Фото: Игор Бансколиев

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА БУТЕЛ, ВЕЛИМИР СМИЛЕВСКИ

„Кога станав градоначалник бев реализиран стопанственик, кој имаше само една цел. Да го направам Бутел подобро место за живеење. И тоа што го ветив немам сомнеж дека ќе се случи“. Со овие зборови го започна разговорот со нас градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, кој меѓу граѓаните важи за вреден и позитивен лик што си ја сака својата општина и кој им е достапен на сограѓаните за сите прашања и проблеми.

Очигледно е дека граѓаните забележуваат оти во општината се работи мошне интензивно, особено на инфраструктурни проекти. Што се сработи досега во Бутел?
– Долга е листата на реализирани проекти изминативе неполни три години. Но едно имам да кажам, дека развојната експанзија на Бутел допрва следува. Можам слободно да кажам дека Бутел се развива во модерна и урбана општина со иднина и големи можности за развој на малите и на средните претпријатија во сите области. Општината има економски раст како никогаш досега. Голем број успешни и познати компании инвестираа во објекти и комплекси во нашата општина. Новите инвестиции се должат на подобрувањето на бизнис-климата преку решавањето на инфраструктурните проблеми и имплементирањето нови и подобрени решенија, како што е изградбата на водоводот и канализацијата во индустриската зона Визбегово, што беше еден од децениските проблеми на стопанствениците и огромна пречка за нови инвестиции. Во периодот зад нас се реализирани голем број капитални инвестиции што го изменија ликот на општината. Реализирани се капитални инвестиции во реконструкции и санации на сите седум основни училишта и во сите детски градинки на територија на
Општина Бутел. Реконструирани се повеќе од 40 сервисни улици, каде што е поставен асфалт со вкупна површина од околу 40 илјади квадратни метри.

Изградени се 15 пешачи патеки со вкупна површина од шест илјади квадратни метри. Изградена е нова инсталација за осветлување на 30 локации во должина од пет илјади метри. Во завршна фаза се реконструкцијата и проширувањето на патот од Бутел до селото Љуботен со должина од шест километри км во вредност од 13 милиони денари, средства финансирани од буџетот на Општина Бутел. Покрај многубројните реализирани проекти, огромна поддршка за развојот на Бутел добивме и од градската власт. Пуштен е во употреба модерниот булевар Христијан Тодоровски-Карпош, а во завршна фаза е и изградбата на исклучително важниот за бутелчани булевар Босна и Херцеговина, кој ќе се поврзе со булеварот Христијан Тодоровски-Карпош. Во меѓувреме е изградена атмосферска канализација и реконструирана е главната артерија на Бутел од улицата Боца Иванова до улицата Бутелска.
Со реализираните проекти досега далеку од тоа дека се решени сите проблеми и дека се задоволени сите потреби на граѓаните, но како и досега ќе продолжам да работам чесно и одговорно заради потврдената доверба од моите сограѓани.

Кои проекти се планираат наскоро, што да очекуваат граѓаните?
– Како што напоменав претходно, развојната експанзија на Бутел допрва следува. Во овие неполни три години ми беше потребно да ги увидам ситуациите на терен, да се запознаам со проблемите на граѓаните, да ги консолидирам ресурсите и да го анализирам направеното.
Но од сега и во иднина следуваат важните проекти за бутелчани, кои се од исклучителна важност, а дел од нив беа и во мојата програма. Станува збор за изградба на нова поликлиника на територија на општината. Поликлиниката во целост ќе биде сервисирана од Владата, а се надеваме дека за брзо време почнуваме со изградбата. Средствата ги имаме, а моментално се чека измена на деталниот урбанистички план (ДУП) за да може Општината да издаде одобрение за градба и да почнат работите. Во меѓувреме, пак, со Министерството за здравство разговараме за опциите каде би се лекувале и прегледувале корисниците на амбулантни услуги додека се гради поликлиниката. Потоа следува и изградба на нова полициска станица и пожарна, за која веќе имаме предвидено локација.

Кои се приоритетите што бараат особено внимание?
Во ситуацијата во која се наоѓаме, за бутелчани исклучително важни се сите предвидени проекти за реализација, но тука би ја издвоил борбата против нашиот најсериозен непријател – пандемијата на ковид-19, а потоа и заштитата на животната средина како еден исклучително важен фактор за здравјето на сите нас. Наш приоритет е да ја кренеме јавната свест на жителите и сите заедно интензивно да се грижиме за заедничкиот воздух, за водите и за зелените површини. Ќе има строга контрола и високи казни за загадувачите, комунална општинска полиција и 24-часовен надзор на инспекциските служби. Повеќе екоинспектори, повисоки казни за фабриките што не ги исполнуваат еколошките стандарди и повисоки казни за граѓаните што загадуваат. Тоа се, според мене, приоритетите на кои ќе обрнеме исклучително внимание во иднина.

