Вендинг машини за селектирање на отпад

Според извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски, не смее да се изостави како многу важен фактор улогата на граѓаните и нивната решителност и свесност за важноста да се селектира отпадот, кој се однесува на пластичните шишиња, лименки, стакло и хартија, и да се фрла во посебни контејнери, се разбира во оние места каде што ги има нив или, пак, да се остава во вендинг-машините

Препознаени двигатели на справување и менаџирање со отпадот во новата ера

Кога е справувањето со отпадот во прашање, деновиве тоа стигна на врвот на агендата на јавните дискусии, полемики и анализи во медиумите. Справувањето со отпадот стана и широк граѓански предизвик бидејќи несоодветниот одговор на надлежните институции и третманот на истиот тој ги загрози здравјето, хигиената, па и сигурноста на граѓаните. Македонија секогаш може повеќе и подобро, доколку се земе предвид ситуацијата на терен, која вклучува недолични слики од депонии создадени во населени места, но и надвор од нив. За среќа, постојат и светли точки во актуелниот, за жал, темен и загаден пејзаж, кои влеваат силен надеж и оптимизам. Граѓаните почнуваат да ја развиваат свесноста за рециклирањето на отпадот, а дека тоа е така, говорат и официјалните податоци на „Пакомак“. Друштвото за управување со пакување и отпад од пакување ги објави своите резултати од напорите за организирана заштита на животната средина за 2022 година. Според официјалните извештаи за изминатата година, компаниите членки на „Пакомак“ пријавиле 47.705 тони амбалажен отпад од кои 57,7 отсто од пријавените количества се рециклирани или поточно 27.521 тон.

ВЕНДИНГ-МАШИНИТЕ СЕ ОДЛИЧНО ПРИФАТЕНИ

Во согласност со Законот за управување со отпад, „Пакомак“ не само што ги исполни туку и ги надмина поставените национални цели, силно придонесувајќи кон заштитата и подобрување на состојбите со животната средина во нашата земја. Компанијата ја оправда дозволата за работа, гарантирајќи им ја на тој начин сигурноста на своите клиенти членки и наметнувајќи се како ефикасно бизнис-решение за менаџирање на амбалажниот отпад.
Покрај редовните и континуирани инвестиции во инфраструктура за фрлање отпад, во 2022 година за истакнување е инвестицијата во 30 нови повратни вендинг-машини за амбалажен отпад, како начин за дополнителна стимулација на населението за селектирање пластични шишиња и лименки. Тие се поставени во поголемите маркети во земјава, а од компанијата велат дека интересот за нив е мошне голем.
– Ситуацијата на терен дава простор за оптимизам. Податоците ни покажуваат дека поставените вендинг-машини се користат редовно од голем број граѓани, а особено оние што се поставени во супермаркетите и на прометни места. Досега од граѓаните добиваме само позитивен повратен ефект за вендинг-машините, што ни укажува на тоа дека не само што се корисни туку повратните вендинг-машини и нашата апликација Екомак се лесни и едноставни за употреба. Се надеваме дека така ќе продолжи и во иднина – велат од „Пакомак“.

