Фото: Игор Бансколиев/ илустрација

Има едно интересно истражување на Американската агенција за транспорт во чии резултати се тврди дека 21 процент од сите сообраќајни незгоди се поврзани со лошите временски услови – како што се возење по дожд, снег, магла, силен ветер или мраз, а околу 70 проценти од сообраќајните незгоди се поради влажни коловози и 46 проценти за време на дожд

ЕСЕНТА И СООБРАЌАЈНИТЕ НЕЗГОДИ

Есенската декорација е можеби најубавото нешто што ни го дава природата, најмногу поради убавината на боите што таа ги прикажува на своето сликарско платно наречено – природа.
Меѓутоа, кога станува збор за сообраќајот, токму оваа „декорација“ може да ја покаже понекогаш и својата „друга страна на карактерот“. Рака на срце, некогаш може да биде и животозагрозувачка, бидејќи паднатите лисја на коловозот во комбинација со дожд создаваат лизгав терен, речиси идентичен како и мразот во зимскиот период од годината. Ништо побезбедно не е ниту за пешаците, кои во претстојниот период, додека не паднат сите лисја од дрвјата, ќе мора да бидат посебно внимателни да не добијат скршеници.

КАРАКТЕРИСТИЧНИ РИЗИЦИ САМО ЗА ОВОЈ ПЕРИОД

Дождливото време речиси секогаш го парализира Скопје, а есенскиот период го прави сообраќајот особено ризичен, бидејќи возењето по дожд го намалува видикот на возачот, а водените улици го намалуваат контактот со патот, велат професионалните возачи, кои искуството го стекнале практично и на терен.
Според Американската агенција за транспорт, околу 21 процент од сите сообраќајни незгоди се поврзани со лошите временски услови – како што се возење по дожд, снег, магла, силен ветер или мраз, а околу 70 проценти од сообраќајните незгоди се поради влажни коловози и 46 проценти за време на дожд.
Дополнително на отежнатите природни услови, за зголемување на ризикот придонесуваат и возачите, бидејќи не го сервисираат често своето возило, не ги менуваат гумите и не ги проверуваат сопирачките.
Според професионалниот возач Бојан Димовски, возењето со истрошени гуми или, како што сакаат возачите да кажат, со „излижани“ гуми е доста опасно во есенскиот период од годината, бидејќи, во услови кога има повеќе вода на патот, возилото лесно може да загуби контакт и да се излизга од коловозот.
– Освен проблемот со гумите, за кој можам со сигурност да кажам дека во Скопје е хроничен, бидејќи возачите, најчесто поради обидот да заштедат пари, не ги менуваат редовно, па се соочуваат до низа проблеми при возењето, сериозен проблем е и нередовното проверување на сопирачките. Дождот ја намалува нивната ефикасност, па затоа на такви услови не треба да се вози брзо, бидејќи кога се натопени, сопирачките дејствуваат побавно – вели тој.
Она што е доста важно при вакви услови на патот е да не се вози брзо и брзината да се приспособи на сообраќајното темпо. Патиштата во комбинација со паднати лисја и дожд може да бидат крајно опасни.
Според препораките од Американската агенција за безбедност на патиштата, возачите треба да ја намалат брзината на движење за една третина за време на дожд.
Сообраќајните експерти, пак, предупредуваат и дека возачите треба да ги избегнуваат големите вирови со вода додека возат, бидејќи никогаш не знаат на колкава дупка можат да налетаат.
Освен тоа, доколку возите покрај пешачки зони, од исклучителна важност е да внимавате да не ги испрскате и пешаците, бидејќи тој акт е казнив според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

И пешаците да бидат внимателни

Факт е дека лизгав терен има и на тротоарите и на пешачките зони, бидејќи ниту едни комунални работници не можат да бидат дежурни 24/7 за постојано да ги чистат паднатите лисја.
Токму затоа е потребно внимателно движење, бидејќи натрупаните и влажни лисја што скапуваат на тротоарите може да бидат катастрофално лоши, особено за малите деца и повозрасните лица.
– Минатата есен мојата мајка падна и скрши колк поради тоа што на тротоарот на кој се движеше имаше напластени лисја, кои веќе беа во состојба на скапување. За среќа, скршеницата не беше на место што би го довело во ризик нејзиното движење по закрепнувањето, но сепак беше доволно да нѐ потресе сите во семејството. Токму затоа и би сакала да апелирам до сите граѓани да си ги чистат лисјата од пред вратите на своите дворови и од дрвјата што си ги чуваат во дворовите, а чии лисја паѓаат по улиците. Секој треба да си чисти пред себе – вели Магдалена Крстевска, жителка на скопски Карпош.