Верувам дека темелите на новото Скопје беа темели на солидарност и соживот, а новото Скопје се темели на пријателство и нови модерни ветришта, порача вечерва градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на отворањето на изложбата насловена „За Скопје со срце од целиот свет“ во Младинскиот културен центар – МКЦ во рамки на одбележувањето на 59 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
– Денеска се сеќаваме на катастрофалниот земјторес, кој токму на овој ден го спомнуваме и сакаме да го посветиме на над 1.000 загинати и над 1.000 повредени наши сограѓани кои беа жртви, а беше причинета и голема материјална штета како резултат од големиот земјотрес – рече Арсовска.
Во тоа време и покрај големата трагедија, како што нагласи таа, успеавме да видиме како знаат народите да се соединат, да ја покажат својата солидарност, да демонстрираат соживот и како да помогнат тогаш кога е најпотребно.
– Овој ден да се сеќаваме како кога ни е најнеопходно ни помагаат оние кои ни се пријатели – рече Арсовска.
Градоначалничката им додели признанија на семејствата на двајца пожртвувани граѓани кои во тешките моменти на катастрофалниот земјотрес во 1963 година во Скопје презеле мерки за да се намалат последиците. Станува збор за семејствата на Максим Стојановиќ и на Велин Јорданов.