ЕДУКАЦИЈА УШТЕ ВО ГРАДИНКА

Она што е важно да се напомене е фактот што сѐ поголема е бројката на млади лица што активно рециклираат, благодарение на едукацијата што се спроведува уште од најмала возраст.
– Селектирањето и рециклирањето се многу важен дел од борбата за зачувување на животната средина и претставува начин да ја оставиме Земјата во подобра состојба од онаа во која се наоѓа во моментот. Бидејќи нашата мисија е да создадеме подобра иднина, едукацијата за рециклирањето треба да започне од најмладите – оние што ќе живеат во иднината за која сонуваме. Токму затоа, „Пакомак“ во континуитет спроведува едукативни активности за најмладите. Преку одложувањето и рециклирањето на отпад, детето ќе ја научи вистинската вредност на ресурсите, ќе сфати дека сите производи не се употребливи само еднаш и ќе разбере како пластиката, картонот и другите амбалажни материјали можат да заземат друга форма и да одговорат на повеќе од една потреба. Колку порано детето ќе научи за соодветното фрлање отпад и рециклирањето, толку порано ќе може да се вклучи во постојаната борба за почиста и поздрава околина. Едукацијата е преку забава и игра – велат од компанијата.
Дека ваквата практика редовно се спроведува во градинките потврди и една родителка, чие дете посетува градинка каде што имало едукација за вендинг-машините и воопшто за рециклирањето, по што, нејзиното дете активно почнало да рециклира.
– Моето дете оди во градинка и оваа година учеа за рециклирање и за вендинг-машините. Дојде дома и побара да ги чуваме пластичните шишиња за да рециклира. Тоа беше непосредно откако беа поставени овие машини. Еве, веќе неколку месеци рециклираме, досега имаме околу 120 поени. Син ми е пресреќен, ужива кога ги става шишињата во машината. Интересно му е, а бидејќи е одговорен кон животната средина, се договоривме дека ваучерите од собраните поени ќе бидат за него и за сестра му за да можат да си купат што сакаат. Така има интерес да рециклира, а и позитивно влијае на соседите, бидејќи, гледајќи го и тие почнаа да рециклираат – вели Даница Трајановска, жителка на Бутел.

Филип Ивановски

ПРОДОЛЖУВААТ ИНВЕСТИЦИИТЕ

Според извршниот директор на „Пакомак“, Филип Ивановски, не смее да се изостави како многу важен фактор улогата на граѓаните и нивната решителност и свесност за важноста да се селектира отпадот, кој се однесува на пластичните шишиња, лименки, стакло и хартија, и да се фрла во посебни контејнери, се разбира во оние места каде што ги има нив или, пак, да се остава во вендинг машините.
– Културата за селектирање и рециклирање на амбалажниот отпад е нешто на што треба да се работи континуирано. Нашите резултати велат дека од година на година постигнуваме напредок и успех, но сè додека секое домаќинство и
угостителски бизниси го немаат ова како вообичаена пракса не можеме да кажеме дека сме ги постигнале целите. Ние сме сè уште во еден процес на развој и примена на оваа идеја – додава Ивановски.
Како што истакна тој, во рамките на проектот „Are You Recycling“, околу 1.500 угостителски објекти го селектираат стаклениот отпад преку системот на „Пакомак“. Овој проект на „Пакомак“ има цел да ги вклучи сите угостителски објекти од целата држава во континуирана еколошка акција за селектирање на стаклениот отпад. Станува збор за собирање неповратна стаклена амбалажа од хотели, ресторани и кафулиња каде што завршуваат над 35 отсто од стаклото.
Континуирано се инвестираше во контејнери за стакло во градовите низ земјава покривајќи со тоа над 75 отсто од територијата, а покрај за стакло му беа донирани и метални контејнери за пластика и хартија на град Скопје.
– „Пакомак“ и понатаму ќе продолжи со инвестиции во комуналната инфраструктура во градовите низ републиката, бидејќи во некои општини сè уште недостигаат контејнери за комунален отпад, ниту пак за селективно собирање. Наша цел е понатамошна соработка со локалните самоуправи и на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред сѐ ПЕТ, хартија, лименки и стакло, како и да се обезбедат специјализирани возила што ќе ги опслужуваат. Дополнително ќе се поставуваат и нови вендинг-машини – истакна Ивановски.


Што е проектот „Тrash for art“?

„Trash for art 2023“ е конкурс во организација на компаниите „Пакомак“ и „Нула отпад“ како дел од иницијативата за чиста и здрава средина на овие две компании. Неговата цел е да покаже дека амбалажниот отпад може да има и друга намена, па дури од него да се прават уметнички дела.
– Неговата основна идеја е да нѐ поттикне одговорно да се однесуваме, да селектираме отпад, за тој потоа да се рециклира, а истовремено да нѐ поттикне да бидеме креативни и да се забавуваме. Целта на оваа иницијатива е да се потенцира важноста на селектирањето на отпадот. Истовремено, граѓаните да се едуцираат за штетноста на ваквиот отпад и да се научат од рана возраст да го препознаваат и да селектираат – велат од компанијата.