Поради фреквентноста на овој потег, Град Скопје, во соработка со државните и пазарните инспекторати, како и со Министерството за внатрешни работи, редовно спроведува активности за отстранување на сите пречки од површината на велосипедските патеки (диви продавачи, непрописно паркирани возила…), информираат од Градот
БИТ-ПАЗАР Е ГРАДСКАТА ЛОКАЦИЈА НА НАЈГОЛЕМИОТ СООБРАЌАЕН (НЕОДВРЗАН) ЈАЗОЛ
Неоспорен факт е дека градските власти изминатиот период направија сериозна и голема инвестиција во правење велосипедски патеки. Но, исто така, неоспорен факт е дека онаму каде што велосипедските патеки не се физички одвоени, невозможно е да се користат од велосипедистите, бидејќи тие се узурпирани од страна на несовесни возачи и пешаци.
Скопје има капацитет да ги задоволи потребите на сите, и на пешаци и на возачи и на велосипедисти, но се чини дека граѓаните се тие што немаат капацитет да ги употребуваат деловите за движење што се наменети за нив. Кога се пешаци да се движат по пешачки патеки, кога се велосипедисти да возат велосипеди по велосипедски патеки, а, пак, кога управуваат со автомобили да ги користат сообраќајниците.
ПРОДАВАЧИ НА ПЕШАЧКИ ПАТЕКИ, ПЕШАЦИ НА ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАТЕКИ, ВЕЛОСИПЕДИСТИ НА УЛИЦИ
Бит-пазар и просторот околу пазарот се едни од најпроблематичните локации за сите, и за пешаците и за велосипедистите, но и за возилата. Никој не го почитува туѓиот простор за движење и токму поради тоа на оваа локација во текот на целиот ден, а особено во претпладневните часови, владее навистина хаос. Не се знае ниту кој каде пешачи, кој каде вози велосипед, ниту пак кој каде се паркира.
Малиот број граѓани што сакаат да го почитуваат редот велат дека колку и да сакаат да се придржуваат до правилата на движење, не можат, затоа што никој не ги почитува.
– Колку и да сакам да пешачам на делот наменет за пешаци, не можам, затоа што на местата каде што треба јас да пешачам се поставени кутии на кои илегални продавачи си продаваат производи. Дополнително, како обид да се заштитам од коронавирусот, не ми паѓа на памет да се движам токму по тој дел каде што е најголемиот метеж и каде што не се почитува никакво растојание. Сакал или не, се движам по велосипедската патека. Да, ми се случило да им попречам пат на велосипедистите, ама немам друга опција. Што е, тука е – вели Тоше Илковски.
Ниту велосипедистите не се во подобра ситуација. Тие велат дека велосипедските патеки се полнат со пешаци, па ним не им останува избор за движење, мораат да возат по улиците или да се движат по пешачките патеки.
– Нема баш никаква разлика помеѓу пешачка и велосипедска патека. Тука, каде и да се свртиш, сликата е иста. Пешаци и автомобили насекаде. Иако има велосипедска патека, немаме каде да возиме, па сме принудени да се движиме по улицата, со што го ризикуваме нашиот живот. Сите знаеме како се вози и колку не се почитуваат другите учесници во сообраќајот. Паркираните возила ги има насекаде, па и на велосипедските патеки, па нам не ни остануваат многу опции освен да се движиме онаму каде што ќе успееме – вели Вики Колевска.
ГРАДОТ ЗАПОЗНАЕН СО ПРОБЛЕМОТ
Градските власти велат дека се запознаени со овој проблем и додаваат дека постојано работат на решавање на ситуацијата, но истакнуваат дека сликата се повторува.
– Град Скопје сериозно работи на подобрување на велосипедската инфраструктура во Скопје, каде што годишно се градат над десет километри нови или се реконструираат постојни велосипедски патеки. Конкретно на булеварот Крсте Петков Мисирков, кај Бит-пазар, има велосипедска патека. Поради фреквентноста на овој потег, Град Скопје, во соработка со државните и пазарните инспекторати, како и со Министерството за внатрешни работи, редовно спроведува активности за отстранување на сите пречки од површината на велосипедските патеки (диви продавачи, непрописно паркирани возила…) – информираат од Градот.