Фото: Маја Јаневска-Илиева

Протестите на жителите на Автокоманда продолжуваат и во наредните денови, сѐ додека некој не ги послуша нивните барања. Тие велат дека не сакаат да бидат префрлени на друго парно без да бидат прашани и без претходна согласност од нивна страна. Многумина од граѓаните реагираа до градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, иако тој нема никаква надлежност за решавање на проблемот со парното во оваа населба. Надлежните велат дека за домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на претходните што ги добивале од „ЕСМ енергетика“. Деловните потрошувачи и образовните институции кај кои наплатата се врши по мерач ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија

Жителите на Автокоманда со протест реагираат на промената на операторот со топлинска енергија

Жителите на Автокоманда на протест го изразија своето незадоволство за, како што велат, промената на доставувачот на топлинска енергија до нивните станови без нивно одобрение. Гневни затоа што повеќе нема да имаат парно греење и во вечерните часови, како што беше случај досега, велат дека ќе плаќаат за греење што седум часа во текот на еден ден воопшто нема да го имаат. Жителите велат дека ќе продолжат да протестираат сѐ додека надлежните не ги реализираат нивните барања. Надлежните велат дека во услови на енергетска криза, работат на оптимизација на трошоците на системот за централно греење.

ПРОТЕСТИТЕ ЌЕ ПРОДОЛЖАТ СО ПОСИЛЕН ИНТЕНЗИТЕТ

Протестите на жителите на Автокоманда продолжуваат и во наредните денови, сѐ додека некој не ги послуша нивните барања. Тие велат дека не сакаат да бидат префрлени на друго парно без да бидат прашани и без претходна согласност од нивна страна.
– Никој не нѐ праша ниту мене ниту моите соседи дали сакаме да ни се смени доставувачот на топлинска енергија. За овие активности требаше да бидеме навремено известени, а не прекуноќ заткулисно да се исклучуваат радијаторите, па дури утредента со соопштение да нѐ информираат дека настапуваат измени. Револтирани сме, не е фер овие промени да бидат само во нашата населба. Под железарско парно не бевме само ние, туку и Синѓелиќ и Маџари, а тие си остануваат на железарското парно. Никој не даде објаснување зошто само нашето мораше да се смени – вели жител на Автокоманда.
Жителите велат дека „се смрзнувале, дека немале парно греење и дека дури во раните утрински часови радијаторите почнале да се затоплуваат“. Тие исто така тврдат дека ќе плаќаат повисоки сметки, иако надлежните тоа никаде не го кажаа, напротив, истакнаа дека цената за парното греење ќе остане иста како и досега.
Многумина од граѓаните реагираа до градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, иако тој нема никаква надлежност за решавање на проблемот со парното во оваа населба.
Сепак тој на социјалните мрежи им објасни на своите сограѓани дека официјално за промената на снабдувач со топлинска енергија на домаќинствата во Автокоманда бил запознаен на шести декември минатата година. За проблемот побарал средба со надлежните од АД „ЕСМ – подружница Енергетика“, меѓутоа таа никогаш не се остварила.
Тој додаде дека за него спорен бил начинот на кој се спроведени активностите од страна на службите на „Енергетика“ и ТЕ-ТО, без знаење, информирање и согласност од граѓаните што се корисници на топловодно греење и имаат склучено полноважни договори за снабдување со топлинска енергија.
– Општина Гази Баба и јас како градоначалник немаме никаква директна законска надлежност по однос на тоа кој снабдувач со топлинска енергија ќе ги снабдува домаќинствата во Автокоманда – напиша тој на социјалните мрежи.
Граѓаните од другите делови на Скопје, пак, реагираат дека тие постојано имаат послабо парно или воопшто немаат парно греење во периодот од 22 часот навечер до пет часот наутро. Тие велат дека во услови кога е ваква криза не може парното греење за едни да важи 24/7, а за други не и затоа и ги поддржуваат овие измени, и тоа за истите цени.

ОДЛУКА НА РЕГУЛАТОРНАТА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА

Според надлежните, во моментот се работи на оптимизација на трошоците на системот за централно греење, што е во интерес на потрошувачите.
– Од 1.2.2023 година, во согласност со одлуката донесена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, „ЕСМ дистрибуција на топлина“ ја извршува енергетската дејност дистрибуција на топлина и во населбата Автокоманда, општина Гази Баба. Заради оптимизирање на трошоците и зголемување на ефикасноста на двата система за централно греење што функционираат одделно во согласност со лиценците: „ЕСМ енергетика“ и системот што го сочинуваат „ЕСМ дистрибуција“, „ЕСМ производство“ и „ЕСМ снабдување“, извршено е одделување на мрежа што се наоѓа во населбата Автокоманда од „ЕСМ енергетика“ и нејзино спојување со мрежата што ја управува „ЕСМ дистрибуција“ и овие две мрежи се сега една функционална целина – информира Александра Маројевиќ, помошничка на директорот за производство од АД ЕСМ.
Според неа, во согласност со Законот за енергетика, „ЕСМ дистрибуција на топлина“, по претходно одобрување од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ, има склучено договор со „ЕСМ снабдување со топлина“ за продажба на топлинска енергија наменета за потребите на потрошувачите и токму затоа жителите на Автокоманда се потрошувачи на „ЕСМ снабдување“.
– Во постапка во согласност со Законот за заштита на лични податоци во наредниот период ќе се изврши преземање на податоците на потрошувачите од претходниот снабдувач „ЕСМ подружница енергетика“. Новите потрошувачи од населбата Автокоманда, фактурите за топлинска енергија за февруари ќе ги добијат во март и понатаму ќе ги добиваат од „ЕСМ снабдување со топлина“. За домаќинствата фактурите нема да бидат зголемени во однос на претходните што ги добивале од „ЕСМ енергетика“. Деловните потрошувачи и образовните институции кај кои наплатата се врши по мерач ќе плаќаат по пониски тарифни ставови за топлинска енергија – информира таа.
Како што нагласи Маројевиќ, испораката на топлинската енергија до сите потрошувачи ќе се врши во согласност со законската и подзаконската регулатива, по строго утврдени правила и дијаграми, во зависност од атмосферските услови и надворешните температури.

ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОТПИШАТ НОВИ ДОГОВОРИ

Како што нагласи Маројевиќ, во согласност со правилата за снабдување со топлинска енергија, потребно е потрошувачите од населбата Автокоманда да склучат Договор за снабдување со топлинска енергија со новиот снабдувач „ЕСМ снабдување со топлина“ кон кого ја имаат обврската за плаќање на услугата од 1.2.2023.
– За таа цел потрошувачите на чие име се води сопственоста на станбениот или деловниот простор, потребно е да го симнат договорот поставен на веб-страницата на „ЕСМ снабдување“, да го испечатат во два примерока, да ги пополнат и двата примерока и лично да ги предадат во еден од пунктовите за потрошувачи на „ЕСМ снабдување“. За потрошувачите што немаат можност за пристап до веб-страницата, договорите ќе бидат достапни и во пунктовите. При поднесувањето на договорот, потребно е потрошувачите да приложат на увид документ за лична идентификација и фактура (или копија) за топлинска енергија од претходниот снабдувач – прецизира Маројевиќ.