Презентирани резултатите од проектот „Справување со загадувањето во Скопје“
По спроведениот проект „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, констатација на надлежните државни институции е дека и при енергетската криза „мора да се внимава при користење на енергентите за затоплување и да се избираат енергенти што се помалку штетни за животната средина“!
На пример, мерките преземени за подобрување на енергетската ефикасност на домовите и замената на старите грејни тела и шпорети со нови, во над 120 домаќинства во населбата Лисиче, дадоа резултат и покажаа намалување на загадувањето на воздухот внатре во домовите и во околината каде што беа направени интервенциите
Жителите на скопската населба Лисиче, секоја зима го дишат најзагадениот воздух во Скопје. Тоа се резултати од долгогодишните анализи на многубројните еколошки организации во метрополата. Во текот на декември 2021 и јануари 2022 година, според собраните информации од петте постојани мерни станици во главниот град, најчист воздух дишат граѓаните на Карпош, додека најзагаден воздух имаат жителите на Лисиче. По оваа населба, со најзагаден воздух се справуваат жителите на Гази Баба.
Намалување на загадувањето на воздухот во Лисиче
Со години се апелираше до жителите на скопската населба Лисиче да внимаваат со што ги затоплуваат домовите, бидејќи загадувањето на воздухот во овој дел од градот, секоја зима достигнува животозагрозувачки размери. Дополнително, на овој потег, постојано се пријавуваа и загадувачи што на отворено палеа гуми и создаваа помали диви депонии.
Според анализите на мерната станица во Лисиче, присуството на ПМ10 честичките било над дозволените граници дури 24 дена во јануари, на почетокот на годинава.
И конечно, по спроведениот проект „Справување со загадувањето на воздухот во Скопје“, се покажа дека и за намалувањето на загадувањето во оваа скопска населба има надеж. Мерките преземени за подобрување на енергетската ефикасност на домовите и замената на старите грејни тела и шпорети со нови, во над 120 домаќинства во населбата Лисиче, дадоа резултат и покажаа намалување на загадувањето на воздухот внатре во домовите и во околината каде што беа направени интервенциите.
Наедно, резултатите охрабруваат бидејќи се покажа на примерот на дел од главниот град дека загадувањето може сериозно да се намали, па ако се применат преземените мерки на цело Скопје може да се очекува состојбата и на тој план да се подобри.
Анализите беа презентирани на завршниот настан на проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, финансиран од Шведска, а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Град Скопје.
Податоците врз кои се направени анализите беа собирани од повеќе мобилни и статични мерни станици, кои во минатите две години беа поставени на повеќе места низ населбата и вршеа мерења на загаденоста на воздухот, кои потоа беа анализирани со најсовремена опрема на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, набавена токму за оваа намена.
Не се знае што ни носи зимата, се наоѓаме среде глобална енергетска криза
За институциите да добијат подобра слика за состојбата со загадувањето на воздухот, шведската Агенција за заштита на животната средина, на Министерството за животна средина му донираше 22 инструменти за мерење на квалитетот на воздухот, поставени во осум станици за мониторирање.
Според шведската амбасадорка Ами Ларсон-Џеин, нејзината земја, свесна за опасноста што ја носи загадениот воздух и последиците од него, се решила да ја иницира оваа соработка, со цел да им се помогне на жителите на овој дел од Скопје, но и на градот и државата воопшто.
– Сега, повеќе од кога било, е важно загадувањето на воздухот да биде во фокус бидејќи здравјето на граѓаните треба секогаш да биде јасен приоритет за оние што носат одлуки. Шведска ја препознава опасноста од овој проблем и затоа воспостави соработка меѓу шведската Агенција за заштита на животната средина и Министерството за животна средина и просторно планирање, донирајќи 22 инструменти за мерење на квалитетот на воздухот поставени во осум станици за мониторирање. Ова ќе им даде подобра слика на институциите и на граѓаните каква е состојбата и како подобро да се справуваат со загадувањето на воздухот – изјави шведската амбасадорка Ами Ларсон-Џеин.
Со оглед на тоа што не се знае што ни носи зимата и дека се наоѓаме среде глобална енергетска криза, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека останува на определбите дека мора да се внимава при користење на енергентите за затоплување и да се избираат енергенти што се помалку штетни за животната средина.
– Секое гориво има пропишани стандарди и при изборот и купувањето треба да се почитуваат и препораките на Владата за штедење на струјата и во рамките на можностите да се внимава на енергетската ефикасност на домовите, но и на институциите – истакна Нуредини.
За првпат заокружен еден цел комплексен процес
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григоријан, истакна дека за првпат е заокружен еден комплексен цел процес.
– Целта што заедно ја постигнавме со донаторите, институциите, партнерите е тоа што воспоставивме една функционална платформа за заеднички да работиме на справување со загадувањето на воздухот на соодветен и одржлив начин – изјави Григоријан.
За Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром, голем број жители на Лисиче добиле можност преку програмата на УНДП, финансирана од Шведска, да ги обноват своите домови, со што се придонесува за поголема енергетска ефикасност и за намалување на изворите на загадување.
– Водејќи се од овој успешен пример ќе преземеме слични чекори и како општина. Ние како општина и досега бевме посветени на изнаоѓање трајни решенија за справување со ова прашање, но секогаш треба да целиме кон повеќе. Од клучно значење за квалитетот на животот во Аеродром е да изнајдеме модели со кои ќе придонесеме за намалување на загаденоста на воздухот, како и на севкупната животна средина – истакна тој.
Во рамките на проектот вреден над два милиони американски долари, 129 социоекономски ранливи домаќинства добија финансиска помош. Во 81 домаќинство се заменети старите врати и прозорци со нови, направени се 39 енергетски ефикасни фасади и реновирани се 33 покриви. Инсталирани се 428 инвертери и пет топлински пумпи, а 37 стари печки и шпорети се заменети со нови печки на пелети.