Сојузот на средношколци, во духот на солидарноста со Универзитетското студентско собрание при УКИМ и сите останати студентски собранија, изразува јавна поддршка на студентските собранија и им честита „на вчерашната победа“.
-Апелираме да се размислува за изнаоѓање на системско решение за субвенционираниот студентски оброк, налик на моделот применуван во европските земји, конкретно Словенија. Освен финансиската, важна улога мора да играат и нутритивната и економската димензија. Понатаму, скорешните настани ја покажуваат важноста на вклучувањето на засегнатите страни во процесите на одлучување а приори, т.е. уште кога ќе се работи на првиот нацрт. Државните институции мора да размислуваат стратешки, а не да чекаат да се создаде револт којшто ќе ги коригира нивните грешкив – велат од Сојузот на средношколци.
Воедно Сојузот на средношколци ја поздрави предлог-мерката за дополнување на Законот за финансиска поддршка на граѓаните, која предвидува месечна финансиска поддршка од 3.000 денари за сите средношколци.
-Оваа предлог-мерка на прес-конференција ја образложи пратеникот и претседател на Собраниската комисијата за финансии и буџет, Бојан Стојаноски. Оваа приоритетна мерка е голем чекор во зголемување на средношколскиот стандард, а ќе им помогне на средношколците во ова време на криза. Сојузот на средношколци ги повикува сите пратеници во најкус можен рок да ја поддржат мерката, со што ќе нè поддржат и нас. Средношколците мора да бидат вклучени во дизајнирањето на политиките коишто ги засегаат. Сојузот, како и досега, ќе продолжи да се залага и да предлага мерки кои ќе ги штитат средношколците и ќе го застапуваат нивниот интерес – велат од Сојузот.