Фото: Горан Анастасовски / Архива

Во историјата на секој народ постојат личности чиешто значење не се ограничува само на времето во кое живееле, личности чиешто дело продолжува да трае низ вековите и чиешто духовно наследство продолжува да го обликува животот на поколенијата. Таков е свети Климент Охридски – нашиот велик светител и просветител, пастир и проповедник, книготворец и песнотворец, и достоен продолжител на светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј, порача г.г. Стефан.

– Создавајќи го првото словенско писмо, светите браќа создале услови народот да го слуша Божјото слово на разбирливиот свој мајчин јазик и словесно да Му се моли на Бога. Среде најдаровитите, пак, нивни сотрудници бил младиот свети Климент, кој со години усрдно им помагал во нивната служба, впивајќи ги нивното богољубие, црквољубие, родољубие и братољубие. По разгромот на мисијата на светите седмочисленици и по Климентовото враќање во родниот крај, тој сиот свој понатамошен живот го посветува на својот народ, служејќи му најнапред како свештеномонах и учител, а потоа и како првојерарх и првоучител. Наследувајќи го духот на своите учители, тој знаел дека словото не е само средство за образование, туку и пат кон преобразување на човекот. Оттаму, основајќи го славниот Охридски универзитет, тој тамошната своја просветна дејност ја разбирал не само како пренесување на знаење, туку и како изградување на личностите на учениците; не само како отворање на умот, туку и како воведување во тајната на Божјата вистина – порача тој.

Г.г. Стефан истакна дека затоа делото на свети Климент може да се разбере само низ призмата на неговата христијанска вера и на неговата потполна предаденост на Црквата и на народот Божји. Токму затоа и Охридската книжевна школа била, пред сѐ, духовна работилница во која се обликувале човечките срца и души. Во неа образованието, богословието и учењето за доброто не биле одделени едно од друго, туку претставувале една неразделна целина. Според разбирањето на свети Климент, знаењето без духовна мудрост не ја исполнува својата вистинска цел. Впрочем, човекот може да биде учен, а сепак да остане далеку од вистината; може да има многу знаење, а да нема мудрост на срцето; може да биде световно образован, а да го нема образувано Божјиот образ во себе.

– Оттаму, вистинската наука е онаа којашто го води човекот кон вистината, добрината и убавината – онаа којашто го води кон Бога. Затоа, свети Климент не само што теоретски поучувал, туку и практично покажувал, со својата ука давајќи доказ за вистината на верата, а со својот живот давајќи показ за таа вистина. Во тоа се открива и особеното значење на древната словенска и македонска книжевност, воопшто, и на Светиклиментовото книжевно творештво, посебно. Имено, таа се родила од длабоката потреба Божјото слово да стане достапно за секој човек и животот да стане постојан раст во верата. Така, желбата за спознание на Светото Писмо ја создало потребата од создавање на азбука; православното богослужение ја наметнало потребата од создавање на препеви на химнографските песнопенија; Литургијата го обликувала литературниот јазик; а духовниот живот ја родил книжевната традиција. Според тоа, древната словенска и македонска литература, всушност, и никогаш не постоела одвоено од духовниот живот на народот. Таа извирала од молитвата и се влевала во молитвата. Во тоа се состои и неминливото значење на делото на свети Климент. Тој ни сведочи дека книгата не е самоцел, туку е пат кон просветлување и дека вистинската вредност на словото не е да го информира човекот, туку да го преобрази – порача тој.

Инаку, истакна тој,  секоја епоха, со предизвиците коишто ги носи, е повикана повторно да го постави прашањето за своите темели. А одговорот на тоа прашање секогаш започнува со сеќавањето. Зашто народот којшто ги заборава своите духовни учители, постепено го губи и чувството за сопствениот пат, за сопствената иднина. Поради тоа споменот за свети Климент Охридски е повик и за нашето време. Имено, денес, во ова време на брз технолошки развој и на неверојатно брз проток на информации, наследството на свети Климент добива особена важност. Никогаш досега човекот немал толку многу можности да стигне до знаења, а сепак, никогаш не била поголема опасноста да се изгубат длабочината на мислата и желбата за созерцание и за обмислување.

– Впрочем, само она знаење коешто е проникнато со духовна смисла, може да го изгради човекот како слободна и одговорна личност. Оттаму и денес ни е потребно да го помниме примерот на свети Климент, и постојано да помниме дека оној којшто го губи историското паметење, којшто ја губи историската меморија, кјошто го загубува чувството за сопственото потекло – тој го губи и чувството за својот бит, за својата задача и за своето место во светот. Токму затоа книгата низ вековите била еден од најголемите чувари на човечката меморија. Во неа, во книгата, се сретнуваат поколенијата! Во неа минатото му зборува на сегашниот човек, а сегашниот човек остава сведоштво за оние коишто доаѓаат по него. Затоа и делото на свети Климент не е само дел од нашето историско наследство. Тоа е сведоштво дека личноста којашто е исполнета со вера, со надеж и со љубов, може да остави трага којашто ги надминува вековите. Неговиот прв познат животописец, блажениот Теофилакт Охридски, сведочи дека свети Климент составувал едноставни и јасни слова за празниците, така што тие биле разбирливи за секој човек. И токму во таа едноставност се открива и неговата големина. Свети Климент не пишувал за да ја покаже својата мудрост, туку за да им помогне на луѓето да го најдат патот кон Божјата мудрост. Тој не словел за да создаде восхит кон себе, туку за преку него луѓето да се приближат до предвечното Слово на Отецот – порача поглаварот.

Тој истакна дека затоа неговото дело продолжува да нè повикува и денес. Во време кога информациите брзо исчезнуваат – потребно е да ја преоткриеме силата на паметењето.

– Во време кога знаењето се одвојува од мудроста – потребно е да ја преоткриеме просветата којашто го преобразува целиот човек. Следствено, да се угледаме на свети Климент и да го чуваме неговото наследство, зашто само така ќе се зачуваме и себеси! Бог, по молитвите на свети Климент – светителот и просветителот, вечниот закрилник на нашиот народ и на нашата Света Охридска и Македонска Црква, и покровителот на нашата Национална и универзитетска библиотека, како и на уште многу други институции од просветата и од културата – нека ни дарува: мудрост, за да го чуваме светото наследство коешто сме го примиле; љубов, за тоа наследство да го пренесуваме на идните поколенија; и сила, за секогаш да одиме по Светиклиментовиот пат – по патот на вистината! Нека ни се честити годишнините и вечно да ги паметиме и да ги прославуваме – и свети Климента, и големиот Мисирков и сите коишто се вградиле во нашиот духовен и национален опстој! Амин! – порача г.г. Стефан.