Во Општина Сарај изминатите два дена се реализира голема еколошка акција на Град Скопје и на Владата за предавање на старите печки, кои користат нееколошки енергенти, во замена за инвертер-уреди за затоплување, како уште една од мерките за борба против загадувањето на воздухот. Жителите на Општина Сарај, кои аплицираа за субвенции за набавка на инвертери во Град Скопје, имаа можност да ги предадат своите стари печки на дрва, нафта и други нееколошки енергенти, во дворот на средното училиште „Сарај“. Пунктот за предавање печки во средното училиште „Сарај“ го посетија градоначалникот Шилегов и градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети.
– Се наоѓаме во Општина Сарај, на една од локациите каде што граѓаните ги доставуваат старите и нееколошки печки, кои веќе ги замениле со енергетски ефикасните инвертер-клими. Само од оваа општина се пристигнати околу 160 апликации, што значи ќе имаме 160 оџаци помалку, кои ќе го загадуваат воздухот. До привременото запирање на повикот во Град Скопје се пристигнати околу 4.060 апликации. Правиме пресек на процесот на субвенционирање и заради транспарентност на реализацијата на повикот и заради подобро информирање на граѓаните за суштината на овој повик и очекуваните резултати. – рече градоначалникот Петре Шилегов.
Тој напомена дека во наредните две години, во согласност со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.