Комуниколозите што ги следат активностите на социјалните мрежи на македонските политичари констатираат дека профилите првично се наменети за промоција на нивните политики. Во зависност дали се политичарите на власт или во опозиција, дали се официјални или индивидуални профили, варира начинот на изразување… Но колку и да изгледа спонтано и искрено обраќањето на политичарите на социјалните мрежи, сепак, секој статус е промислен и со одредена политичка порака

Социјалните мрежи арена за продолжена битка на македонските политичари

Социјалните мрежи веќе не се нов феномен за јавна (но и тајна) комуникација на светското население, а речиси истовремено се откриени како алатка со голем политички потенцијал, првично за водење изборни кампањи. Македонските политичари многу брзо сфатија дека присуството на социјалните мрежи обврзува на постојано присуство и активност, но се чини и понатаму не се начисто со процената на сите придобивки и последици од користењето на социјалните мрежи како во комуникацијата со целните групи, така и во меѓусебната комуникација, па ни за начинот на обраќање и содржините што ги пласираат во таа виртуелна реалност. Привидот на можноста за „неофицијално“ обраќање со (и пред) следбениците често се претвора во стапица на политичката комуникација. Често е отсуството на етиката на политичката комуникација, се еродира дури и онака ниското ниво на политичкото искажување, а често се присутни и говор на омраза, клеветење и лаги. Можеби комуникацијата преку социјалните мрежи се претвори во „забава за граѓаните“, но, сепак, се случува повеќето реакции да не бидат според посакуваните очекувања. Како и да е, комуникацијата преку профилите на социјалните мрежи веќе е своевиден „стандард“ за сите политички субјекти во Македонија. Профилите од кои се обраќаат македонските политичари најчесто се официјални-партиски, институционални (ако се на власт), но и индивидуални. Според видот на профилот, различни се и начинот на обраќањето и содржината на објавите.

Примери за тоа како се изразуваат македонските политичари на социјалните мрежи

Најчеста воспоставена практика кај македонските политичари е да имаат профили на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм и таму да даваат свој коментар на одредени актуелни случувања во политичко-општествениот живот, но и да најавуваат и организираат политички акции, настани, кампањи, па дури и да си реплицираат меѓусебно со изјави. Таква една невообичаена комуникација на социјалните мрежи неодамна се случи меѓу претседателот на државата Стево Пендаровски и министерот за здравство Венко Филипче, на темата вакцинирање на македонските граѓани во соседството.
Во зависност од актуелната позиција на политичката сцена, забележлива е разликата во формата, тонот и содржината на обраќањето на политичарите. Додека премиерот Зоран Заев пишува: „Вирусот во овој бран е многу поопасен и многу побрзо прогресира. Затоа клучно е да се ограничи бројот на контакти со други луѓе“, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикува на одговорност: „Во денот кога 50 наши сограѓани починаа од коронавирусот, премиерот требаше за уши да ги натера здравствените власти оставка да потпишуваат, а дезертерите што отидоа на одмор и сончање да одговараат пред законот“. Опозицискиот наратив е почесто обвинувачки спрема власта, па во друг статус Мицкоски, несвојствено за него, искажува и тешки обвинувања: „Лажеа тогаш, сега повторно лажат.

Иста лага само различни ликови. Пелагонискиот крај памети и ќе казни и за тутунот и за житото и за сите лаги овие четири години. Да ги направиме Македонија и Пелагонија горди повторно! #ИднинатаЕНаша #МакедонскаПролет“
Лидерот на „Левица“ и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев на социјалните мрежи редовно е критички остар спрема потезите на власта. Неговите статуси се веќе препознатливи по стилот, острината, енергијата и по избликот на емоции, некарактеристични за политичарите. Содржините се речиси неизбежно директно провоцирачки, обвинувачки, дури некои и со навредлив карактер. Според комуниколозите, таквиот начин на јавен настап на професорот и пратеник Апасиев веројатно „е калкулиран за да го најде пократкиот пат да допре до чувствата и до разумот на граѓаните и да предизвика нивна реакција“.
Кај политичарите од албанскиот блок на партии во Македонија во обраќањата на социјалните мрежи е забележливо дека нивните статуси се најчесто на три јазика: англиски, албански и македонски.

Профилите на социјалните мрежи најчесто се алатка за политичка промоција

Комуниколозите што ги следат активностите на социјалните мрежи на македонските политичари констатираат дека профилите првично се наменети за промоција на нивните политики. Во зависност дали се политичарите на власт или во опозиција, дали се официјални или индивидуални профили, варира начинот на изразување. Но колку и да изгледа спонтано и искрено обраќањето на политичарите на социјалните мрежи, сепак, секој статус е промислен и со одредена политичка порака.
– Официјален профил на социјалните мрежи е една работа, а индивидуален профил на политичар, сепак, е друга ситуација. Официјалните профили на политички и државни институции ги водат тимови и не би требало да влегуваат во дебати со следбениците на социјалните мрежи, ни кога коментарите се позитивни, ни кога се негативни. Преку личните профили, политичарите обично се обраќаат на точно целна група и начинот на комуникација, односно речникот што го употребуваат е според претходна процена на „вкусот“ на следбениците. Значи, присуството и активностите на политичарите на социјалните мрежи во каква било варијанта никогаш не се без претходна подготовка – вели комуникологот Синиша Пекевски.

Сепак, Пекевски смета дека и македонските политичари и тимовите што ги водат нивните профили на социјалните мрежи многу малку ги имаат проценето можностите и несаканите ефекти на оваа комуникациска алатка. Тој смета дека светот низ диоптријата на социјалните мрежи е паралелен политички универзум, кој не соодветствува со реалноста, односно на политичарите најчесто им дава лажна слика на величина, популарност, верност на следбениците. Веќе неколкупати се покажало дека бројот на „лајкови“ и друга поддршка на социјалните мрежи не се ефектуирал и како реален резултат со гласови на избори за политичките партии.
– Македонските политичари, па и нивните тимови, сѐ уште стихијно пристапуваат кон примената на социјалните мрежи во политичката битка. Искуствата во светската политика наметнуваат сѐ посериозен третман на овој (сѐ уште) феномен и укажуваат дека е потребна континуирана и професионална обука за комуникациско водење на социјалните мрежи на секој политички субјект – заклучува Пекевски.
Важноста и сериозноста на пласирањето содржини на социјалните мрежи од страна на политичарите се покажаа и на светско ниво, за време на претседателските избори во САД, кога сѐ повеќе влијателните социјални мрежи одлучија да ги исклучат профилите на поранешниот претседател Доналд Трамп. Таквата одлука на водечките луѓе на социјалните мрежи (кои, сепак, се приватни институции) наметна нови, дури и контроверзни аспекти на темата ограничување на слободата на говорот на глобален план.