Фото: Маја Јаневска-Илиева

Веќе извесен период во викендите, но и во вечерните часови, во Градскиот парк може да се забележи зголемено присуство на посетители. Паркот секогаш е најдобриот избор за граѓаните што не сакаат да патуваат надвор од градот, а кои сепак сакаат да се рекреираат или да прошетаат низ опкружение што најмногу потсетува на природата, меѓутоа доколку сите што го посетуваат се однесуваат одговорно и не го оставаат отпадокот каде што ќе стигнат, ќе биде уште подобро

РАЗЛЕТАНИ ОТПАДОЦИ ВО ЗЕЛЕНАТА ОАЗА НА СКОПЈАНИ

Фактот што времето во изминатиот период се стопли и имавме повеќе сончеви денови со повисоки температури беше доволна причина за граѓаните да излезат и да ги поминат деновите на отворено, каде што со своите семејства ќе се рекреираат. Градскиот парк е едно од местата каде што и во вечерните часови веќе има раздвиженост како последица на повисоките температури. Сепак, тоа ги извади на виделина старите лоши навики на скопјани, а кои, исто како и на Водно, ја покажуваат грдата слика на жителите на главниот град.

РАЗЛЕТАНО ЃУБРЕ И РАСФРЛАНИ ПЛАСТИЧНИ И ШИШИЊА

Веќе извесен период во викендите, но и во вечерните часови, во Градскиот парк може да се забележи зголемено присуство на посетители. Паркот секогаш е најдобриот избор за граѓаните што не сакаат да патуваат надвор од градот, а кои сепак сакаат да прошетаат, меѓутоа доколку сите што го посетуваат се однесуваат одговорно и не го оставаат отпадокот каде што ќе стигнат, ќе биде уште подобро.
Најчесто отпадоците се составени од пакувања од разна храна и грицки и од стаклени шишиња, кои помладите генерации ги оставаат во тревниците по изминатите бурни ноќи, како и влажни марамчиња, но, за жал, има и многу измет од кучиња.
Екипата на „Нова Македонија“ направи обиколка во саботата вечер за да ја утврди фактичката состојба и, навистина, иако екипите на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ го имаа собрано ѓубрето, вечерта се собираа група млади лица што ги „окупираа“ клупите, грицкаа сончоглед, фрлајќи ги лушпите на земја, а и догорчињата каде што ќе стигнат.
Да не ги споменуваме и езерцата во паркот, каде пливаат разни отпадоци што несовесните граѓани ги фрлиле од само ним познати причини, па надлежните мора постојано да ги собираат со мрежи.

НАДЛЕЖНИТЕ ВО БОРБА СО ЗАГАДУВАЧИТЕ

За хигиената во Градскиот парк е задолжено јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, од каде што, за волја на вистината, речиси постојано ги собираат отпадоците од несовесните граѓани.
Постојано се организираат акции за чистење на паркот покрај редовното чистење на тревните површини. Поголема таква акција се реализира неодамна, кога имавме празничен продолжен викенд, а тоа автоматски значи и зголемено количество смет.
– Викенд со убаво време во Скопје за нашите теренски екипи значи и зголемен број на смет, остатоци од петарди, догорчиња од цигари, стаклени шишиња и други видови отпадоци. Никако да се зголеми свеста кај посетителите, сите фрлаат ѓубре каде што ќе стигнат, а што е најтрагично, сите плукаат по нас и по хигиената поради ѓубрето што тие го фрлиле. И кога има преполни канти за отпадоци, тие не го фрлаат ѓубрето во друга канта во која нема ѓубре, туку најлесно им е да го остават околу кантата. Мачки и кучиња ги разнесуваат на сите страни, па така, и се проширува ѓубрето низ паркот – низ разговор ни раскажа вработен во претпријатието, кој сакаше да остане анонимен.

Герила-акција „Ешерихија коли“

Во раните утрински часови неодамна во Градскиот парк во Скопје беше поставена скулптура „Ешерихија коли“, со која уметникот Озбек Ајваз сака да прикаже со какви сериозни здравствени проблеми би можеле да се соочат граѓаните поради недостиг од основни хигиенски услови низ градот, но и во Градскиот парк.
До самата изработка стои и табла на која може да се прочита објаснување за бактеријата, како таа се шири и како да се спречи нејзиното ширење.
– За да се намали ризикот од пренесувањето на оваа бактерија и да се обезбедат подобри хигиенски услови за граѓаните, неопходно е да се инвестира во изградба и одржување доволен број на јавни тоалети во градот – смета Ајваз и додава дека се потребни и стратегии за издигнување на свеста кај граѓаните за нивното одржување и користење.
Дека недостигаат јавни тоалети низ главниот град се согласуваат и граѓаните.
Тие велат дека оние малку што ги има се во катастрофална состојба, неисчистени и оттаму демнат зарази.
Проблемот со јавните тоалети во Скопје постои веќе неколку децении, речиси од независноста на земјава… По доаѓањето на Данела Арсовска за градоначалничка, по кејот на Вардар и во паркот, како привремено решение, се поставија монтажни тоалети, но по реакциите во дел од јавноста речиси сите беа отстранети, а остана уште еден во близината на фонтаната.

Клупи фрлени во Вардар

Деновиве загрижени граѓани испратија фотографии до повеќе медиуми на кои се забележани клупи од кејот на Вардар кај Градскиот парк во Скопје што биле фрлени во реката.
– Клупите поставени на пешачката патека се откорнати и фрлени во Вардар. Пријавивме во ЈП „Паркови и зеленило“, кое е надлежно за одржување на опремата – реагираа граѓаните што ја забележале уништената урбана опрема.
Клупите што се искршени беа поставени по должината кејот пред само неколку месеци, но очигледно нецивилизираните граѓани решиле да ги отстранат оттаму.
Град Скопје во мај лани склучи договор со фирмата „Лапласт“ за одржување на урбаната опрема низ градот. Договорот во вредност од 50.000 евра, кој е објавен на страната на Бирото за јавни набавки, вклучува замена на оштетените клупи и поставување нови. Но, ете, ни новите клупи не опстанаа доволно долго за скопјани да можат да се одморат и да закрепнат додека се рекреираат низ паркот или на кејот на Вардар.
По сѐ, што може да се извлече како заклучок? Очигледно многу работи во светот се менуваат, освен нашиот однос кон животната средина. Ќе треба да помине уште многу време за конечно да ги смениме лошите навики и нашиот однос кон она што треба да го чуваме и негуваме.

[email protected]