Фото: Маја јаневска Илиева

Новиот Закон за високото образование не создава дискриминација, туку поставува стандарди засновани на меритократија, модуларен пристап во наставата, поголема практична обука и интернационализација, како и засилена соработка меѓу институциите. Законот предвидува и зголемена видливост на универзитетите и професорите, поголем акцент на стручните студии и развој на нови вештини кои досега не биле застапени во државата, како и поинтензивно учество на бизнис-заедницата во креирањето и евалуацијата на студиските програми со цел нивно усогласување со потребите на пазарот на труд. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната седница во Собранието.

Според неа, законското решение е изградено врз владините политики насочени кон заштита на јавниот интерес на граѓаните и државата, пренесува МИА.

-Крајно време и е универзитетите и општеството да склучат договор дека ќе работат во полза на младите луѓе кои ќе останат да ја развиваат оваа држава. Универзитетот нема задача само да направи добар стручњак, тој треба да направи одговорна морална личност. За да може тоа да го направи, квалитетот на високото образование треба да се зголеми. Имаме консензус во државата по ова прашање – рече Јаневска, додавајќи дека обврската за објавување научни трудови во реномираните бази Web of Science и Scopus важи за сите универзитети и не претставува дискриминација.

Министерката најави дека утре ќе заседава работната група задолжена за подготовка на Законот за високото образование, која ќе разгледа дел од забелешките изнесени за време на јавната расправа, при што дел од предложените решенија веќе се вклучени во текстот.

Во однос на забелешките за универзитетската автономија, Јаневска посочи дека таа не се нарушува, туку дека предизвик за одредени професори претставува активирањето на Советот на универзитетите предвиден со новото законско решение.

-Советот постоел и во претходниот закон, но не бил формиран, затоа што постоеле луѓе кои се плашеле да го формираат. Тоа е орган или тело, ќе се договориме како ќе се вика, чија главната улога е отчетност, да види што и како работат универзитетите. Не може универзитетите да се надвор од правниот систем. Советот бара отчетност како се трошат јавните парите, како функционира универзитетот, дали го исполнил својот план што тие сами ќе го предложат – рече Јаневска.

Осврнувајќи се на можноста министерот да запре одлука на Сенатот доколку утврди дека одреден акт е спротивен на закон, таа нагласи дека ова право е строго регулирано со јасно утврдени услови. Дополнително, како што информираше, побарала од правни експерти и професори по право да го доработат и попрецизно дефинираат овој член, по што предлогот ќе биде доставен до Министерството за образование и наука.