Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откако техничарите во радарските центри ќе забележат градоносен облак, тие им јавуваат на операторите со авионите да полетаат, им даваат азимут на облакот, висината на која се наоѓа и колку палки треба да се употребат. Палките се монтирани на авионите и тие не се испукуваат, туку се палат, при што го испуштаат реагенсот и облакот сам го вшмукува. Значи, наредбата за дејство ја даваат техничарите од радарските центри во УХМР, кои ги следат облаците преку радар. Времето за дејство може да биде во кој било дел од денот, но искуството покажало дека градот се создава најчесто во попладневните часови кога во атмосферата има најмногу енергија, велат од Управата за хидрометеоролошки работи

НА СКОПЈЕ МУ СЕ ЗАКАНУВААТ ВРЕМЕНСКА НЕПОГОДА, ЕЛЕКТРИЧНИ ПРАЗНЕЊА И ГРАД

На последниот ден од минатата и почетокот на оваа недела, метрополата ја очекува променливо време, со услови за појава на локално невреме, па и град. Речиси секоја година на почетокот на топлите летни денови, жителите на Скопје се соочуваат со доста променливо и влажно време, кое освен појава на ветер, со себе носи и големи електрични празнења, кои само за неколку минути предизвикуваат вистински хаос во градот.

ПОЈАВА НА НЕВРЕМЕ И ГРАД

Секоја пролет и на почетокот на летото, времето во Скопје се карактеризира со доста често променлива атмосфера, која предизвикува појава на ветер, дожд, локално краткотрајно невреме и град.
Спарното и тешко време не е никаков новитет за градот, но за жителите е доста тешко и има големо влијание врз здравјето.
Појава на главоболки и болки во коските и во зглобовите се само мал дел од промените што ги забележуваат некои од жителите на метрополата.
– Имам 80 години и откога знам за себе, во овој период од годината, небото над Скопје е нестабилно, а времето е тмурно, спарно и тешко. Тоа е карактеристика на скопската котлина – вели Михалјо Димовски, пензионер од Скопје.
Сепак, земјоделците и оние што одгледуваат земјоделски култури во градот велат дека ваквото нестабилно време им создава големи главоболки, бидејќи доколку не добијат навремено предупредување, се соочуваат со уништување на земјоделските култури.
– Најлошо е кога е времето вакво, нестабилно, и кога има појава на невреме, не само поради појавата на град туку и поради поројните врнежи што ни ги поплавуваат нивите. Сепак, не можеме да направиме многу, бидејќи станува збор за природна појава против која не можеме да се бориме – вели Снеже Трпчевска, жителка на Лисиче.

ПЕРИОД НА ДОСТА НЕСТАБИЛНО ВРЕМЕ

Актуелната временска прогноза, според Управата за хидрометеоролошки работи, покажува дека следните неколку дена атмосферата над Скопје ќе биде многу нестабилна, со што позачестена ќе биде појавата на врнежи и грмежи, а не се исклучува ниту појавата на град.
Разлика во температурите нема да има, односно таа во целата земја ќе се движи до триесеттиот степен.
– Следува период на променливо облачно време, на повеќе места ќе биде нестабилно, со пороен дожд, грмежи и засилен ветер – наведено е на интернет-страницата на УХМР.
Слични се и прогнозите на светските сервиси што даваат податоци за временската состојба. На Македонија и на градот им следува период на доста нестабилна атмосфера.

КАКО СЕ БОРИ УХМР ПРОТИВ ПОЈАВАТА НА ГРАД

Веќе десетина години, Управата за хидрометеоролошки работи се бори со појавата на град со помош на авионско засејување, со што се напушти стариот начин на градобијна заштита со испукување ракети кон облаците.
– До 2011 година градобијната заштита во нашата земја се реализираше со стар ракетен систем, при што од површината на земјата се испукуваа ракети кон градобијните облаци. По десет години без градобијна заштита, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука таа да се спроведува со авионско засејување. Авионското засејување се реализира преку заедничко дејство на Управата за хидрометеоролошки работи, која преку своите радарски центри во Ѓуриште и Тополчани врши детектирање на нестабилните воздушни маси, и економски оператор избран на јавен повик, кој со своите авиони по наредба од УХМР го врши засејувањето – информираат од УХМР.
Оттаму додаваат дека засејувањето се врши со палки од 400 грама, во кои се наоѓа реагенс на база на сребро-јодит.

– Откако техничарите во радарските центри ќе забележат градоносен облак, тие им јавуваат на операторите со авионите да полетаат, им даваат азимут на облакот, висината на која се наоѓа и колку палки треба да се употребат. Палките се монтирани на авионите и тие не се испукуваат, туку се палат, при што го испуштаат реагенсот и облакот сам го вшмукува. Значи, наредбата за дејство ја даваат техничарите од радарските центри во УХМР, кои ги следат облаците преку радар. Времето за дејство може да биде во кој било дел од денот, но искуството покажало дека градот се создава најчесто во попладневните часови, кога во атмосферата има најмногу енергија – велат оттаму.
Според нив, ефикасноста на авионското засејување во светот се движи помеѓу 60 и 70 проценти и, како што потенцираат оттаму, минатата година во нашата земја, иако првпат и во година со многу денови со градобијни облаци, тој процент бил многу поголем.
– Авионското засејување воопшто не е штетно по природата и луѓето од каков било аспект, а и реагенсот што се користи е истиот што се користел и со стариот ракетен систем, кој се користи секаде во светот и е еколошки безбеден и тестиран и одобрен од Светската метеоролошка организација – нагласуваат надлежните.
Од Управата нагласуваат дека овој начин на засејување апсолутно нема никакво влијание врз промена на времето, освен што кога се дејствува на некој облак, градот го претвора во дожд.

[email protected]