За Меѓународниот ден на лицата со попреченост ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ од Кисела Вода доби донација сензорна соба, преносни и десктоп компјутери и бесплатни тестови за вирусот ковид-19.
Денеска општинското основно училиште „Невена Георгиева Дуња“ од општина Кисела Вода, го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
По тој повод, благодарение на донацијата од „Биотек лабораторија“ и сопственичката Анкица Синадиновска Базерко, во училиштето за децата со аутизам и со други попречености беше ставена во функција сензорна соба. Но ова не беше единствената помош, „Биотек лабораторија“ за децата со попреченост и за вработените во училиштето, обезбеди бесплатни тестови за вирусот ковид-19, а за потребите на учениците, донираше и неколку преносни и десктоп компјутери.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој се одржа под мотото: „Не сите попречености се видливи“, го збогатија и учениците. Тие преку глума, се ставија на местото на нивните другарчиња, кои имаат различни попречености, и покажаа како може да му се помогне на лице со попреченост/инвалидност, а за таа цел, се одржа и кратка презентација.
На крајот на настанот, беше пуштена песна на знаковен јазик, изведена од ученички од училиштето.
Настанот го проследија градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, претседателот на Советот на Општината, Дарио Шимиќ и претставничката на „Биотек лабораторија“, Николета Синадинова.
За донациите, општина Кисела Вода и ООУ „Невена Георгиева – Дуња“, упатуваат благодарност до „Биотек лабораторија“.