Фото: МИА

Советот на Град Скопје по втор пат го блокираше предлогот на градоначалничката Данела Арсовска за домашно долгорочно задолжување за набавка на еко автобусите.

Советниците на Град Скопје кои не дадоа поддршка на предлогот велат дека не добиле доволно информации околу начинот на набавката, додека од Град Скопје изразија жалење што советниците, наместо да ги задоволат скопјани, ги задоволуваат, како што посочија, партиските лидери.

– Градот Скопје им даде можност на советниците сами да ги изберат условите за кредитирање на проектот и спецификациите за набавка на автобусите, со цел што побрза реализација на суштински проект од програмата „За Модерно Скопје”, но за жал, партиите продолжуваат со нивното деструктивно однесување – се вели во соопштениет од Град Скопје.

Таа на денешната прес-конференција пред почетокот на 27.седница на градскиот Совет бараше поддршка од советниците за набавка на новите еко автобуси со кои, како што рече, ќе се подобрат условите во јавниот превоз, ќе се намалат трошоците и негативниот ефект врз животната средина.

Вториот обид на градоначалничката доаѓа по неуспешниот обид пред два месеца кога таа бараше од советниците да биде изгласан нејзиниот предлог за задолжување за набавка на нови еколошки автобуси.

Според предлогот, се предвидува задолжување на градот за набавка на 50 еколошки автобуси во вредност од 620 милиони денари, односно околу 10 милиони евра.

Градоначалничката Арсовска за време на нејзината предизборна кампања на локалните избори во 2021 година, во рамки на програмата „За Модерно Скопје“ најави 250 нови еколошки автобуси со коишто се планира да се реши сообраќајниот хаос и да се обезбеди подобра и побрза поврзаност во градот.

Инаку, на денешната седница советниците не го прифатија ниту предлогот за определување на износ за субвенционирање за купено ново еко возило на хибриден или електричен погон. Со овој пилот проект се предвидуваше Градот Скопје да субвенционира 200 илјади денари по возило.