И денес се познати имињата на „чочеците“, односно на танчарките. Во групата на Саид, кој свирел на ќемане, имало неколку танчарки, од кои најпозната била Роза, специјалистка за ориентални игри, која неколку години престојувала во Арабија. Стела имала извонреден глас при интерпретацијата на турските народни песни. Познати биле и Ида, Лала и Пепина. Нивните настапи биле вистинско доживување
За старите скопски чалгии и чалгаџиската музика не е многу пишувано и малку се знае. А Скопје има богата чалгаџиска традиција. На пример, она што е музичарот Садило за Охрид или Ало Тончо за Велес, тоа е за Скопје – Реџеп Саид. Колку денес се знае за него? Тој е еден од најстарите и најпознати скопски чалгаџии, чиј оркестар ги удрил темелите на овој вид популарна музика во Скопје. Но неговото име и неговиот придонес треба постојано да се негуваат и популаризираат за да не се заборави традицијата. Не само во Скопје туку и пошироко, најмногу податоци за чалгаџиите има од 1900 година наваму. Особено по Првата светска војна и во периодот помеѓу двете светски војни.
Пред повеќе години имав чест да ми се јави и да разговарам со еден од нашите најдобри истражувачи и познавачи на овој вид музика, господинот Боривоје Џимревски, кој во тоа време ја подготвуваше книгата „Градската инструментална музичка традиција во Македонија“. Се интересираше каде се наоѓало Занаетчиското училиште во Скопје, во кое, покрај другото, се негувала и музиката. Тоа се наоѓало во непосредна близина на гимназијата „Идадија“, а било познато и како „училиште за убави уметности“. Тој ги наведе тие мои сознанија во книгата, а претходно имаше инструктивни истражувања за чалгиите. Несомнено е дека „чалгаџискиот призвук е составен од ориентален музички инструментариум“ и тој ориентален призвук е суштината на чалгаџиството. Таа музика во Скопје и воопшто низ градовите во Македонија наидувала на исклучителен прием. Главни инструменти во чалгаџиските состави главно биле канон, виолина (ќемане), ут, лаута и дајре. Но тие се комбинирале и со други инструменти: тарабука, кларинет и џумбуш, кој помалку го познаваме како жичен инструмент.
Чалгаџискиот состав на познатиот Реџеп Саид главно свирел во следните скопски кафеани во чаршија: „Јанчев ан“, „Маврово“, „Бела кафеана“, но и во други гостилници низ Скопје. Она што е интересно и помалку познато е дека со чалгаџиите настапувале и танчарки, кои биле именувани како „чочеци“, тоа е името според кое биле нарекувани. Куриозитет е што денес се познати и имињата на „чочеците“, односно танчарките. Во групата на Саид, кој свирел на ќемане, имало неколку танчарки, од кои најпозната била Роза, специјалистка за ориентални игри, која неколку години престојувала во Арабија. Стела имала извонреден глас при интерпретацијата на турските народни песни. Познати биле и Ида, Лала и Пепина. Нивните настапи биле вистинско доживување, а при танцувањето употребувале и метални удиралки или дрвени лажици. Во „Јанчев ан“ настапувале и Маргарита и Олимпија, кои привлекувале голем број посетители.
Затоа, истражувачите изнесуваат едно неоспорно тврдење дека „евидентно е дека Скопје во минатото бил град со богат звучен колорит, во чија средина можеле да се чујат разни инструментални музички состави, стилови и интерпретации, кои компактно дејствувале и го збогатувале вкупното музичко милје на градот“. Како вистинско богатство биле изведбите на овие скопски музичари, а Реџеп Саид свирел исклучиво во кафеани, бидејќи чалгаџиите се делеле на кафеански и свадбарски. Во неговата група свиреле и познатиот Хаџикуне на ут, Устреф Саид на канон и Наце Манев на дајре. Оваа скопска чалгаџиска група била толку популарна што во еден период свирела и во познатата белградска кафеана „Дарданели“. А уште поважен е податокот што Реџеп Саид како виолинист, потоа Мамут, кој музицирал на ут, Устреф Саид на канон, Наце Манев на дајре и Стела како вокал, во 1925 година во Загреб снимиле дваесетина грамофонски плочи. Од нив, според Џимревски, зачувани се десетина. Но куриозитетите не завршуваат тука. Во овој скопски чалгаџиски состав свирела и една жена, познатата Фанче, која по потекло била од Битола. Таа свирела на ут, исполнувала песни од битолскиот крај, а исто така и турски народни песни. Во овој контекст треба да се спомене дека во Скопје постоеле и женски чалгии, кои функционирале на следниот начин: тие чалгии биле составени од три Ромки, „едната свирела на виолина, а другите две чукале на дајриња“. Овие групи биле познати како „ченгии“ и главно свиреле на турски свадби.
Скопските чалгаџии имале и свој патронен празник, тоа бил 21 март, празникот на младенците. Тогаш оделе во Скопскиот парк или некаде во околината, вареле казан грав, свиреле, пееле и се забавувале за своја душа. Познат е податокот дека чалгаџиите пред да започнат со својата програма во кафеаните, најпрво свиреле познати инструментални турски маршеви со кои ја привлекувале публиката. А потоа чалгиите пееле „турски, македонски и еврејски песни“. Интересно е дека чалгаџиите имале свој таен јазик со кој се разбирале, а кој истражувачите го нарекуваат и „немушт јазик“. На пример: „џинга мангис“ значело – нема пари, „варми партал“ – има месо во јадењето, „пеис јок“ – нема ракија, а „џезлам“ значело – крај на свирката. По војната, познати се главно чалгаџиските состави на Радио Скопје и на друштвото „Јени јол“. И денес продолжува чалгаџиската традиција, со чалгаџиски состави. А ако влезете во некоја чајџилница во Старата чаршија, каде што седат повозрасните, ќе се развие и приказната за чалгаџиите, преку живото сеќавање за нив: кој свирел на ќемане, кој свирел на ут, а кој на џумбуш…