фото: МВР

Најодговорно тврдам дека измените на Законот за полиција и за внатрешни работи ќе придонат за професионализација на МВР, подобро функционирање на полициските службеници, а граѓаните ќе ги видат придобивките за година дена, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој денеска го посети граничниот премин „Табановце“ и ја промовираше превентивна кампања „Безбедно во лето – Вози одморен“.

– Не би сакал да ја коментирам опозицијата. Таа продолжува да работи спротивно на интересите на македонските граѓани, а резултатите од нивното неработење и нефункционирање ќе се покажат на локалните избори. Но, во однос на сите оние обвинувања коишто конкретно беа поврзани со Законот за полиција и законот за внатрешни работи, најодговорно тврдам дека ниту едно од обвинувањата не е вистина, напротив, ќе придонесеме за зголемување на професионализацијата во МВР – изјави Тошковски.

Измените, рече тој, се законски услови за подобрување на работата на полициските службеници, најавувајќи дека законот ќе стапи во сила за девет месеци отсега, а граѓаните ќе ги видат резултатите за година дена.

– За година дена ветувам многу повидлива полиција на терен, многу подостапна полиција од онаа којашто ја имаме сега заради тоа што тоа и ќе го овозможи законодавецот. Целта на овој закон беше токму тоа, да овозможиме максимално потребни услови за да се доближиме до граѓаните и да дадеме еден повисок степен на професионализам. Во секој случај по една година отсега граѓаните ќе можат директно да ги видат придобивките од Законот за полиција и за внатрешни работи – рече Тошковски.

Во однос на имплементацијата на „сејф сити“, Тошковски рече дека не е докрај имплементиран и оти интензивно работат, како на терен, така и на законската легислатива.

– Не е имплементиран во целост, но имаме доволно време сметам дека од 1.1. 2026-та ќе го имплеминтираме како на терен, така и со потребната законска легислатива. Двата од предвидените шест закони коишто треба да се изменат поминаа на Влада и ќе бидат доставени до Собранието – рече Тошковски и нагласи дека „сејф сити“ ќе овозможи поголема безбедност.