Нови населби со супстандардни услови

Граѓаните за вложени големи суми пари не можат да ги остварат основните потреби за нормално домување и покрај тоа што ги намириле сите законски побарувања од локалната самоуправа и од државата. Во новосоздадените населби немаат пристапни патишта, немаат струја ако немаат приватни агрегати и, што е најстрашно и погубно по животната средина, немаат фекална канализација и користат септички јами

Којзнае колку има примери граѓани да изградат куќа во некоја општина, а да не добијат ниту основни инфраструктурни услови за живот. Ќе платат големи суми за комуналии, а потоа самите ќе се борат да изградат водоводна или фекална канализација. А средствата од комуналиите се делат во сооднос 60 за градот и 40 отсто за општините. Случајот што неодамна се обелодени во јавноста за елитната населба Јака во општината Илинден не е единствен, бидејќи ова се случува и во други општини. Надлежните им ветуваат на граѓаните инфраструктура и стандарди, а потоа не го исполнуваат ветеното и ги оставаат да живеат во супстандардни услови. Ова никако не би требало да се случува, особено не треба ни да се претпостави за елитните населби, кои претходно општините најавуваат дека ќе бидат изградени по сите европски стандарди, со сите инфраструктурни решенија.

Поради нереализираната инфраструктура во населби што од поодамна се изградени, граѓаните сѐ уште не можат да ги остварат основните потреби на нормално домување, и покрај тоа што ги намириле сите законски побарувања од локалната самоуправа и од државата. Немаат пристапни патишта, немаат струја ако немаат приватни агрегати и, што е најстрашно и погубно по животната средина, немаат фекална канализација и користат септички јами. За улично осветлување во вакви услови и не станува збор. До пред неколку години, на пример, жителите од скопската населба Кучевишка Бара мораа домашниот смет да го носат со автомобили и да го фрлаат во контејнерите низ населбата Бутел.

– Проблемот со ѓубрето го решивме, сега ни го собира ЈП „Комунална хигиена“, но затоа останаа нерешени многу други проблеми. Немавме ниту водовод кога се вселивме во куќата, дури потоа ни донесоа вода, откако нѐе приклучија преку водоводот од Радишани. Затоа, пак, и по 15 години остана нерешено прашањето за фекалната канализација, а има 400 куќи што користат септички јами и половина од населбата Бел Камен. Селата Глуво и Бразда имаат фекална канализација, а ние сме толку блиску до населбата Бутел, но општината не прави ништо. Можеби затоа што гласаме во Чучер Сандево, а територијално сме во општината Бутел. Да не зборувам за асфалтирање и осветлување на споредните улици – вели Сашо Трајковски, жител на Кучевишка Бара.

Вакви супстандардни услови не треба да бидат својствени во деловите каде што општините решиле да се градат нови домови, но практиката покажува нешто друго и, за жал, сѐ уште во општините има населби со септички јами. Има општини што се обидуваат да најдат решение преку проекти, аплицираат за странски пари за да можат да изградат водоводни или канализациски мрежи, но за жал има и такви што ниту прават проекти, ниту аплицираат за да изградат подобра инфраструктура. Неодамна, на пример општината Петровец, преку ИПАРД-програмата аплицира со проект за одводна канализациска мрежа за улиците со број 18, 20 и крак на улица 1 во населено место Петровец. Во општината Гази Баба постојат уште неколку населени места што сѐ уште имаат септички јами и се без водовод. Еден од проектите што се реализирани во таа насока се обезбедување чиста вода за пиење во високата зона во Раштак, а при крај е првата фаза од проектот инсталирање водовод за ниската зона во ова населено место. Се работи и на проектот за канализација за Страчинци, а во Булачани се изведува водоводна линија и се поставуваат водомери во домовите.

– Општината Гази Баба издава градежни дозволи, ги утврдува сите инфраструктурни стандарди за градба и го контролира реализирањето на ДУП. Обезбедувањето на основните инфраструктурни услови, пак, во зависност од локацијата е на градот Скопје и на општината Гази Баба. Во врска со прашањето дали општината е должна да ги обезбеди сите услови, за да можат граѓаните да градат, а не потоа да се приклучуваат, мора да се посочи дека кога ќе пристигнат комуналиите, градот или општината почнува со реализација на инфраструктурните објекти и приклучоци паралелно и заедно во соработка и во координација со надлежните институции. Во ниту еден закон ниту правилник за работа не стои дека општината е должна да изгради водовод, канализација и слично пред изградба на куќа. Комуналиите за изградба на куќа, односно надоместок за уредување градежно земјиште е надлежност на град Скопје – велат од општината Гази Баба.

Од градот Скопје, пак, децидни се дека општините ги издаваат градежните дозволи и тие ги утврдуваат инфраструктурните стандарди.

– Носењето и реализацијата на деталните урбанистички планови се законска надлежност на општините во градот Скопје. Општините во градот Скопје издаваат градежни дозволи и ги утврдуваат сите инфраструктурни стандарди за градба, а го спроведуваат и контролираат реализирањето на деталните урбанистички планови – објаснуваат од градот Скопје.

Оттаму додаваат дека надоместокот за уредување на градежно земјиште за станбен простор се утврдува според поголем број параметри – во која зона е, дали има парно, водоводна или фекална мрежа… Така, на пример, сите објекти на територијата на општината Центар влегуваат локациски во зона 1, а за оваа зона за таа услуга за станбен простор (не деловен) се плаќа најмногу до 8.207 денари за квадратен метар.


И во Центар има септички јами

Од општината Центар велат дека носењето и реализацијата на ДУП се законска надлежност на општините, тие издаваат градежни дозволи, ги утврдуваат инфраструктурните стандарди и го спроведуваат и контролираат реализирањето на плановите за објекти од втора категорија. За објекти од прва категорија е надлежно Министерството за транспорт и врски.
На прашањето како потоа се случува новонастанатите населби да немаат основни инфраструктурни услови оттаму велат дека затоа што моменталното законско решение е такво и најчесто граѓаните ги добиваат пресметките за комуналии и по нивното плаќање можат да градат. За струја и вода се надлежни ЕВН и Водовод, велат од Центар. Оттаму појаснуваат дека општината законски не е должна најпрво да ги обезбеди сите услови за да можат граѓаните да градат. И од оваа општина потврдуваат дека сѐ уште има септички јами, најмногу во населбите Маџир Маало, Крњево и дел од Кале.