Илустрација: „Нова Македонија“

ПЕТ ГОДИНИ ПОДОЦНА: КАКО СЕ МЕРИ ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР НА МАКЕДОНСКАТА ТЕРЕЗИЈА

Непобитен факт е дека Преспанскиот договор ја промени Македонија, односно нејзината идентификација на меѓународен, но и на внатрешен план, преку промената на името. Пет години подоцна, со мини-јубилејот се наметнува прашањето: Што натежнува на „македонската терезија“ од Преспанскиот договор – тасот со придобивките или тасот со нашите отстапки и изневерените европски ветувања?

Пет години по потпишувањето на Преспанскиот договор извесно е само дека веќе не постојат политички услови да се репризираат оние слики од 17 јуни 2018 година со ликовите на македонски, грчки, ЕУ-политичари, плус посредникот Нимиц, направени на платото во Нивици и на глисерите што бродат низ Преспанско Езеро до Отешево. А и никој од тогашните главни актери не е на актуелната геополитичка сцена, а ниту со (видливо) влијание на политичките сцени во своите земји.

Во Македонија, пак, очигледен е дискурсот на владејачките сили да се настојува да се одржат „позитивниот дух“ и впечаток за Преспанскиот договор. Тоа се прави преку различни форми, официјални ставови и мислења, преку различни меѓународни форуми, а како најсвежо е третото издание на „Преспа-форумот за дијалог“, кој на 15 и 16 јуни се одржа во Струга, во организација на Министерството за надворешни работи, а под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.

Како живее Преспанскиот договор во Македонија, а како во Грција

Фото: Игор Бансколиев

Непобитен факт е дека Преспанскиот договор ја промени Македонија, односно нејзината идентификација на меѓународен, но и на внатрешен план, преку промената на името, но и со административното (спогодбено?!) прекинување на континуитетот на временската (time-line) и содржинската линија на македонската историја, како и со географското разграничување на еден интегрален национален супстрат (не се истите Македонци преку граничната линија?!). И покрај фактот дека референдумски беше неуспешен, резултатите од плебисцитарното игнорирање не беа прифатени од властите во Македонија. Напротив, и покрај ништовноста, тој се прифати со референца дека „трајно се отстраниле пречките на европските и евроатлантските перспективи на земјата, односно веднаш по потпишувањето да бидеме примени во НАТО и да ги започнеме преговорите со ЕУ”. Тоа беа главниот адут и аргумент на поддржувачите на Преспанскиот договор, на чиј тас не натежнаа воопшто жртвите што ги направи Македонија и сите прекршувања на меѓународното право извршени со овој преседан. Пет години подоцна реалност е само членството на Македонија во НАТО, а прашањето на европските интеграции е повторно предмет на уцени, инспирирани токму од позициите воспоставени со Преспанскиот договор, кои македонската страна доследно, но и повеќе од предвиденото ги испочитува.

Од друга страна, во Грција на Преспанскиот договор не му се дава некое особено значење, па таму дури не ги спроведуваат ни малкуте обврски што ги добија во асиметричниот договор, дури не ги менуваат ни патоказните табли на својата територија со кои би се означил сообраќајниот правец кон границата со Македонија?!

Што натежнува на „македонската терезија“ – тасот со придобивките или тасот со нашите отстапки и изневерените европски ветувања?

Пет години подоцна, со мини-јубилејот од пет години, се наметнува прашањето: Што натежнува на „македонската терезија“ од Преспанскиот договор- тасот со придобивките или тасот со нашите отстапки и изневерените европски ветувања?
– Преспанскиот договор и по пет години е контроверзен предизвик за македонската држава и општество. Во однос на придобивките, видлива е само една – а тоа е членството во НАТО. На функционален план, денес Македонија функционира полошо и на надворешен и на внатрешен план. Нема позитивен исчекор на ниеден општествен план: ниту во економијата, здравството, образованието, судството… Дипломатијата, односно министерот за надворешни работи се однесува како портпарол на Бугарија, Грција, Франција, Германија, ЕУ, наместо да ги застапува македонските интереси.

