Фото: Игор Бансколиев

Најголемиот дел од пропустите се констатирани во делот на јавните давачки поврзани со данокот на имот, односно дека поради застареност пропаѓаат милиони евра од оваа давачка, која е основен извор на приходи за општините и за Градот. Исто така, забелешки има и за неводењето евиденција за данокот на промет на недвижности, односно кога се врши купување одредена недвижност, чиј данок го плаќа купувачот

Државниот завод за ревизија (ДЗР) го „протресе“ градот

Голем број недостатоци за работењето на градските власти утврдија ревизорите од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Пропусти се пронајдени во финансиските извештаи за наплатата на данокот на имот, но и во плаќањето на Градот на обврските кон јавните претпријатија.
Од друга страна, пак, и Градот има голем број побарувања по разни основи. Почнувајќи од комунални такси за пуштање музика во локали, па сѐ до наплата од страна на осигурителни компании. „Нова Македонија“ направи анализа на тоа кои се тежишните забелешки на ДЗР за направени пропусти што ги пронајдоа ревизорите за работењето на градот.

НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ Е НАПЛАТАТА НА ДАНОКОТ НА ИМОТ

Град Скопје, поради голем број проблеми со наплатата на данокот на имот, односно поради наплати на кои се чека две, пет, па и десет години, нема позитивен извештај од Државниот завод за ревизија.
Како што е наведено во извештајот на ДЗР, „според наше мислење, поради значењето на прашањата изнесени во точката 3.1 финансиските извештаи не ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Град Скопје на ден 31 декември 2021 година на сметката на основен буџет (630), како и финансиските активности за годината која завршува со тој датум, во согласност со важечката законска регулатива“.
За што точно станува збор?
Најголемиот дел од критиките паѓаат за данокот на имот, како и за тоа дека поради застареност пропаѓаат милиони евра од оваа давачка, која е основен извор на приходи за општините и за Градот. Исто така, забелешки има и за неводењето евиденција за данокот на промет на недвижности, односно кога се врши купување одредена недвижност, чиј данок го плаќа купувачот.
– На 31.12.2021 година, во сметководствената евиденција се искажани побарувања во вкупен износ од 1.749.205 илјада денари. Од вкупните побарувања, 1.349.549 илјади денари (77 отсто) се однесуваат на побарувањата по основа на данок на имот и комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија. Има неусогласеност на сметководствената со даночната евиденција, од причина што не се води сметководствена евиденција на побарувања по основа на данокот на промет на недвижности во износ од 234.590 илјади денари и побарувања по основа на данок на наследство и подарок во вкупен износ од 45.122 илјади денари – наведено е во ревизорскиот извештај.
Исто така, тие утврдиле дека од вкупните побарувања, 296.675 илјади денари (22 отсто) се побарувања од над 10 години, 475.188 илјади денари (35,2 отсто) се побарувања од над пет години и 577.686 илјада денари (42,8 отсто) се незастарени побарувања.
– За истите тие, Градот нема утврдено старосна структура и дали постои законска можност за нивна наплата во согласност со одредбите од членот 360 од Законот за облигациони односи и членот 84 и 85а од Законот за даноците на имот, каде што е уредено дека правото на утврдување и наплата на данокот застарува за пет години по истекот на годината во која требало да биде утврден, односно правото на утврдување и наплата во секој случај застарува по истекот на десет години од истекот на годината во која данокот требало да биде утврден и наплатен – информираат ревизорите во извештајот.
Оттаму додаваат дека камата се пресметува само за предметите за кои има присилна наплата, што не е во согласност со членот 79 од Законот за даноците на имот. Наспроти тоа, камата не се пресметува доколку обврската не е платена во пропишаниот рок.

