Фото: Маја Јаневска-Илиева

Чаирчани мака мачат со паркинг-простор! Ова е вистинската и наједноставна реплика што сѐ почесто се користи меѓу жителите на оваа општина, но и на граѓаните на градот Скопје. Жителите на Чаир се убедени дека решение за ова ќе се најде, бидејќи во тек се зафати за динамично урбанизирање на општината, а капацитетите за паркирање се исти и повеќе од дваесетина години

НА ПОВИДОК РЕШЕНИЕ ЗА ПРОБЛЕМОТ СО ПАРКИНГ-ПРОСТОР ЗА ЧАИРЧАНИ

Една од општините каде што има најголем проблем со паркинг-простор за жителите е општината Чаир, каде што жителите, од немај-каде, паркираат каде што ќе стигнат. Како последица на тоа, пешаците го изгубија својот простор како учесници во сообраќајот каде што ќе се движат, поради тоа што тротоарите се преполни со возила, а автомобилите се паркираат дури и по должината на самите улици, па возењето и по коловозите во оваа општина станува „слалом-вештина“. Таква е ситуацијата на повеќе места во Чаир, независно дали станува збор за делот околу паркот, во делот на „Чаирчанка“, „Чаирче“ и Топанско Поле.

ХАОТИЧНО ПАРКИРАНИ ВОЗИЛА ПРАВАТ НЕРЕД ВО СООБРАЌАЈОТ

Чаирчани мака мачат со паркинг-простор. Ова е најпростата реченица што може да се употреби за оваа скопска општина.
Жителите велат дека решение за ова мора да се најде, бидејќи на големо се урбанизира општината, а капацитетите за паркирање се исти и повеќе од дваесетина години.
– Јас сум жител на улицата Серава во близината на Поштата во Чаир. Порано тука имаше само куќи, но сега на големо се изградени згради со повеќе од 50 стана. Капацитет за паркирање нема. Не можам да ви опишам кој хаос е од возила. Улицата е мала и тесна, постојните згради се доградени, а поголемиот дел од куќите се срушени и на нивно место има згради. Пресметајте сега, ако целата улица ни била со неколку згради од по шест стана, сега на тие места има огромни објекти со повеќе од 50 фамилии. Ако во секоја фамилија има по две возила, тоа е вистински хаос. Ниту има пешаци каде да поминат, ниту возила да се разминат, за велосипедисти и мали деца не може ни да стане збор. Заглавени сме во ќор-сокак. И да сакаме да се направи паркинг, тоа е невозможно бидејќи нема каде да се паркира – вели Зоран Богоевски, жител на оваа општина.
Ништо подобро не е ниту во „Чаирчанка“, каде што се лоцирани многу дуќанчиња и продавници. И тука секој паркира каде што ќе стигне, а токму тоа е и најголемиот проблем.
– Нема шанси со велосипед да сте безбедни тука. Нема теорија. Не сте безбедни ниту како пешак ниту како велосипедист. На главните улици нема велосипедски патеки, а и да има се корнат заштитните столпчиња за возилата да имаат место да паркираат. Нема велосипедска патека, а и покрај тоа што тротоарите ни се големи и поделени за велосипеди и пешаци, на нив има само паркирани возила. За тоа мора да се изнајде решение, не знам на кој начин надлежните ќе го решат проблемот, но веќе решение мора да се најде – вели Суат Адеми.

ВЕРОДОСТОЈНИ ИНФОРМАЦИИ ОД УВИДОТ НА ТЕРЕН, А ПОТОА ИНСТАНТ РЕАКЦИЈА ОД НАДЛЕЖНИТЕ

Со цел да се изнајде решение за овој проблем, кој многу години ги мачи чаирчани, градоначалничката на Град Скопје изврши увид на терен.
Таа заедно со директорот на јавното претпријатие „Градски паркинг“, Бојан Христовски, изврши увид на терен за започнување изградба на нови монтажни паркиралишта на неколку локации во општината.
– Се изврши увид на терен за започнување изградба на нови монтажни катни паркиралишта на неколку локации, од кои една до ТЦ „Чаирчанка“, на улицата Цветан Димов, во општината Чаир. Планирани се нови монтажни катни паркиралишта на неколку локации во Скопје, меѓу кои е и паркингот до трговскиот центар „Чаирчанка“. Станува збор за простор на кој се планира да се изгради монтажно паркиралиште за да се зголеми бројот на паркинг-места во овој дел на градот. Со изградбата и дополнителното овозможување простор за нови паркинг-места ќе се решат долгогодишните проблеми со паркирањето во овој дел од градот – информираа градските власти.