Преспанскиот договор можеби е реалност, но е и голема реална неправда за Македонија. Овој договор е единствен пример во меѓународното право, кога две држави со билатерален договор дефинираат, разграничуваат и ограничуваат индивидуално човеково право на идентитет. Нашата идентификација како Македонци со овој договор е ограничена и географски и временски, што е преседан и неправда, која создава предизвик – да биде исправена. Освен тоа, не само што државата ни доби ново име туку, со Преспанскиот договор, ексклузивното право на користење на името „Македонија“ ѝ припадна на Грција! Конкретно, во Солун постои универзитет „Македонија“, но во Скопје веќе не може да се случи тоа. Всушност, не треба да пребројуваме што сме загубиле или добиле со Преспанскиот договор, туку треба да се соочиме со актуелната реалност на Македонија (дури и поддржувачите на овој договор) и да констатираме дека е – НЕПРАВЕДЕН, а правдата е човеково и цивилизациско право за сите, и за Македонија – вели поранешниот пратеник во македонското собрание Илија Димовски.

Покрај неправдата што ѝ е нанесена на Македонија со асиметричниот Преспански договор, Димовски смета дека тој е инспирацијата за уцените и блокадите што сега Македонија ги добива од Бугарија на својот евроинтегративен пат.
– Членот 7 од Преспанскиот договор, со кој македонската влада влезе во авантурата на сепарација на македонскиот идентитет, се покажа како предизвик што Бугарија го чекаше. Гледајќи што доби Грција со Преспанскиот договор, по 30-годишна опструкција на Македонија на меѓународен план, Бугарија се охрабри да го бара истото тоа со истите методи: уште една поделба на македонскиот идентитет, или дури и целосна асимилација и историски барања во контекст: ако Грција ја добила македонската антика, Бугарија го бара македонското средновековие, сѐ до 19 век, па и половина од 20 век – наведува Илија Димовски.

Литовски: Капитална жртва е менувањето на името на државата

Историчарот Александар Литовски смета дека најголемите слабости на Преспанскиот договор се тоа што промената на името на државата остана и за внатрешна употреба, но и тоа што Европската Унија не го испочитува своето ветување, наведено и во заклучоците на нејзиниот полугодишен самит, дека ден по потпишувањето на спогодбата ќе биде доделен датум за почеток на преговорите на Македонија за полноправно членство во ЕУ.
– Живееме пет години со Преспанскиот договор, некои од стравовите од неговата имплементација навистина не се исполнија, но полошо е што не се исполнија очекувањата и ветувањата подгревани и давани пред сѐ од Европската Унија, за напредокот на Македонија во евроинтеграциите. Договорот, кој во основа е асиметричен и бараше многу повеќе отстапки од Македонија, покрај членството во НАТО (за кое Преспанскиот договор сепак беше неформален услов), донесе можеби и некои мали придобивки во односите со Грција. Тоа се чувствува можеби во олабавувањето на оној националистички набој на грчката политика и јавност спрема Македонија и Македонците, како и некои исчекори во однос на можноста за изучување на македонскиот јазик (сѐ уште преку иницијатива на невладини организации) во Грција. Но сето тоа е премалку во однос на отстапките што Македонија ги направи со Преспанскиот договор, а капиталната жртва е менувањето на името на државата и за внатрешна употреба. За големиот и нестивнат анимозитет, како и разочараност на македонската јавност спрема Преспанскиот договор, најмногу придонесе што Европската Унија не си достоја на зборот, односно не го испочитува своето ветување, наведено и во заклучоците на нејзиниот полугодишен самит, дека ден по потпишувањето на спогодбата ќе биде доделен датум за почеток на преговорите на Македонија за полноправно членство во ЕУ. Пет години подоцна, со истите предизвици, услови и уцени од други членки на ЕУ, како и пред Преспанскиот договор, Македонија и луѓето во неа со право се чувствуваат излажано и недоверливо спрема новите барања и гаранции од истите геополитички актери – вели историчарот Александар Литовски.


