени јаболка се дава почесто, полека, во помали количества) – објаснува д-р Стојчевска.

Режим на исхрана

Таа вели дека се применува посебен режим на исхрана. Во првите денови се јадат печен компир со сол, печени кисели јаболка, варен ориз со морков, банани, кравјо кисело млеко со двопек, за по неколку дена да се почне со проширена исхрана. Така, покрај претходната храна, се додаваат и пилешки супи, бели тестенини, јуфки, макарони, шпагети, пилешко или телешко варено или печено месо. Потоа при закрепнувањето може да се премине кон општа исхрана.
– Доколку течностите не можат да се дополнат орално, потребен е медицински третман со инфузиона супституција, витаминска терапија за подобрување на имунитетот и каузален пристап во третманот на гастроентеритисот. Имено, доколку се работи за вирус се дава симптоматска терапија, а во случај на гастроентеритис од бактериско потекло се дава и антибиотска терапија. Ако има функционално нарушување на цревото или се работи за гастроентеритис предизвикан од лекови се даваат антидијароици, како и третман на состојбата. Превенцијата се состои од често и темелно миење на рацете при секоја манипулација, соодветно термички обработување на храната, складирање и чување на храната на соодветно место и температура и редовна дезинфекција – објаснува докторката.

Пијте вода!

Најчест начин да се развие гастроентеритис е преку контакт со заразено лице или преку консумирање контаминирана храна или вода. Дехидратацијата е многу важен аларм на кој треба да внимаваме при одржувањето општа добра здравствена состојба.
– Така, кога има повраќање во повеќе наврати, повеќе од пет пати, како и кога столиците се повеќебројни, количински се губат повеќе вода и електролити, па устата станува сува, а пациентите поретко мократ и во помало количество. Тогаш се потребни медицински третман и интравенска супституциона терапија – вели докторката.
Најранливи на стомачни инфекции се бебињата, доенчињата и малите деца, кои многу побрзо може да дехидрираат.
– Кај нив состојбата треба да се следи будно. Тие треба повеќе да цицаат и да се внимава на влажноста на пелените. Сувост на пелените значи дека детето не мокри и потребно е надоместување на водата и електролитите – додава д-р Стојчевска.


Внимавајте со храната, редовно чистете го ладилникот… Како да се заштитиме од труење?

Летниот период и високите температури го зголемуваат ризикот од појава на цревни инфекции, односно инфекции што се пренесуваат преку храна. Затоа Институтот за јавно здравје препорачува особено внимание на населението за тоа каде и каква храна се консумира, како и придржување кон принципите на консумација на безбедна храна.
Заболувањата што се пренесуваат преку храна, всушност настануваат по внесување во организмот на човекот храна што е контаминирана со инфективни или токсични агенси.
Предизвикувачи на овие заболувања се инфективни микроорганизми, кои во погодни услови се размножуваат во храната или во неа излачуваат токсини.
Во речиси 90 отсто од случаите овие заболување ги предизвикуваат бактерии, затоа најчесто зборуваме за бактериски алиментарни инфекции и интоксикации, но исто така можат да бидат предизвикани и од други инфективни агенси (вируси, паразити).
За заболувањата што се пренесуваат преку храна е карактеристичен нивниот сезонски карактер – најголем број труења со храна се јавуваат во текот на летните месеци, иако можат да се јават во кој било период од годината. Најчесто се јавуваат како групни заболувања, односно во вид на епидемии во семејства, колективи, ресторани, слаткарници и сл.
Причини за појава на овие заболувања, кои често се јавуваат во епидемиска форма, се пропустите во технологијата на приготвување, дистрибуција и чување на храната.
– Во принцип сите хранливи продукти од животинско потекло се сметаат за примарно контаминирани. Покрај примарната контаминација на продуктите од животинско потекло, во процесот на нивната обработка, односно ракувањето со нив, често доаѓа до секундарна контаминација. Чувањето на веќе приготвената храна на собна температура, особено во топлите летни месеци, овозможува брзо размножување на инфективните агенси и лачење на нивни токсини и е најчеста причина за настанување на заболувањата што се пренесуваат преку храна – објаснуваат од институтот.

Оттаму препорачуваат:
• Да не се консумира сурова, термички непреработена храна од животинско потекло (месо и производи од месо, млеко и млечни производи, јајца).
• Свежите прехранбени продукти да се чуваат во разладни уреди (ладилници) за да се спречат размножување на бактериите и лачење токсини.
• Зачестено чистење на ладилниците (на 15 дена) во летниот период, со додавање лимон и оцет во водата за чистење.
• Да се избегнуваат приготвување и консумација на храна од свежи, термички непреработени животински намирници (креми, сладоледи, крем-сирења и сл.).
• Термичката обработка на храната да биде доволно долга и на доволно висока температура за да ги уништи бактериите и нивните токсини.
• Храната да се користи веднаш по приготвувањето. Доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура до 4 степени Целзиусови (во ладилник) или над 70 степени Целзиусови до нејзина употреба.
• Обработката на термички нетретираната и третираната храна да се врши на различни работни површини, со различен прибор и во различни садови.
• Свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно да се измијат под силен млаз вода – пред јадење, сечкање или готвење, па дури и кога се излупени.
• Да се избегнува храна од кулинарски тезги на улица, брза храна, како и др. храна и вода од несигурни извори.
• Да се употребува безбедна вода за пиење.
• Темелно чистење и миење на садовите, кујнскиот прибор, работните површини и рацете, пред и по ракувањето со храна – сурова или термички обработена.
• Темелно миење на рацете пред и по јадење.
• Групите што се под висок ризик (постари лица, трудници и пациенти со ослабен имунитет) особено да внимаваат при изборот на храната, односно менување на навиките за исхрана – да се избегнува храна што термички не се обработува.
• Да се избегнува контакт со животни и темелно да се мијат рацете по контакт со нив, доколку е остварен.
• Безбедно складирање на храната и нејзина заштита од инсекти и глодачи.
• Да не се користи нечиста вода за спорт, риболов и капење.
• Лицата што вршат приготвување на големи количества храна (ресторани, кафеани, кујни и сл. објекти) да ги применуваат основните принципи на хигиенски минимум при ракување со храна (приготвување, чување и дистрибуција). Тие треба да поминат и специјална обука за начинот и постапките во технологијата на приготвувањето храна и да прават редовни санитарно-здравствени прегледи.
• Заради безбедноста на продуктите од животинско потекло, потребна е засилена и прописна ветеринарна контрола на животните, контрола на кланиците при колење и обработка на месото и контрола на месото и неговите преработки во индустријата и на пазарот.