Фото: Архива

Никогаш не знаеш на каков човек ќе наидеш. Некој ќе плати казнен билет и ќе се извини, друг, пак, ќе се објаснува со нас, така е секогаш на почетокот кога ќе фатиме човек без платен билет. Прво се објаснуваат зошто не платиле. Како што одминува времето и сфаќаат дека нема да се извлечат, почнуваат со тешки закани… Потоа со притисоци дека ќе се јават кај чичковци, татковци, вујковци, министри, премиери дека ќе летаме од работа поради тоа…, а на крајот некои и извршуваат и физичка атака врз нас… тоа ни е речиси секојдневие, вели контролор во ЈСП

Стресни доживувања и животни приказни
од секојдневното работење на контролорите на ЈСП

Со односот што го имаме кон другите луѓе најдобро покажуваме какви сме ние самите. Ако судиме според оваа поговорка, нашата култура на однесување покажува всушност со колкава некултура располагаме. Доволно е само еден ден да се помине во автобус на скопското јавно сообраќајно претпријатие за да сфатиме какви поединци живеат меѓу нас. Агресивни патници што ги туркаат сите и патници што не плаќаат за возењето се секојдневие во градскиот превоз. За жал, најчести жртви на таквите патници се контролорите на ЈСП, чија работна позиција е токму таа – да им ги проверат билетите на патниците, односно да ги санкционираат оние што не платиле за користењето на јавниот превоз.

НАСИЛСТВОТО И ЗАКАНИТЕ, за жал, стануваат СЕКОЈДНЕВИЕ

Пред само неколку дена, двајца контролори на ЈСП, еден маж и една жена, кои си ја извршувале работната задача во автобус, биле бескрупулозно физички нападнати од едно лице, патник во автобус на ЈСП. Причините сѐ уште не се познати, а полицијата работи на расчистување на случајот.
Ова не е ниту прв ниту последен случај. Контролорите ја имаат можеби една од најстресните, па и најризичните професионални работни обврски во земјава. Тие речиси никогаш не знаат на каков човек ќе наидат и дали ќе добијат шлаканица, евентуално плуканица в лице или пцост, само затоа што од лицето побарале да го покаже влидираниот билет за користењето на услугата.
Од нашите разговори со лица што работат како контролори во ЈСП, тие најчесто наидуваат на агресивни луѓе што не платиле билет, па со агресивност и заплашување се обидуваат да компензираат за неплаќањето, надевајќи се дека ако се заканат ќе поминат без последици.
– Никогаш не знаеш на каков човек ќе наидеш. Некој ќе плати казнен билет и ќе се извини, друг, пак, ќе се објаснува со нас, така е секогаш на почетокот кога ќе фатиме човек без платен билет. Прво се објаснуваат зошто не платиле. Како што одминува времето и сфаќаат дека нема да се извлечат, почнуваат со тешки закани… Потоа со притисоци дека ќе се јават кај чичковци, татковци, вујковци, министри, премиери дека ќе летаме од работа поради тоа…, а на крајот некои и извршуваат и физичка атака врз нас… тоа ни е речиси секојдневие – вели контролор во ЈСП, кој замоли да остане анонимен.
Тој вели дека работата им е мошне стресна и оти понекогаш дури се плашат да им пријдат на поголема група млади лица бидејќи не знаат што ги чека.
– Денес често децата носат нож, боксирач, секакво ладно оружје. Ако се поголема група и ако ги налутиме, може веќе на станицата на која ќе слеземе да се симнат и да нѐ натепаат. Денес веќе човек мора да се чува од сите – револтирано и по малку разочарано вели тој.
И возачите велат дека се честа цел на вербални напади.
– Ако некој има проблем со валидаторот веднаш нѐ напаѓа нас. Ако имаат проблем со мобилниот телефон од каде што плаќаат, повторно гневот го насочуваат кон нас, а не сфаќаат или не сакаат да сфатат дека, всушност, ние само возиме и немаме никаква врска со плаќањето на билетите. Дополнително, ако се качи патник што сака да купи еден билет, а ние тоа повеќе не го правиме, ни се случуваат разни вербални напади – вели возач на автобус.

ВО ПОРАСТ БРОЈОТ НА НАПАДИ НА КОНТРОЛОРИ

Во споредба со извештајот за работењето на ЈСП „Скопје“ за периодот јануари-декември 2021 година, минатата 2022 година има зголемување на бројот на инциденти во автобусите по разни основи. Ако за 2021 година биле регистрирани 81 проблем во автобусите на ЈСП, минатата година бројката пораснала за 20 инциденти, па евидентирани се 101 проблем.
– Од 101 регистриран проблем, дел се проблеми на релацијата патник – возач (три напади на возачи, 20 закани врз возачи), патник – контролор (20 вербални расправии, шест напади врз контролори), 16 тепачки помеѓу патници и други проблеми – информираат од ЈСП.
Споредбено со 2021 година, намалена е бројката на напади на возачи. Тогаш имало дури 13 напади на возачи. Пораст има кај нападите на контролорите, кои во 2021 година имале 15 вербални напади и четири физички.
– Посочените инциденти се регистрирани од страна на внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“, односно пријавени инциденти во МВР. Во вакви ситуации, возачот/контролорот/патникот може да побара асистенција/помош за решавање на проблемот во внатрешната контрола на ЈСП „Скопје“, односно МВР – велат од сообраќајното претпријатие.

[email protected]