Лошо е! Секојдневно ни пристигнуваат сигнали дека ова не е последната работа

Никола Димитров, македонскиот министер за надворешни работи во 2018 година, кој го стави потписот во име на Македонија на Преспанскиот договор, денес не е активно вклучен во процесите на евроинтегрирање на земјава, кои требаше да бидат ставени на брза лента, токму со имплементација на одредбите содржани во споменатата спогодба. Дури не е вклучен ниту во настаните што ги организира Владата за одбележување на билатералниот договор што тој го потпиша.
1.
Правејќи аналогија на решенијата од Преспанскиот договор, со обврските прифатени со францускиот предлог и обидите на Владата да бидат спроведени уставните процеси за внесување на Бугарите во македонскиот устав, Никола Димитров смета дека во сегашниов „пакет“ со Бугарија „не е покриено она што ѝ е важно на македонската страна, а тоа е македонскиот идентитет, ниту има извесност дека овој пат навистина води кон членство“.
– Од нас се бара некако на доверба да правиме скокови, знаејќи дека од Софија секојдневно ни пристигнуваат сигнали дека ова не е последната работа, дека нѐ чека работа околу учебниците, историската комисија… Така што резолуцијата на германскиот Бундестаг е добар чекор, ако се размислува во таа насока, можеби можеме да стигнеме во една поинаква, подобра констелација. Бидејќи ова што сега го имаме не е компромис, туку целосно искривена позиција, во корист на бугарската страна. Само да потсетам со какво огромно мнозинство помина овој пакет во бугарското собрание. Зошто? Зашто во пакетот и нема суштински отстапки од Бугарија и не е покриено она што ѝ е важно на македонската страна (а тоа е македонскиот идентитет), ниту има извесност дека овој пат навистина води кон членство – вели Никола Димитров.
2.
– Јас бев главен преговарач и го потпишав Преспанскиот договор, меѓутоа тој немаше да стапи во сила, ниту уставните амандмани ќе стапеа во сила ако не успееше таа постапка во Собранието. Таму јас објаснував и давав аргументи така како што мислам. Јас мислам дека тоа е тежок компромис и ги спушта тензиите. Во оваа ситуација, сега, нема компромис. Се сеќавате ли на протестите во Грција? Ги упатувам да проверат со колку гласови „за“ се изгласа ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент и тоа да го споредат со колку гласови „за“ овој „француски пакет“ помина во бугарскиот парламент. Има огромна разлика. Затоа што тоа е компромис, а ова е премногу еднострано за да има смисла и логика – констатира Димитров.
3.
– Јас не бев на Преспа-форумот, ни оваа, ни минатата година. Не бев поканет, но не сакав јавно да зборувам за тоа, за да не го откривам „туѓиот срам“. Оти тоа покажува на кое дереџе сме со демократскиот капацитет. Кога станува збор за кај нас, може да се каже – ајде, наши сме! Но кога станува збор за странски дипломати и државници (јас сум сепак четвртина век во дипломатијата), не ми е пријатно да кажам. Зашто тие ми велат: Ќе се видиме на Преспа-форумот, а мене ми е непријатно да кажам дека нема да бидам таму. Во меѓувреме добив покана за една тркалезна маса во Белград, па им кажувам дека поради тоа нема да можам да бидам на Преспа-форумот. Така што – лошо е! Се покажува дека овие повици за единство за големите прашања се празни зборови! Една полутажна ситуација – се искажа Никола Димитров од денешна перспектива за неговиот ракурс кон Преспанскиот договор, но и за Договорот за добрососедство со Бугарија.