Фото: принтскрин

Регионалниот развој е основа за нашиот понатамошен развој на државата и на економијата, а Коморскиот инвестициски форум (КИФ) е гласот на приватниот сектор на шесте земји на Западен Балкан. Работиме на подобрување на инфраструктурата, решавање на бариерите кои постојат меѓу нас за да го забрзаме протокот на стоки и услуги, да направиме заедничка авиокомпанија која ќе не поврзе директно и да ги решиме прашањата кои се врзани со сертификациските тела и документи со што ќе се забрза протокот на стоки и услуги – порача претседателот на Стопанската комора на Македонија и потпретседател на КИФ Бранко Азески.

Во изјава пред почетокот на настаните во рамки на Бизнис платформата ЕУ-Западен Балкан што денеска се одржуваат во Скопје, Азески порача дека Балканот е стотици години проблем на Европа и се уште не е променет во тој дел.

-Бизнисот може да биде единствениот кохезионен фактор и токму ова што го работиме во КИФ може само да придонесе и да помогне во надминување на проблемите на Балканот кои нема да бидат разрешени ни од нашите генерации – рече Азески.

Според него, во последниве 40 години регионот доби шанса, но не успеа да се докаже на ни едно поле.

– Како посебни држави сме индолентни кон сите процеси во светот кои се прекршуваат преку нас. Само со упорна работа и форсирање на бизнисот може да се постигне одреден напредок. На Балканот политиката е над економијата, политичките елити прават проблеми за да опстанат на власт, а не за да направат економски напредок. Ние како приватен сектор можеме тоа да го поместиме и да го направиме, но клучно прашање е дали тоа може да се направи без пари и со оптоварување од секакви давачки наместо тие пари да се вложат во приближување кон стандардите на ЕУ – рече Азески.

Цело време, додаде, работиме на тоа да не се воведат нови давачки кои, како што посочи, ќе не срамнуваат со земја.

-Нудиме концепт во наредните 10 години да се обединиме сите и да ги оставиме на страна политиките, а соработката да биде само во економијата, но со реална трка. Треба нов рамковен договор за економија и наредните 10 до 15 години да ги прогласиме за период во кој сите во Македонија  и сите на Балканот ќе се обединиме за да направиме исчекор и да овозможиме луѓето да останат тука. Луѓето ќе одат, миграцијата е природна појава, но ако понудиме подобри услови побрзо и ќе се вратат тука. Не можеме луѓето да ги задржиме за нога, туку со стандард и сигурност и обезбедување на функционирање на здравствениот и образовниот систем – порача Азески.

Претседателот на Коморскиот инвестициски форум, кој истовремено е и претседател на Стопанската комора на Косово, Лулзим Рафуна истакна дека од исклучителна важност е зајакнувањето на соработката на бизнис секторот од земјите од Западен Балкан и Европската Комисија.

-Тука сме да ги подготвиме бизнисите за пазарот на Европската Унија и за глобалните пазари. Нашата работа всушност е мост и помош за бизнисите и ги зема предвид дигитализацијата и зелената агенда за да ги подготви за нивните идни предизвици во Европската Унија – рече Рафуна.

Како што нагласи, бизнисот во Западен Балкан се соочува со административни, но и со не административни бариери.

-Токму затоа ние сме тука. Ние сме лоби за барањата на бизнисот за владите да ги отстранат тие бариери. Ние сме мали земји и единствено соработката меѓу нас ќе ни помогне да го развиеме бизнисот – потенцира Рафуна.

На секој начин, додаде, се обидуваме да ги отстраниме бариерите со кои се соочуваме, но некои од нив можеме да ги решиме, а за некои само донесуваме заклучоци.

-Но, ние не сме тело кое донесува одлуки, туку тело кое лобира и ги застапува интересите на бизнисите кај владите – прецизира Рафуна.