СЕ ПЛАЌАЛЕ МИНАТОГОДИШНИ АКТИВНОСТИ

Ревизорите пронашле проблеми и кај плаќањата за реализацијата на надлежностите на јавните претпријатија. Па така, ревизијата констатира дека Советот на Град Скопје има усвоено голем број програми за одредени активности на јавните претпријатија „Улици и патишта“, „Паркови и зеленило“ и ЈСП „Скопје“ за 2020 година, без истите тие да бидат предвидени како преземени обврски во програмата и договорите за 2021 година. Исплатата на средства врз основа на програми и договори по истекот на буџетската година има влијание врз реализација на планираните активности во програмите за тековната година.
Проблеми има и во делот на издавање одобрение за поставување урбана опрема, каде што ревизорите констатирале дека поголем дел од поднесените барања за издавање одобрение за поставување урбана опрема не се целосно пополнети, односно не е наведен периодот за кој се бара одобрението, кај дел од издадените одобренија не соодветствува периодот што е наведен во барањето за поставување урбана опрема со периодот за кој се издава одобрението, а дел од издадените одобренија се однесуваат на изминат период. Тие констатирале дека секторот Инспекторат на Град Скопје надлежен за вршење инспекциски надзор не врши контрола на издадените одобренија за поставување урбана опрема со увид на самото место и изготвување записник со скица за бараниот простор за вршење на дејноста, врз основа на кој се пресметува надоместокот.

Само од Општина Сарај регистрирани уплати за користење музика во локали

Наплатата на комунална такса за користење музика во локали, изнесува 6.700 денари, од кои 70 проценти одат во буџетот на Град Скопје, а 30 проценти на општината. Од ДЗР констатирале дека остварените приходи по оваа основа изнесувале 62 илјади денари и истите тие се уплати само од Општина Сарај.
– Ваквата состојба укажува дека Град Скопје не врши утврдување и наплата на комуналната такса за користење музика во јавните локали, што има влијание на целосноста и точноста на приходите по оваа основа.

И „Градски паркинг“ му должи пари на Градот

Ревизорскиот извештај констатирал дека во текот на 2021 година, по основа на комунална такса за користење простор за паркирање моторни возила на територијата на Град Скопје се остварени приходи во висина од само 20.880 денари. Откако ревизорите извршиле преглед на состојбата, констатирале дека јавното претпријатие „Градски паркинг“, кое стопанисува со паркинзите на територијата на градот, не уплатило комунална такса за користење на просторот за паркирање.

Нема стратегија за развој на зеленилото во градот

Советот на Градот нема донесено стратегија ниту за развој на зеленилото во градот, која треба да ги дава насоките за креирање на планските решенија во делот на зеленилото при изработката на сите планови и проекти во поглед на заштитата и унапредување на зеленилото. Дополнително, Градот не остварува никаков приход за одржување на јавното градско зеленило, ниту пак има утврдено приход во минатата 2021 година. За активностите околу подигање нови зелени површини и одржување на старите, Градот со договор ги задолжил „Паркови и зеленило“, а финансирањето за тоа се наплатува со 19,5 проценти од наплатата на потрошената вода од страна на ЈЈП „Водовод и канализација“. Во овој дел, наплатата ја врши водоводното претпријатие.
Во согласност со ревизијата, „Паркови и зеленило“ потрошило 495.126 илјади денари за одржување на зеленилото во градот, а за тоа, добило само 264.070 денари.

И осигурителните компании му должат на Градот

Во согласност со Законот за пожарникарство, средствата за финансирање на противпожарните единици и организацијата на гаснењето на пожарите на локално ниво, покрај од буџетот на Македонија и на Градот, се обезбедуваат и од два процента од наплатените премии за осигурување на моторните возила, како и од средствата од наплатени парични казни за сторени прекршоци од областа на заштитата од пожари и експлозии.
– Во текот на 2021 година се остварени приходи во вкупен износ од 38.003 илјади денари. Со извршените аналитички постапки, ревизијата утврди нецелосност на остварените приходи, односно осигурителните компании надлежни за осигурување на територијата на Град Скопје не ја намируваат законската обврска во целост. Кај дел од осигурителните компании недостигаат уплати за период од два, три и повеќе месеци – се вели во извештајот.