Деновиве на мостот „Беласица“, да речеме во поширокиот центар на нашата метропола, може да се забележи движење на возила, иако голем дел возачи сѐ уште не практикуваат да сообраќаат по него. Објаснувањето е дека не се чувствуваат безбедно. Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, пак истакна дека во овој момент не може да се оцени дали мостот „Беласица“ во Скопје е безбеден за употреба или не и останува на неговиот став дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот, кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар
МОСТОВИТЕ – БОЛНА ТОЧКА НА СКОПЈЕ
Во последно време една од најактуелните теми во главниот град се мостовите, откако неколку моста во Скопје поради различен сплет на околности не беа погодни за употреба.
Прво, станува збор за мостот „Беласица“, кој беше опожарен, по што беше оценето дека тој не е безбеден за сообраќај…
Вториот е мостот кон Драчево, за кој директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, алармираше дека големата дупка може да предизвика катастрофа. Да потсетиме дека не толку одамна, пред околу една година, огромна дупка се отвори на мостот што води кон Драчево. Дупката беше толку голема што се гледаше арматурата на мостот, па и тука постоеше сериозен ризик за возачите. По експресни реакции на граѓаните, мостот беше саниран од страна на јавното претпријатие „Улици и патишта“.
ПО „БЕЛАСИЦА“ СЕ ПЕШАЧИ… А И СЕ ВОЗИ
Дури откако ќе се случи некој инцидент со мостовите, сфаќаме колку се тие важни за секојдневното функционирање на градот. Во неколку наврати досега се докажа дека тие се есенцијален дел на сообраќајниот крвоток на Скопје, дека градот, граѓаните и многу компании не можат или тешко функционираат без нив… А цената што ја плаќаат граѓаните со само едно затворање на мост значи сообраќаен неред, метеж, непотребна нервоза, губење и време и пари…
Пред некаде околу три недели и официјално мостот „Беласица“ беше пуштен за сообраќај само за лесни моторни возила, и тоа на двете крајни коловозни ленти. Двете средишни ленти ќе бидат отворени кога ЕСМ ќе ги заврши градежните работи за замена на топловодни цевки.
Деновиве на овој мост може да се забележи движење на возила, иако голем дел возачи сѐ уште не практикуваат да сообраќаат по него. Објаснувањето е дека не се чувствуваат безбедно.
– Не знам како да се изразам а да не бидам непристоен, но навистина не верувам дека мостот е безбеден и затоа не го користам. Погледнете колку глупости се случија што чинеа човечки животи. Модуларни болници гореа, онколошки лекови се препродаваа на црни пазари, како јас да верувам дека мостот одеднаш стана безбеден без никаква санација – прашува Александар Трајановски, кој не го користи мостот од безбедносни причини.
ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ ЗА „БЕЛАСИЦА“?
Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски, истакна дека во овој момент не може да се оцени дали мостот „Беласица“ во Скопје е безбеден за употреба или не и останува на неговиот став дека се потребни продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на состојбата на мостот, кој пред неколку месеци беше зафатен од пожар.
– Во однос на мостот „Беласица“ и безбедноста за неговото користење повеќепати досега имам дадено изјави во јавноста. Мојот став дека има потреба од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е јасен. Ниту јас, ниту, пак, Градежниот факултет имаме информации врз која основа е донесена одлука за негово делумно пуштање во употреба. Имајќи го предвид овој недостиг од информации, не би можел да дадам подецидна и попрецизна изјава во овој момент дали мостот е безбеден за употреба или не – рече Марковски.
ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ТВРДИ ДЕКА МОСТОТ Е БЕЗБЕДЕН
– Мостот „Беласица“ е безбеден и тоа постои како податок според вештачењето. Но, за да се пушти во целост, треба санација во долниот дел. ЕСМ ја презеде обврската за санација во долниот дел и откако ќе заврши тоа, тогаш ќе треба да се почне со поставување на цевките за топлинска енергија што се извадени по пожарот што во мај го зафати мостот – изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Таа додаде дека мостот има минорни оштетувања, кои не ги ефектуираат стабилноста и безбедноста.
– Постојат минорни оштетувања на мостот, кои не ги ефектуираат стабилноста и безбедноста, меѓутоа тој мора да се санира првенствено од штетата што е предизвикана од горењето. Таа санација не ја прави ниту Град Скопје, ниту трето лице, ја прави оној што треба да ја изврши монтажата на тој потег. Откако ЕСМ ќе заврши со иницијалната санација, ќе почне со монтирање на цевководот. И едното и другото се нивна обврска. Во ова Град Скопје нема никаков инпут, никаква обврска, ниту пак некакво влијание, а не е надлежен во одреден рок да им наложи да ги монтираат работите што се во интерес на тоа да се почне грејната сезона навреме – изјави Арсовска.
Градоначалничката најави и постапки против лица што ширеле лаги и невистини за безбедноста на мостот „Беласица“.
Во врска со инцидентот во кој работници на ЕСМ биле спречени да почнат да работат на санација на цевководот, според Арсовска, тоа се случило затоа што не поседуваат соодветна документација за работа за постапување со тешки товарни возила.
ЈП „УЛИЦИ И ПАТИШТА“: СЕ САНИРААТ 36 МОСТА
Град Скопје во соработка со јавното претпријатие „Улици и патишта“ од почетокот на годината започна со проект за санација на 36 моста, надвозници и пешачки натпатници што се во надлежност на Градот.
– Некои од мостовите и натпатниците како повеќедецениски предизвик, и покрај потребата, не се санирани, а неопходни се реконструкции на коловози, тротоари и огради, со што значително ќе се придонесе за зголемување на безбедноста. Со системско следење на надлежностите ќе се постигнат позитивни резултати, затоа што за овие инфраструктурни објекти е неопходен континуиран мониторинг за навремено санирање и редовно одржување – се наведува во соопштението од Град Скопје.
Оттаму информираат дека го реконструираат натпатникот на булеварот Александар Македонски за првпат откако е изграден, а во чија близина се наоѓаат основно училиште и други објекти, при што е реализирано барањето на граѓаните што го користат овој пешачки мост.