Фото: Архива/Игор Бансколиев

Анализирајќи ја состојбата во некои од скопските општини се доаѓа до сознание дека само во нив за упис во градинка чекаат повеќе од две илјади дечиња. Бројка што ги загрижува родителите, особено оние што немаат кому да му ги остават децата на чување, но и надлежните, кои не можат да обезбедат доволно капацитети за прифаќање на сите деца

Згрижувањето на децата од предучилишна возраст станува сериозен проблем

Згрижувањето на децата од предучилишна возраст станува едно од најважните прашања во една општина, а на семеен план ова е особено важно за родителите што одат на работа и немаат кој да ги чува нивните деца. Скопје речиси секогаш имало проблем со згрижување на децата во градинките, а овој пат, проблемот повторно се актуализира откако надлежните од Општина Карпош најавија отпишување на сите деца од градинките што не се жители на оваа општина. Родителите што не успеале да ги запишат децата во местото на живеење, нашле место за нив во градинките во Карпош, а токму тоа ги изреволтира надлежните од општината, со оглед на тоа дека голема е бројката на дечиња, жители од оваа општина, кои не можат да се запишат во градинките.

ДЕТСКАТА ЗАШТИТА Е ПРИОРИТЕТ

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, неодамна ја разбранува јавноста и ги загрижи родителите, кога изјави дека од 10 јуни, од градинките на територијата на општината, ќе се отпишат сите деца што не се жители на оваа скопска општина. Родителите реагираа со тоа што побараа да им се излезе во пресрет и да се одложи одлуката, меѓутоа, тој децидно нагласи дека нема да ја смени одлуката.
Оваа ситуација повторно го актуализира проблемот со недостиг од места во градинките. Главниот град, кој има повеќе од 600 илјади жители, има сериозен проблем со запишување на децата во градинките.
Истражувајќи ја состојбата во повеќето скопски општини, „Нова Македонија“ дојде до податоци, според кои, може да се направи релевантна процена за целиот град. Според овие процени, во Скопје за упис во градинка чекаат повеќе од две илјади дечиња. Во меѓувреме, родителите на овие деца се снаоѓаат за чување додека тие се на работните места.
Според Министерството за труд и социјална политика, вложувањето во детската заштита е приоритет.
– Тоа го потврдува фактот дека од 2017 година досега се отворени 69 детски градинки, зголемен опфат за околу 4.300 деца на ниво на држава. До крајот на 2022 година завршуваат со градежни активности 13 градинки/објекти со вкупен капацитет за 1.360 деца и дополнително 15 градинки, кои се во тек на изградба и се планирани да се отворат во 2023 година, со вкупен капацитет за 1.905 деца. На ниво на Скопје, во моментов во тек на изградба се шест детски градинки, и тоа во: Сопиште, Ѓорче Петров, Карпош, Арачиново, Чаир и Аеродром, со што бројот на новозапишани ќе се зголеми за околу 1.000 деца од предучилишно воспитание. Исто така, информираме дека сите градинки се градат во согласност со светките стандарди за енергетски ефикасни објекти – велат од министерството.

ОТПИШАНИТЕ ОД КАРПОШ НЕ СЕ НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Општина Ѓорче Петров има околу 500 дечиња што чекаат за упис во градинка. Оттаму велат дека приемот во градинка се одвива по пат на електронска пријава и процесот во целост се почитува.
– Сите пет објекти на градинката „Росица“ се со капацитет од 730 деца. Во моментов се згрижени 805 деца со одлука на Советот за зголемување на бројот во групите. Планот за намалување на бројот на оние што чекаат ќе се спроведе со отворањето на новите три занимални во клонот „Детелинка“, каде што ќе има опфат од околу 100 деца. Просториите можеа да бидат отворени уште пред пет месеци, но проблем е што МТСП сѐ уште не ни дава согласности за вработувања. Очекуваме до септември да биде отворена и новата градинка во Волково, ако навремено добиеме согласности за вработувања. Таму ќе се запишат дополнително уште 200 дечиња – информираат од Ѓорче Петров.
Оттаму потенцираат дека општината во своето краткорочно и долгорочно планирање работи на проширување на капацитетите во градинките за опфат на сите заинтересирани родители.
– Во градинките во Ѓорче Петров има многу мал број, односно само пет деца што се од други општини. Предност имаат децата што се од нашата општина. Има деца што пред коронавирусот одеа во градинка и сега тие имаат предност да се вратат назад во групите. Во врска со новиот проблем што се појави со децата што Општина Карпош сака да ги испише, првично, немаме реални информации за колку деца станува збор. Се надеваме дека во наредните денови ќе ги добиеме податоците преку непосреден контакт со Општина Карпош. Но тука се појавува проблем во нашето законско регулирање при прием, затоа што истите тие не се пријавени на листите на чекање во системот во градинките во Ѓорче Петров. Многу од децата се запишани во општината Карпош поради лична желба на родителите затоа што, меѓу другото, имаат во близина свои блиски што може да ги земаат нивните деца од градинките или нивните работни места се во близината на градинката – велат од општината.
Тие сметаат дека децата што се веќе запишани во Карпош, а се од Ѓорче Петров не треба да бидат отпишани.
Во врска со вработувањата негувателки во Ѓорче Петров, од Министерството за труд и социјална политика велат дека вработувањата во предучилишните установи се спроведуваат во согласност со Програмите за вработување, како и испразнетите работни места по разни основи. Установата со поднесување барање за пополнување ново или испразнето работно место во согласност со актот за систематизација на работни места доставува барање до Министерството за труд и социјална политика, а министерството по утврдување на оправданоста на барањето, истото тоа го доставува до Министерството за финансии.
– Во врска со вашето прашање за пополнување работни места во ЈОУДГ „Росица“, Општина Ѓорче Петров – Скопје, ве информираме дека постапката е во тек и установата има доставено до МТСП барање за пополнување девет испразнети места за воспитно-згрижувачки и друг кадар – велат од министерството.