На прагот сме од почетокот на учебната година, дали училиштата и градинките се подготвени да почнат да работат, доколку Министерството за образование и наука одлучи да има физичко присуство во училиштата?
– Технички и оперативно училиштата и градинките се подготвени за почеток на новата учебна година доколку МОН одлучи да има физичко присуство на ученици во училиштата. Покрај реновираните и свежо варосани училишта, ќе обезбедиме автобуси што ќе вршат училиштен транспорт и ќе бидат дезинфицирани пред секое возење. Училиштата постојано и навремено ќе набавуваат соодветно количество средства за дезинфекција на рацете, сапун, хартиени бришачи за раце и резервни маски за лице за учениците и за вработените што заборавиле да понесат своја. Покрај мерките за заштита како што се: носење маска, држење растојание, по едно дете во клупа, дезинфекција на рацете и обувките, мерење температура, ќе се организира и психосоцијална поддршка на учениците и стручните соработници во училиштата (психолог, педагог, социјален работник, специјален едукатор).
Општината ги задолжи сите училишта да организираат дискусија со учениците на тема за стигматизацијата, односно справување и надминување на стереотипите за лица што биле заразени со ковид-19 или кои се претпоставува дека се заразени. Сите училишта се опремени со кујни, што значи, доколку родителите пројават интерес, училиштата се подготвени да обезбедат и храна за сите ученици.

Вие сте еден од најактивните градоначалници на социјалните мрежи. Комуницирате со граѓаните и одговарате на нивните прашања и сугестии. Дали и оттаму црпите информации за да ги насочите активностите кон задоволување на потребите на граѓаните?
– Користењето на социјалните мрежи е дел од моите секојдневни обврски, тука сум доста активен. Идниот развој на општината зависи од сите нас и токму затоа го користам ваквиот пристап, бидејќи ми помага полесно да стигнам до важни информации од терен и од граѓаните. Наедно сметам дека на овој начин успевам да бидам транспарентен и одговорен кон граѓаните. Не сум присутен онлајн затоа што е модерно, туку, пред сè, за да се излезе во пресрет на очекувањата и навиките на граѓаните, кои во огромен процент се активни во интернет-просторот. Сметам дека обврска на секој функционер е да комуницира и да дава одговори и информации за граѓаните и медиумите.

Неминовно е да го завршиме интервјуто со неколку прашања за коронавирусот. Со оглед на ситуацијата предизвикана од ковид-19, како се снаоѓате со секојдневните обврски?
– Повеќе од шест месеци ние и целиот свет живееме со пандемијата предизвикана од коронавирусот. Ситуацијата воопшто не е лесна за никого, но мораме да издржиме и да се справиме со тоа. Ова е ситуација на која сите треба да ѝ пристапиме сериозно и одговорно, да слушаме и да ги применуваме мерките и препораките од Министерството за здравство. Од почетокот на пандемијата секојдневно одам на работа и ги завршувам моите работни обврски. Се заштитувам на начин како што советуваат од Министерството за здравство, постојано го мијам рацете, користам средства за дезинфекција и, без исклучок, носам маска. Не сум исплашен туку повеќе сум загрижен за моите најблиски и за безбедноста на нашите граѓани.

Што презема Општината за заштита на своите граѓани и за справување со коронавирусот?
– Со почетокот на пандемијата оваа година, Општина Бутел ги засили мерите за заштита на граѓаните од ширење на вирусот со целосно дезинфицирање на сите јавни површини, училишта, верски објекти и пазари. Формиравме мобилни тимови за набавка на храна и лекови за стари и изнемоштени лица што живеат на нашата територија. На почетокот на пандемијата Општината им подели повеќе од 500 пакети со храна и средства за хигиена на социјално ранливите категории, а во моментов подготвуваме и ново количество помош за 200 лица со социјален ризик. Проблем се создаде и со почетокот на изведбата на онлајн наставата за учениците, која почна последните месеци од учебната година како последица од затворање на училиштата поради пандемијата на коронавирусот. Увидовме дека секое семејство нема компјутер дома за своето дете ученик. Со моја лична донација и со донација од граѓаните успеавме да поделиме 50 компјутери за ученици, чии родители не беа во можност да ги купат. Во периодот што следува внимателно ќе ја следиме состојбата со вирусот и ќе продолжиме посветено да работиме за заштита на сите наши граѓани.

Верувам многумина сакаат да ве отпоздрават, да ви ги кажат проблемите со кои се соочуваат, да ви дадат идеи и слично, па како се справувате со оглед на фактот што и вие треба да го чувате здравјето, а, сепак, сакате да ги испочитувате граѓаните?
– За мене кружат интересни муабети. Велат дека не постои жител од општината што не сум го примил на разговор, еднаш или повеќепати за да ги ислушам неговите потреби и барања. Знам на среде улица да го прекинам телефонскиот разговор за да се поздравам со моите сограѓани. Ова беше мојот единствен завет кон себе кога пред три години станав градоначалник. Сакав поинаков, искрен пристап кон моите сограѓани и кон луѓето што ми ја дале довербата да ја водам Општината. И тоа го правам секојдневно. Од првиот ден сум на терен и секогаш сум помеѓу граѓаните. На почетокот на пандемијата вистина е дека ги намалив физичките присуства на состаноците во затворени простории и ги заменив со онлајн состаноци, но продолжувам на терен, почитувајќи ги мерките за заштита и безбедност од ширење на вирусот.