Во Македонија, во согласност со законот за ограничувањето во однос на старосната граница за управување моторно возило или возило на моторен погон, возачка дозвола се издава до навршување 75 години старост на лицето, а по тој рок истата таа се продолжува врз основа на наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето

Некои аспекти на безбедноста во сообраќајот на патиштата, каде што учесници се граѓани од повозрасната категорија

Честопати низ скопските улици можат да се сретнат постари лица што седат зад воланот и спокојно управуваат моторно возило. Имено, според мислењето на повеќе анкетирани возачки инструктори од неколку автошколи, повозрасните лица се едни од најдоследните почитувачи на сообраќајните правила и прописи.
Но, според соговорниците, токму тука се раѓа и „проблемот“ врзан за оваа старосна категорија возачи. Тие редовно се цел на сообраќајно „насилство“ од страна на другите поагресивни учесници во сообраќајот, кои редовно некаде брзаат, игнорирајќи ги сообраќајните прописи и истурајќи ја својата возачка некултура токму врз таа повозрасна категорија возачи.
Во истиот контекст, соговорниците со долгогодишно искуство во сообраќајот издвојуваат уште една честа појава на адреса на повозрасните лица што се учесници во сообраќајот, а тоа е поради нивниот „проблем со видот и рефлексите“.
Тие две беа главните причини што се обидовме да ги анализираме, а исто така и да дознаеме каква е праксата во Македонија и до која возраст едно лице се смета за способно за управување моторно возило.

Кога заминува „во пензија“ и управувањето моторно возило

Факт е дека возењето деновиве е потреба, а не луксуз, бидејќи Скопје стана огромен град, а возењето нуди низа поволности, особено за постарите лица што се способни да управуваат автомобил.
Нема метежи во автобуси, нема чекање автобуси, а велосипедите, особено за категоријата граѓани што се над 65 години, и не се многу безбедно превозно средство во главниот град.
Токму затоа сѐ почесто низ Скопје можат да се забележат постари лица зад воланот.
Според учесниците во сообраќајот, возењето треба возрасно да се ограничи. Тврдат дека постарите го кочат сообраќајот, не догледуваат, а и немаат рефлекси.
– Јас имав сообраќајна несреќа со еден човек на 70 години. Тој човек практично е на иста возраст со мојот дедо со кого живеам во иста куќа. Илјада пати ми се извини, со објаснување дека не видел дека кочам, поточно, буквално ми кажа дека не догледувал. Му велам, па зошто воопшто возиш? Прво си ја нарушуваш сопствената безбедност, потоа на сите што ги возиш, а на крајот и на сите други учесници во сообраќајот. Ми вели знам, затоа и полека возам, со 30 километри на час. Му велам дека тоа така не оди и дека и тоа е опасно, особено на места каде што е дозволено да се вози 50 километри на час. А и да не е брзината, доволно е тоа што, ете, не догледува. Утре дете ќе му истрча, ќе го прегази поради тоа што не догледува, а и рефлексите не му се силна страна – вели Ѓоко С., кој работи и како инструктор за возење.
Тој додава и дека многумина од лицата и на 60-годишна возраст имаат доволно здравствени проблеми, кои можат катастрофално да се одразат во сообраќајот.
– Ете, еден мој познаник упорно вози со перде на окото, навечер многу слабо гледа, има 63 години и, како што викаат старите, не се предава. Не е свесен дека може да предизвика катастрофа за него и за сите други. Не велам дека е вака кај сите. Не е ова дискриминација, напротив. Има луѓе и на 70 години што се во одлична форма, имаат одлични рефлекси и вид и не гледам причина зошто да не возат. Ова е апел за оние што не се – вели тој.

Кој е ставот на возачите од повозрасната старосна категорија?

Постарите, пак, имаат различни ставови. Едни велат дека не сакаат да возат поради хаосот во Скопје, други, пак, велат дека без проблем седнуваат зад воланот.
– Имам 68 години. Здрав сум, витален, посериозни проблеми немам. Видот ми е одличен, патем, и редовно го проверувам. Возам возило затоа што чувствувам дека можам. А и не би дозволил да станам ризик во сообраќајот, особено затоа што ги возам своите внуци на сите активности каде што треба да стигнат. Во оној момент кога ќе почувствувам дека не можам, самиот ќе се откажам – вели Милош Димитриевски, пензионер од Скопје.
За Борис Трајков, пак, токму слабиот вид бил причина да „го пензионира“ возењето.
– Признавам, годините веќе ме издаваат. Не е исто да возиш на 50 и на 67, има голема разлика. Можеби некаде не, но јас ја почувствував. Дополнително, имам проблем со шеќерот, знае да рипне или да падне, па да ми се слоши, а тоа не е нешто што сакате да ви се случи додека возите. Престанав да возам пред четири години. А и не ми недостига воопшто. Во овој сообраќаен хаос си ги зачував нервите – низ шега вели тој.

ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ

Во Македонија, во согласност со законот, ограничувањето по однос на старосната граница за управување моторно возило или возило на моторен погон, возачка дозвола се издава до навршување 75 години старост на лицето, а по тој рок истата таа се продолжува врз основа на наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето.
– Во согласност со постојната законска регулатива во Република Македонија, кај лица постари од 65-годишна возраст не се врши проверка на способноста за возење – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека во членот 304 став 1 од ЗБСП е пропишано дека возачката дозвола се издава со рок на важење од десет години, а на лицата постари од 75 години, со рок на важење до пет години.
– Во ставот 4 од истиот член е пропишано дека на лицата што во време на издавањето на возачката дозвола имаат повеќе од 70 години возраст, возачка дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето 75 години возраст. Во ставот 5 од истиот член е пропишано дека возачка дозвола може да се издаде или нејзината важност може да се ограничи и на рокови пократки од роковите утврдени во ставовите (1), (2) и (4) од членот 304, врз основа на наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето – велат од МВР.