МОРАЛНА ОБВРСКА ЗА УПИС НА СИТЕ ВО ЦЕНТАР

И надлежните од Центар велат дека градинките во општината работат во согласност со Правилник за прием на деца, кој на децата од Општина Центар им овозможува непречено да се запишат во нив.
– Доколку родителите на децата од кои било причини се решат да го запишат детето во текот на годината, кога капацитетите во моментот се исполнети, ќе бидат ставени на листа на чекање и во првата пригода, а најдоцна до септември, ќе им биде овозможено да се запишат. Законот за Заштита на деца овозможува запишување деца и од други општини и ние како централна општина имаме и законска и морална обврска да им излеземе на родителите во пресрет, доколку во тој момент има слободни капацитети – велат од Центар.
Оттаму додаваат дека, според податоците од градинките, на листа на чекање од Општина Центар има околу 200 деца, кои, според информациите од градинките, ќе бидат примени од месец септември.

ОКОЛУ ИЛЈАДА ДЕЦА ЧЕКААТ ЗА УПИС ВО АЕРОДРОМ

Општина Аеродром е една од општините што изминатите години масовно се урбанизира. Бројот на жителите порасна, меѓутоа, капацитетите во градинките сѐ уште не ги задоволуваат потребите на жителите за прием на децата.
Оттаму велат дека во Општина Аеродром има две главни детски градинки – „Срничка“ и „Бубамара“, со вкупно 11 клона, а на територијата на општината има и две приватни градинки.
Само во оваа општина околу илјада дечиња чекаат за прием во градинка.
– Во моментов во ЈДГА „Бубамара“ се згрижени 1.120 деца, а на листа на чекање се 275, додека во „Срничка“ се згрижени 1.356 дечиња и 643 се на листа на чекање. На територијата на општината има и две приватни градинки. Што се однесува до дечиња, кои веќе одат во нашите градинки од други општини, бројот е незначителен. Вистинскиот предизвик е, всушност, во изградба на нови капацитети, односно нови установи или проширување на постојните. Поради очигледниот недоволен капацитет, во наредниот период се предвидува изградба на нови три-четири градинки на територијата на општината Аеродром, со комплетирање на целокупната проектна документација, од кои се планира барем една да биде пуштена во употреба до крајот на годинава – информираат од Аеродром.
Оттаму додаваат дека уписот на деца во градинките се спроведува во самите институции во согласност со правилниците и другите акти, како и со почитување на предноста на децата што подолго чекаат.

НАДЕЖ ЗА ЗГРИЖУВАЊЕ НА СИТЕ ДЕЧИЊА ВО КИСЕЛА ВОДА

Недостигот од места во градинките е евидентен и во Општина Кисела Вода, од каде што велат дека интензивно работат на изнаоѓање решение за преполнетите капацитети и листите на чекање, кои ги има во сите скопски градинки.
– Во 12-те објекти од двете градинки се запишани вкупно 2.012 дечиња од Општина Кисела Вода, но има стотина дечиња од соседните општини. Во моментов на листа на чекање за упис во градинка има околу 200 деца. Во таа насока, локалната самоуправа интензивно работи на изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните. Општина Кисела Вода ќе обезбеди место за згрижување на над 400 дечиња со отворање три нови градинки – информираат од оваа општина.
Оттаму додаваат дека во Усје веќе се одвиваат подготвителните активности за отворање нова градинка, преку адаптација со пренамена на објект.
– Тука ќе се згрижат околу 70 деца, пред сѐ, од овој дел на градот, односно од населбите Усје, Стаклара и Градинар. Паралелно, во населбата Расадник во моментов работиме на проектот за изградба на сосема нов објект, кој ќе биде во рамките на постојната, ЈДГ „8 Март“. Летово таму почнуваат градежни активности за изградба на нови 800 квадратни метри, во кои ќе се згрижат околу 250 деца. Место за нови 100 дечиња и растоварување на постојните капацитети се овозможува и со пуштањето во функција на новата градинка во Драчево, „Пеперутка 3“, каде што ќе се отворат нови шест групи за деца од 0 до шест години. Пред неполн месец, пак, го проширивме и капацитетот на објектот „Синоличка“ – велат од Кисела Вода.
И од оваа општина информираат дека во поглед на запишувањето во градинка приоритет при запишување имаат и ќе имаат дечињата од општината Кисела Вода, но изразуваат надеж дека со отворањето на новите објекти ќе бидат обезбедени доволно места за сите дечиња, дури и ако има потреба и од соседните општини.