Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска ги уверуваше пациентите на Клиниката за онкологија дека не треба да се сомневаат во квалитетот на терапијата и професионалноста на лекарите и дека терапијата е соодветна и нема никакви злоупотреби со лековите.
Министерството за здравство денеска соопшти дека министерот утринава присуствувал на стручниот онколошки колегиум, кој се одржува еднаш неделно, односно секоја среда во месецот. Меџити со лекарите разговарл за воспоставениот систем на работа на Клиниката, начинот на контрола на терапијата, соодветна и навремена терапија за секој пациент, како и за механизмите за елиминирање на какви било злоупотреби со терапиите.
Јавното обвинителство во петокот отвори предистражна постапка за криминална бизнис-мрежа за препродавање скапа биолошка терапија за лекување на болните од рак на клиниката. Завчера во Скопје се одржа протест на стотици граѓани револтирани од објавите за криминалот на Клиниката.
Клиниката за онкологија нов начин на работа има воведено од ноември лани, каде конзилиум од 12 раководители на оддели ги разгледуваат историите на пациентите на кои им е индицирана апликација на биолошка терапија и заеднички се одлучува дали има основа пациентот да прима одредена терапија.
– На овој начин е исклучена можноста за евентуални злоупотреби односно поединечно носење одлуки за биолошката терапија. За аплицирање на назначената терапија, постои уредна евиденција во амбулантниот дневник коі се води во дневната болница. На Клиниката се води и електронска евиденција за контрола на секој лек кој влегува на Онкологија. Во електронската евиденција на Клиниката за секој лек постои ‘картица на артикл’ кој ги содржи следните податоци: име и презиме на пациент, број на евидентиран преглед, датум на преглед, датум на апликација на лек, количина на лек – велат од Министерството.
Собранието на вчерашната седница го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се формира анкетна комисија за утврдување на одговорност за политичките и здравствените функционери по обелоденетиот скандал со криминал во Клиниката за онкологија и радиотерапија.
Во анкетната комисија ќе учествуваат 14 пратеници, од кои шест ќе бидат ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ, два од ДУИ и еден од Алијанса за Албанците.
Анкетната комисија ќе треба да му поднесе конечен извештај на Собранието за еден месец од завршувањето на својата работа.