„Европската недела на мобилноста“ се спроведува веќе 20 години, за поттикнување промени во однесувањето на луѓето и учесниците во сообраќајот, во насока на активна мобилност, пешачење, возење велосипед, користење јавен превоз и други чисти, интелигентни транспортни решенија
МОБИЛНОСТ И БЕЗ МОТОРНО ВОЗИЛО: ПОЗДРАВО, ПОЕКОНОМИЧНО, ПОЕКОЛОШКИ…
Третата седмица во септември, или, попрецизно, деновите од 16 до 22 септември, секоја година е резервирана за кампањата „Европска недела на мобилноста“, која се спроведува по иницијатива на Европската комисија. Главна цел на оваа кампања се одржлива урбана мобилност, здрави навики и чиста животна средина. И покрај тоа што секоја година оваа кампања се одржува и кај нас, сепак, многу е мало влијанието на свеста кај граѓаните.
МОБИЛНОСТ СО АВТОМОБИЛ НЕ Е ВЕЌЕ ВО МОДА
„Европската недела на мобилноста“ се спроведува веќе 20 години за поттикнување промени во однесувањето на луѓето и учесниците во сообраќајот, во насока на активна мобилност, пешачење, возење велосипед, користење јавен превоз и други чисти, интелигентни транспортни решенија.
Иако е значително зголемена бројката на граѓани кај кои проработела свеста за здрави животни навики, од кои бенефиција ќе има и природата, сепак, поразувачки се фотографиите од сообраќајот во главниот град. Метежот секое утро и попладне, кога, всушност, се случуваат шпицовите за одење и враќање од работа, говори дека има уште многу време за да станеме корисници на урбани и одржливи превозни средства.
Факт е дека велосипедистите секогаш ќе претпочитаат велосипеди, додека други, пак, секогаш ќе уживаат во комодитетите на своите автомобили, иако се свесни дека со нив сами си го загадуваат воздухот што го дишат.
Само за потсетување, речиси при секоја енормна загаденост на воздухот, кога надлежните апелираат во едно возило да се возат четири или пет лица, сликата што се појавуваше во медиумите беше иста како и секој ден – еден човек, едно возило.
– Клучно за зголемување на самосвеста кај граѓаните е едукацијата од најмали нозе. Значи, уште во градинките да се учат децата дека велосипедот не е само рекреација, дека велосипед се вози и кога врне и кога има снег, секако, со соодветна опрема. Децата треба да знаат дека автомобилите загадуваат, дека здравјето е најважно и дека со возењето велосипед, не само што не загадуваме туку и си правиме добро на сопственото здравје, бидејќи нема подобра вежба од велосипедизмот. Само така во следните години ќе добиеме здрави генерации, кои ќе знаат дека е важно однесувањето на секоја единка и дека дури и еден човек може да ја почне промената – вели велосипедистот Зоки Богдановски.
ВОЗЕЊЕТО ВЕЛОСИПЕД Е ЗДРАВА НАВИКА, СО МНОГУ ДРУГИ ПОЗИТИВНИ РЕФЕРЕНЦИИ
И Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата се приклучи кон „Европската недела на мобилноста“. Како што информираат оттаму, целта е да се формираат здрави животни навики кај граѓаните, меѓу кои се и навиките за чиста животна средина, побезбеден сообраќај и поддршка на алтернативни форми на мобилност, затоа што возењето велосипед е здрава навика, која позитивно влијае на здравјето на луѓето, ја заштитува околината и ја намалува емисијата на гасови.
– Секојдневното користење велосипед е неспоредливо поевтин начин на урбана мобилност од кое било друго превозно средство со бесплатно место за паркирање. Велосипедот претставува доминантно превозно средство на кратко растојание, до пет километри во урбана средина, од аспект на побрзо и побезбедно пристигнување до целта, а секој велосипед повеќе значи моторно возило помалку, што значи и намалување на сообраќајниот метеж и побезбеден сообраќај – велат од РСБСП.
Оттаму додаваат дека велосипедскиот сообраќај денес се промовира бидејќи е еколошки најодржлива форма на сообраќај, троши малку енергија, не бара многу простор за движење и за паркирање, тој е најевтин начин на урбана мобилност и придонесува за унапредување на здравјето.
– Освен пешачењето, велосипедот е средство за транспорт со кое може директно да се пристапи до целта на патувањето, има мала потрошувачка на енергија, не загадува, придонесува за одржување на здравјето на луѓето, овозможува заштеда на простор (велосипедот бара релативно малку простор за движење и мирување) и е рамноправно превозно средство во сообраќајот на патиштата. Велосипедистите треба да се движат по означени велосипедски патеки, а каде што нема такви, треба да се движат од десната страна, покрај работ, на коловозот – потенцираат од Советот.