Фото: МВР/Илустрација

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше на свеченост по повод денот на формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Во чест на 13 март премиерот изрази благодарност до специјалците „тигри“ за нивната пожртвуваност и исклучителен придонес за безбедноста на Република Северна Македонија и на сите граѓани.

-Живееме во време полно со безбедносни предизвици и тие не се разликуваат од оние со кои се соочуваат полициите во регионот, во Европа, полициите на нашите партнерски земји од НАТО. Веќе втора година светот се соочува со појава на негативни безбедносни сценарија. Водечка е отворената агресија на европска почва и кризите што произлегуваат од неа, наша обврска како земја членка на НАТО е навремено да се приспособиме на ваквите случувања. Во последните пет години Специјалната антитерористичка единица Тигар е на врвот на приоритетните планови и концепти во однос на развојот и унапредувањето на полициската безбедносна служба. Она со што се гордееме е дека САЕ Тигар со својата врвна стручност и професионално извршување на задачите не се разликува од европските полиции, тоа досега во повеќе наврати го имаат докажано и покажано за време на врвните обуки во земјата и странство – истакна Ковачевски.

Тој додаде дека Владата во континуитет ќе продолжи да вложува во единицата бидејќи, како што истакна, задача на Владата е да обезбедува услови за безбедна работа на специјалците.

-Кога станува збор за вашата заштита и безбедност, не штедиме, вам не треба ништо да ви недостига – рече премиерот.

-Храбро чекорејќи во петтата деценија од своето постоење, Специјалната антитерористичка единица ТИГАР се профилираше во високоспецијализиран тим на обучени полициски службеници, секогаш беспрекорно подготвени да се спротивстават на новите предизвици во борбата против тероризмот и организираниот криминал, како најголема закана на новото време. Досегашните резултати, пак, се уште еден показател дека ТИГАР како единица е позиционирана рамо до рамо со истородните формации од Европа и светот, парирајќи им како во стандардите на опременост и стручност, така и во врвно професионалното полициско постапување – истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

 

Командантот на Специјалната антитерористичка Единица ТИГАР Драган Прокоповски истакнувајќи ја храброста и пожртвуваноста на припадниците на Единицата, потсети на седумте припадници на Специјалната антитерористичка единица-Тигар кои вршејќи ја својата должност, штитејќи го уставниот поредок, мирот и безбедноста, ги загубија своите животи.

Фото: МВР и Влада