Реставрација на иконостасот во црквата „Свето Благовештение“ во Прилеп

Во прилепската црква „Свето Благовештение“, или попозната како Стара црква, при крај е втората фаза од реставрацијата на иконостасот, еден од најзначајните во Македонија, кој е стар над 180 години. Екипа конзерватори од прилепскиот и од битолскиот Завод и музеј интензивно работеа на реставраторските работи за заштитата на иконостасот, по минатогодишните детектирања на оштетувањата и првите зафати на конзервација и реставрација.
Конзерваторите велат дека иконостасот треба да биде заштитен со реставрацијата.
– Наредната година е многу битна етапа кога ќе се направи комплетна стабилизација на конструкцијата на иконостасот. Иконите, бидејќи се движно културно наследство, ќе се третираат со посебен проект. Оние што се вградени се дел од реставрацијата – објаснуваат конзерваторите.
Од Заводот и музеј велат дека в година комплетно треба да се заврши со реконструкцијата, стабилизацијата и зацврстувањето на конструкцијата на иконостасот.
– Во 2023 година ќе работиме на статиката на сите потпорни ѕидови на иконостасот. Тоа ќе биде завршна фаза. Иконостасот е заштитено културно добро и со целосната заштита нема опасност од уништување – вели Горан Цветкоски, директор на Заводот и музеј.
Иконостасот во црквата „Св. Благовештение“ е едно од трите ремек-дела на мијачките мајстори во земјава. Го изработила тајфата на познатиот копаничар Петре Филипоски-Гарката. Но е најголем, најмонументален. Датира откога е градена црквата.
Иконостасот, долг 16 метри, висок 6,2 метри и изработен од тајфата на Петре Гарката и неговиот зет Димитар Станишев, е вредно уметничко наследство не само за црквата туку и за музејот. Во својата основа е праволиниски, пишува во книгата „Сто и седумдесет години осветување на црквата Свето Благовештение“, Прилеп, од 2009 година од авторот Златко Ангелески.
Иконостасот е изработен од оревово дрво. Петар Гарката го работел во делови три години во куќата на браќата Мисиркови. Чинел околу 1.000 турски лири. Деловите подоцна биле составувани во црквата. Иконостасот е на два ката, поделен на неколку појаси. Првиот кат има китабиња, фриз и колони со престолни икони. Над престолните икони има фриз работен во длабока резба со растителна орнаментика. Корнизот е граница меѓу двата ката. Потоа се празничните икони, кои се поместени во горниот дел од иконостасот.
Црквата „Св. Благовештение“, уште попозната како Стара црква, е изградена од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година, долга е 32 м, широка 26 м и девет метри е висока. Таа и ден-денес е духовен храм за прилепчани. Освен иконостасот, особено вредно ремек-дело е и владичкиот стол, исто така изработен од Гарката. Тој е едно од неговите последни уметнички дела и единствен од таков вид во земјава. Висок е пет метри, широк 92 сантиметри, а длабок 86 сантиметри. Во долниот дел има два лава во лежечка положба, а пред нив змии. На предната страна од престолот има два лава, а над нив два феникса со раширени крилја и подигнати глави. На задната страна е поставена икона на која е насликан Господ Исус Христос, како цар заедно со четворица евангелисти.
Освен иконостасот, вредно ремек-дело во црквата „Св. Благовештение“ претставуваат и над 180 икони и други вредни историски предмети, како што се ракописниот антиминис, престолните евангелија, прилепскиот поучителен зборник, богослужбените книги. Ka.M.