Министерот за здравство Фатмир Меџити, денеска ги посети предвремено родените бебиња на Клиниката за гинекологија и акушерство. Тој нагласи дека според статистиките, од 2017 година досега, за 74 отсто е намалена смртноста на предвреме родените бебиња. Па така, таа во 2016 година, изнесувала 25 проценти, за во 2023 година да достигне 5,6 отсто. Tој ова го истакна на Светскиот ден на предвреме родените деца.
– Патувањето на кое се изложени предвреме родените бебиња и нивните семејства не се едноставни, тие бараат голема сила, издржливост и посветеност. Среќен сум што можам да ја споделам информацијата дека битките со предизвиците кои ги носи предвременото породување се почесто ги добиваме – рече Меџити.
Овој фантастичен напредок, посочи министерот, е резултат на унапредување на условите, вложување во модерна опрема на Клиниката за гинекологија и акушерство како и обуки на персоналот.
– Од година во година, поточно од 2017 наваму имаме одлични резултати, бидејќи постои ефикасна стратегија со која се унапредени условите за родилките и обезбедена е врвна нега за новороденчињата. Здравјето на мајките и новороденчињата е императив за секој успешен здравствен систем, а токму развојот и имплементацијата на Мастер планот за перинатална грижа е резултат на заедничките заложби со СЗО, УНИЦЕФ и УНФПА – изјави Меџити.
Министерството за здравство, како што нагласи министерот, ќе остане посветено на креирање на средина каде што предвремено родените бебиња ги добиваат највисоките стандарди на грижа, пристап до иновативни третмани и потребна поддршка за развој.
– Од оваа Клиника, сведоци сме дека си отишле многу насмеани семејства со бебиња кои се родиле само со неколку стотици грама, од кои најмалото беше само 660 грама, ние ќе ги вложиме сите напори оваа позитивна пракса да продолжи – подвлече министерот.