Фото: Пиксабеј

Советот на јавни обвинители на 26. седница ги избра Виолета Стојановска за Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Кичево и Никола Јолевски за Основен јавен обвинител на ОЈО Струга.

Стојановска доаѓа од функцијата јавен обвинител во ЈО Кичево, која привремено е в.д. Основен јавен обвинител на ОЈО Кичево, додека Јолевски доаѓа од функцијата јавен обвинител во ЈО Струга, кој, исто така, привремено е в.д. Основен јавен обвинител на ОЈО Струга.

Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, пред гласањето рече дека на двата огласи имало по еден пријавен кандидат – Виолета Стојановска за ОЈО Кичево и Никола Јолевски за ОЈО Струга.

Димитриеска информираше дека и двата кандидати добиле позитивна оценка од надлежното обвинителство – Стојановска од Вишото ЈО Гостивар и Јолевски од Вишото ЈО Битола.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, пред гласањето рече дека лично ја поддржува Виолета Стојановска и смета дека може да ги врши работите.

Коцевски, меѓу другото, рече дека ЈО Кичево има доста голем број предмети, со тоа што моментално за застапување на кривични дела над пет години може да постапува само оваа обвинителка.

– За да се надмине проблемот се ангажираат тројца јавни обвинители од ОЈО Гостивар кои овие два месеци ќе помагаат, ќе видиме со новиот Закон за ЈО дали ќе се намали стажот за застапување на кривични дела со казна над пет години – рече Коцевски.

Кети Петкова, која е координатор за ЈО Кичево, рече дека со оглед на состојбата смета дека Виолета Стојановска ажурно, посветено и компетентно ги извршува работните задачи и има менаџерски способности.

Координаторката за ЈО Струга, Јелена Догазанска Колева рече дека смета, оти кандидатот Никола Јолевски работи посветено и ажурно постапува, посочувајќи дека е единствен кандидат што ги исполнува условите со оглед на 23 – годишниот работен стаж.

Советот, на денешната седница, исто така, го разгледа и меморандумот за соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права.