За нецел месец собрани околу 120 кубни метри отпад

Апелираме до граѓаните својот комунален отпад да го оставаат исклучиво во наменски поставените садови, а наедно претпријатието им нуди можност без плаќање паричен надоместок да ги остават стариот неупотреблив мебел и електричните апарати во центрите за селекција лоцирани во Карпош и во Вардариште, истакна директорката на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Косана Николиќ Мазнева

Полни раце работа за градските комуналци, кои за нецел месец на територијата на Скопје, во урбаните населби, успеаја да соберат големо количество отпад, составен од градежен шут, кабаст отпад, гуми од автомобили и други отпадоци.
Екопатролата на претпријатието со денови констатира непрописно фрлање отпад, а исто така и екоинспекторите секојдневно ги предупредуваат граѓаните за прекршоците што ги прават против Законот за јавна чистота.

АВТОМОБИЛСКИ ГУМИ КАКО ДЕКОР

Од 25 мај до 12 јуни, од страна на јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје се собрани околу 120 кубни метри непрописно и несоодветно фрлен отпад на територијата на Скопје.

Граѓаните не избираат каде ќе го остават својот отпад, напротив, ако во минатото тоа го правеа во затскриени делови, сега ѓубрето го фрлаат каде што ќе стигнат.
Само пред неколку дена екопатролата констатира непрописно фрлање отпад од автомобилски гуми од страна на непознати сторители на улицата Никола Парапунов во скопската општина Карпош.
– Автомобилските гуми спаѓаат во категоријата опасен отпад и нивното оставање на јавни површини претставува директно прекршување на Законот за јавна чистота. ЈП „Комунална хигиена“-Скопје нема надлежност за собирање и транспорт на овој тип отпад. Апелираме до жителите на градот Скопје внимателно да ракуваат со опасниот отпад и да го оставаат исклучиво кај колективните постапувачи, со што значително ќе придонесат за заштита на животната околина и јавното здравје – истакна директорката на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

Месецов беа отстранети и неколку диви депонии лоцирани на улиците Вуковарска, Серава и Славеј планина, во близината на скопското теќе.

Од овие локации екипите на претпријатието транспортираа приближно 30 кубни метри кабаст и мешан комунален отпад од диви депонии во скопската општина Чаир. Станува збор за локации каде што континуирано непрописно се фрла отпад на јавни и сообраќајни површини.
– Апелираме до граѓаните својот комунален отпад да го оставаат исклучиво во наменски поставените садови, а наедно претпријатието им нуди можност без плаќање паричен надоместок да ги остават стариот неупотреблив мебел и електричните апарати во центрите за селекција лоцирани во Карпош и во Вардариште – истакна Мазнева.

НИТУ ЕДНА ОПШТИНА НЕ ИЗОСТАНУВА

Непрописно се фрла отпад и во скопски Аеродром, каде што комуналците месецов подигнаа и транспортираа градежен и мешан комунален отпад од неколку диви депонии лоцирани во строгиот центар на градот – зад „Т-мобиле“, како и на булеварот АСНОМ и улиците Бојмија и Февруарски поход во скопската општина Аеродром.
И екопатролата периодов активно работи на терен, подготвувајќи записници за лицата што ги затекнува при непрописно фрлање отпад.

Само во Чаир беа подготвени седум записници за лица што фрлале ѓубре на улиците Крсте Асенов, која се наоѓа во непосредна близина на паркот во Чаир, и Емин Дураку.
Записници добија и жители на улицата Хо Ши Мин во општината Бутел, Петар Поп Арсов во општината Центар, како и на улицата Миле Поп Јорданов и булеварот Партизански одреди во скопската општина Карпош.

Неконтролирано загадуваат и бутелчани, кои успеале да фрлат 20 кубни метри кабаст, градежен и мешан комунален отпад и да направат дива депонија на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош.

Дури и на една од најпрометните улици во Скопје, Владимир Полежиновски, лоцирана зад Универзалната сала, била направена депонија, а ништо подобро не било ниту во Ѓорче Петров, каде што мини-депонии биле направени во непосредна близина на општинската зграда и во Центар, во близината на американската амбасада. Од овие три локации, комуналците подигнале 40 кубни метри отпад.


Се чистеше и Водно

Јавното претпријатие „Комунална хигиена“-Скопје учествуваше во координирана акција со градските јавни претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Улици и патишта“ за чистење на реонот на Милениумскиот крст на планината Водно. Екипите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје спроведоа метење и празнење на кантите за ситни отпадоци, како и подигнување на отпадот од планинарскиот дом и околните угостителски објекти. Во рамките на акцијата беа собрани и транспортирани приближно три кубни метри мешан комунален отпад.

[email protected]