Летните температури најдраматично се доживуваат во градските средини
Пред само неколку години, кога градските власти вршеа мерења со термални камери, на девет точки во централното градско подрачје беше евидентиран ефектот на урбани топлотни острови. Највисоките температури, во согласност со мерењата на овие девет локации, се движеа меѓу 50 и 55 Целзиусови степени, а највисоката температура од 60,3 степени беше измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на ЕУ во Центар
Летните температури најдраматично се доживуваат во градските средини, на асфалтот, помеѓу многуте згради и бетон. Тоа најдобро го знаат оние што секојдневно, поради работните обврски се некаде на отворено, но во урбаната градска средина. Затоа и налето сите бараме „дебели“ сенки за да се заштитиме од летните горештини, од пеколното сонце и за да се разладиме. За жал, порано имавме голем број дрвореди покрај кои беше пријатно да се пешачи, па и да се вози, бидејќи се возеше во сенка, меѓутоа денес, сите се „пржиме“ на силното сонце.
ЕКСТРЕМНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ НА СКОПСКИОТ АСФАЛТ
Како и во секоја голема метропола така и во Скопје, речиси е невозможно да се најде „длабока сенка“, која при движењето ќе обезбеди ладовина. Дека летото станува сѐ понеподносливо во Скопје, говори и фактот за температурните разлики во централното градско подрачје, на булеварите и во урбаните населени места.
Оној што во летниот период кога температурите на воздухот неретко се искачуваат на 40 степени не бил во централното градско подрачје пеш, не почувствувал како е да се наоѓаш „под вршник“. Екстремно високите температури се навистина екстремни во Скопје, а особено во централниот дел на градот, каде што присуството на згради и бетон е на максимално ниво.
Речиси секоја метропола во своето централно градско подрачје каде што се сместени голем број државни институции, банки, хотели, продавници за облека и храна, пазари и многу други дејности се соочува со повисока температура на воздухот за неколку степени од локациите каде што има повеќе зеленило. Таквите појави се нарекуваат урбани топлински острови во еден град, кои всушност ги означуваат локациите каде што температурата на воздухот е повисока од другите места во градот.
Урбаните топлински острови познати како УТО се ефект што се јавува во урбаните области на големите градови, како резултат на покриеноста на земјиштето со згради и асфалтни површини. Овие површини многу повеќе ја задржуваат топлината во споредба со природните екосистеми и руралните средини, кои се покриени од дрвја и вегетација и со тоа дополнително се оладуваат преку процесот на испарување на водата. Градовите, исто така, создаваат сопствена топлина, која се ослободува од извори како што се печки, климатизери и возила.
Бетонот дејствува како ладилник, што значи дека ја апсорбира топлината, а како резултат на тоа, потоа зрачи со преголема топлина во летните денови. Сето ова е познато како ефект на урбани топлотни острови. Зрачењето на оваа апсорбирана топлина може да предизвика несакани ефекти, како голема жештина на стапалата кај луѓето и шепите на домашните миленичиња, како и зголемен ризик од изгореници од сончевите зраци.
Пред само неколку години, кога градските власти вршеа мерења со термални камери, на девет точки во централното градско подрачје беше евидентиран ефектот на урбани топлотни острови. Највисоките температури, во согласност со мерењата на овие девет локации, се движеа меѓу 50 и 55 Целзиусови степени, а највисоката температура од 60,3 степени беше измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на ЕУ во Центар.
ВЕЛОСИПЕДИСТИТЕ РЕАГИРААТ
Од тие причини, најгласни во одбраната на зеленилото во градот се токму велосипедистите, кои велат дека дрворедите не треба никако да се сечат.
– Би возеле точак на асфалт со температура 29,8 степени или 58,9 степени? Не е воопшто сеедно, нели?
Дали донесувачите на одлуки од локалната власт, сообраќајните инженери и урбанистите би пешачеле или би возеле точак на асфалт жежок 58,9 степени? Ако не, зошто очекуваат другите да го прават тоа? Тротоарите и велосипедските патеки не треба да се декор на коловозите за автомобили. Тие треба да се во функција на оние што ги користат. На луѓето на овој град – велат од неформалната организација на велосипедисти „На точак“.
Оттаму велат дека создавањето улици не е просто фрлање асфалт. Создавањето улици е создавање живот во еден град.
– За скопската клима е неопходно планирање зеленило во склоп на улиците, особено така позиционирано за да им прави сенка на оние што не се климатизирани: пешаците и велосипедистите. Лошиот дизајн на улиците во еден град ги поттикнува луѓето на своја рака да наоѓаат решенија. Пешаците и велосипедистите прават прекршоци (движејќи се по туѓи патеки или во обратна насока) затоа што бараат сенка и ја избегнуваат екстремната загреаност на патеките изложени на сонце. Луѓето се однесуваат како луѓе, а планерите треба да планираат град според потребите на луѓето, а не според потребите на автомобилите. Неправедно е што во вакви климатски услови, пешаците и велосипедистите го извлекуваат подебелиот крај при чекање на семафори, кои се изложени на сонце и програмирани да им служат само на автомобилите – велат велосипедистите.
Тие додаваат дека е фасцинантно што температурата на озеленетиот простор, дури и кога е изложен на сонце е блиска и пониска од амбиенталната, за разлика од асфалтот, кој е 20 степени над неа.
– Од сето ова заклучуваме дека во следните правилници, планови за Скопје – вело-град, генерален план за Скопје, планови за зеленило и за справување со климатските промени, проекти за сообраќајници итн. мора да има задолжително планирање на богато зеленило на улиците и особено булеварите (па и по цена на скратување коловозни ленти) и соодветно позиционирање за да биде од најголема корист. Не смее да има патеки што во текот на целиот ден се изложени на сонце – потенцираат од организацијата.
Според нив, откако градските власти неодамна најавија целосна реконструкција на улицата Цветан Димов во скопски Чаир, каде што ги има едни од најстарите и најубавите дрвореди во Скопје, тоа значи веројатна сеча на највредните скопски дрвореди.
Што треба да се случи со улицата Цветан Димов?
Неодамна градските власти најавија дека ќе вложат 140 милиони денари или 2,3 милиони евра за изградба на улицата Цветан Димов во скопски Чаир. Улицата целосно треба да се реконструира од крстосницата со Христијан Тодоровски Карпош и со Џон Кенеди. Средства за реализација на проектот ќе се обезбедуваат до 2025 година, а прашање е каква идеја има градот, со оглед на тоа што по должината на целата улица има лоцирани стотици кафулиња и продавнички, чии сопственици велат дека нема толку лесно да ѝ ги предадат на државата.
Градоначалничката Данела Арсовска уште лани најави дека ќе ја отстранува бетонската ограда среде улицата, која беше единствен спас од претрчувањето на пешаците преку улицата. Најави голем проект за овој дел од градот, меѓутоа детали не се познати и до ден-денес.