Фото: Игор Бансколиев

Голем број граѓани повеќе не можат да ги толерираат дивите продавачи иако многумина од нив пазарат кај нелегалните продавачи. Фактот што секојдневно се узурпирани тротоари, пешачки и велосипедски патеки, но и целиот простор за движење на жителите околу Зелениот пазар, со што им е оневозможено секојдневното движење на локалните жители, беше поттик за нив да реагираат и преку медиумите и пред надлежните служби. Слични проблеми имаат и општините Гази Баба, Чаир и другите општини во Скопје

Скопските улици и тротоари узурпирани од нелегални продавачи на овошје и зеленчук

Узурпираниот јавен простор од страна на дивите препродавачи што нудат разни производи на импровизирани тезги од кутии почнува да станува сериозен проблем во главниот град. Центар е една од општините што е најатрактивна за оваа категорија граѓани, кои навистина сакаат да работат, но тоа го прават на недозволен начин, избегнувајќи ги давачките за своите продажби или услуги, како обврска кон општината или државата. Дивите препродавачи на тој начин ги нудат своите производи со цена поконкурентна, за разлика од оние продавачи што ги намируваат со закон предвидените давачки. Вториот крупен проблем што го предизвикуваат „дивите продавачи“ е што со импровизираните тезги на тротоарите или на велосипедските патеки го узурпираат јавниот простор, што придонесува за тешкотии и метеж при движењето на граѓаните. Дивите продавачи не се проблем само во Центар. Граѓаните пријавуваат голем број илегални тезги направени на импровизирани кутии на Бит-пазар, кој е преплавен од диви продавачи.

ГРАЃАНИТЕ сѐ повеќе револтирани и со реакции до надлежните и до
медиумите

Ниту граѓаните повеќе не можат да ги толерираат дивите продавачи иако многумина од нив пазарат кај нелегалните продавачи. Фактот што секојдневно се узурпирани тротоари, пешачки и велосипедски патеки, но и целиот простор за движење на жителите околу Зелениот пазар, со што им е оневозможено секојдневното движење на локалните жители, беше поттик за нив да го кренат својот глас против нелегалните продавачи.
Тие велат дека за сѐ постои време и место и дека не е фер постојано да имаат ограничено движење поради тоа што некој одлучил да продава нешто среде пешачка патека.
– Просторот беше максимално узурпиран од страна на диви продавачи. Не можеше човек да помине нормално оттука. Сѐ беше блокирано и тоа ни пречи. Замислете да живеете во пазар секој ден. Викотници, ѓубре, метеж секојдневно не се издржуваат. Жално е за тие луѓе, се обидуваат да спечалат за парче леб, меѓутоа и ние имавме сериозен проблем поради нив. Оставаа многу отпадоци, тоа беше секојдневна слика. Некои продаваа облека, некои чаеви и храна. Па замислете како изгледаше нашава населба. На некој што не живее тука интересно му е да начека поевтини производи, меѓутоа никој не би сакал пред врата да има див пазар и да го трпи хаосот секојдневно, нели? – вели жителка на Центар, која живее во непосредна близина на пазарчето.
Граѓаните велат дека ѓубре секогаш имало, бидејќи го фрлале кога сакале.
– Не го ни почитуваа времето на доаѓање на вработените во „Комунална хигиена“ за да се ослободат од ѓубрето. Напротив. Како за инает фрлаа ѓубре постојано, преполнувајќи ги контејнерите со сѐ и сешто. Затоа имаше и неподнослива миризба и разни инсекти – потенцира таа.

ЦЕНТАР ВО КОСТЕЦ СО ПРОДАВАЧИТЕ НА ЦРНО

Деведесет диви пазарџии досега заработиле прекршочни платни налози во согласност со Законот за јавна чистота. Општинските власти велат дека од февруари, на потегот кај Зелениот пазар се спроведуваат инспекции, со цел решавање на проблемот со нелегалните продавачи.
– Инспекциските контроли на нелегалните препродавачи веќе даваат конкретни резултати. Ги нема расфрланите отпадоци, ослободени се јавните површини и граѓаните можат слободно да се движат и да си ги завршуваат секојдневните обврски. Жителите од нас бараат да се справиме со препродавачите, тоа го дискутиравме и на средбите со граѓани, го дискутиравме и со раководството на „Скопски пазар“ и мислам дека сме на добар пат кон конечно решение. Акциите ќе продолжат и во наредниот период, сѐ до конечно менување на навиките на препродавачите – изјави градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Тој нагласи дека комуналната инспекција, почнувајќи од февруари, спровела серија засилени инспекциски акции на локации околу Зелениот пазар, со цел санкционирање на лицата што препродаваат производи на зелена површина, пред зградите и на тротоарите околу пазарот. Постапувајќи по пријави на граѓани, како што информира тој, за продажба на производи на јавна површина на затекнатите нелегални препродавачи од комуналните редари им се изречени казни во висина од 150 евра.
– Службите на комуналната инспекција и комуналните редари на Општина Центар продолжуваат и понатаму со засилените контроли и на други локации на територијата на општината и ќе бидат санкционирани сите лица што узурпираат јавна површина без соодветна документација – нагласи градоначалникот.

И во ДРУГИТЕ скопски ОПШТИНИ има многу ДИВИ ПРОДАВАЧИ

Дивите продавачи не се проблем само во Центар. Граѓаните пријавуваат голем број илегални тезги направени на импровизирани кутии на Бит-пазар, кој е преплавен од диви продавачи. Целиот потег од почетокот на пазарот, па сѐ до ТЦ „Мавровка“ е узурпиран од страна на диви тезгаџии. Ништо подобро не е ниту зад пазарот, каде што на импровизирани тезги се продаваат пиротехника и тутун. Продавачи што на црно продаваат разни производи има и од спротивната страна на пазарот, а неретко, пред поликлиниката се продаваат и помали животни како живина.
И општината Гази Баба го има сличниов проблем. Пред пазарот во Синѓелиќ исто така се детектирани голем број диви продавачи, а ништо подобро не е ниту во Чаир, пред чаирското пазарче.
Можеби треба другите градоначалници да го земат примерот на општина Центар и конечно да ги заштитат граѓаните што си ги плаќаат давачките кон државата и кои на легален начин го печалат лебот.
Според граѓаните, мора да се воведе ред, општините треба да си ја вршат работата, а народот треба да може да се движи слободно.
– Како е можно да одам на лекар во поликлиниката Бит-пазар и да не можам да поминам од кокошки, мали пилиња, разни тегли полни со храна, облека, чаеви… Тоа е страшно. Се продава на пазар или, пак, во изнајмен локал. Не со узурпирање на цела една пешачка лента по која е оневозможено движењето. Надежните мора да имаат слух за нашите проблеми – вели една жителка на Бит-пазар.