Зелени површини

До старата мелница позната со името „Млин Куманово“ сега се наоѓа училиштето „Коце Металец“, спроти бензинска пумпа и автопатот што води кон населбата Ченто, Куманово и Велес, пред самиот влез во млинот неколку мали баракчиња за продавање брза храна и патот што води кон Маџари. Млинот е наречен Куманово веројатно поради некогашниот стар пат што водеше кон Куманово го доби името „Млин Куманово“. Млинот и сега постои, одамна не работи и се наоѓа во неблагодарна состојба, обвиткан со пајажина, дејствува како авет, но упорно му пркоси на времето.
Ова е биографијата на стариот млин, кој работеше сѐ до земјотресот од 1963 година или малку потоа. Пред земјотресот на местото каде што сега е училиштето „Коце Металец“, постоеше една ниска и долга градба, која личеше на коњушница, неколку трагачи за покрив над глава принудно дојдени од Егејот самоиницијативно ја приспособија коњушницата, во која во некои времиња навистина се чуваа коњи или друг добиток, ја потсредија колку што може попристојно, и во неа се сместија тринаесет фамилии протерани и жртви на Граѓанската војна во Грција, меѓу кои и моите блиски. Околу долгата градба сѐ беше послано со зеленило, имавме убав видик кон Хиподром, и бидејќи земјата беше плодна постоеја широки и длабоки канали, каде што често доаѓаа рибари што ловеа крапови и поради ваквата дејност и атмосфера се чинеа како да живеевме во македонско елдорадо.
Целиот простор околу коњушницата беше наменет и се користеше за одгледување земјоделски производи, редица од бавчи и овоштарници, дури имаше и пространи фарми своина на поранешните наречени колонисти, една од нив беше веднаш покрај нашата градба, која му припаѓаше на некојси Поповиќ, веројатно и коњушницата беше своина на истиот човек, која поседуваше сѐ што е потребно за одгледување земјоделски производи, снабдена и со мотор за вадење вода, што за тоа време беше реткост и голема предност. Зад нашето живеалиште исто имаше голема кооперација, задруга или приватна фарма, во која се одгледуваа претежно пиперки, домати, краставици, лубеници, моркови, дури и пепони, дињи. Често по барање на стопанствениците или одговорните, бевме ангажирани како наемни работници за собирање или прочистување на траповите на земјоделските растенија. Од тоа време се потсетувам на мирисот и вкусот на доматите или бојата на лубениците, кои беа божествено убави и вкусни, еден домат и парче леб претставуваа прекрасен оброк. Од овој временски агол, понекогаш си велам, сиромаштијата може да биде чудесно убава!
Патот што водеше кон селото Маџари нѐ делеше од другиот зелен простор каде што постоеше една друга градба со чудно име Недовршена, навистина таквиот објект беше недовршен без прозорци и врати, а во него педесетина семејства исто така дојдени од Егејот, и тие ја прикрпија недовршената градба колку што можеа и како можеа за да заличи на нивно ново недовршено прифатилиште. Градот или котлината Скопје од источната страна завршуваше или почнуваше кај поранешна Трошарина, каде што сега се наоѓа хотелот „Континентал“, од западната страна завршуваше кај денешен Архитектонски факултет, оттаму сѐ до течението на Вардар, на целиот простор постоеја пространи овоштарници, значи идеално место за култивирање на сѐ што човек може да посака, терен што заличуваше на рајска градина. Добро се сеќавам на кајсиите, црешите, вишните или праските од тој регион, кој можеше да го храни не само Скопје туку и цела Македонија.
Во сегашната општина Аеродром имаше авионска писта, каде што слетуваа или полетуваа помали авиони, и еден овоштарник, кој го носеше името на рускиот научник Мичурин. Од Автокоманда, преку „Млин Куманово“, сѐ до Недовршената, во тоа време можеше да се видат окер-зелени површини, на некои места парцели со афион, легално одгледувани, меѓу пупките од афионот понекое стебленце жито, а во мај просторот ќе зацрвенеше од мајските црвени пупулки. Окерестата боја ја правеше афионот, подоцна можевме да ги видиме и разбереме сликите на Личеновски „Полиња со афион“.
Како ученик во Уметничкото училиште, се дружевме често со колегата Владо Георгиевски, кој, за жал, сега не е меѓу нас. Владо живееше на Бит-пазар, а кога ќе дојдеше кај нас, ќе се поздравеше со моите, потоа одевме по ридовите, кои водеа кон сегашно Арачиново а во тоа време беа недогледни зелени површини. Со Владо во тоа време ги правевме нашите први цртежи при сонце, под некој темен облак или во ненадеен летен дожд.
Овие емотивни и сентиментални сеќавања не ги напишав за да ги раскажам условите во кои сите живеевме во едно минато време, туку да се запрашаме што се случи со Скопје или што направивме со нашиот главен град? Пред некој ден од пазарот во Ченто купив лута пиперка за триесет денари, една пиперка! Скопје сега заличува на хаотичен град, насекаде кат по кат се храни и гради вистинско урбано чудовиште. При секоја промена на власта, сите почнати објекти од поранешната власт, новата не ги завршува или има намера да ги урне! Почнува нови градби и прашање дали ќе има време да ги заврши! И така сѐ во круг! Барем во градењето да се сложни, нема место од централното градско подрачје а да не никне понекоја мамутска грда градба, која шири простотилак и евтина комерцијална некултура. Како одат работите, нема да биде чудно ако еден ден почнеме да дишеме преку маски! Како се однесуваме кон главниот град, на ист начин дејствуваме и кон државата.