По реакциите на жители од Аеродром за непокосени тревници, на социјалните мрежи реагираат и жители од Гази Баба. Граѓаните се особено револтирани затоа што надлежните го запоставиле косењето на тревниците, иако за одржување на зеленилото од лани на скопјани им се наплаќа преку сметките за вода во висина од 20 отсто од наплатената цена на услугата
Во термините кога нема полициски час, граѓаните, освен што брзаат да ги завршат секојдневните обврски и да купуваат во продавниците, бараат релаксација и свеж воздух во прошетка или на починка по парковите во населбите. Но и таму наидуваат на несредени работи. Неколку дена жители на општините Аеродром и Гази Баба реагираат на социјалните мрежи поставувајќи фотографии и пишувајќи коментари дека никој не ја коси тревата во парковските површини. Во Аеродром, на страницата „Приказни од булеварот“, беа објавени неколку фотографии под кои само кратко беше напишано: „Треви, несанирани фонтани и понекоја змија…“ Не дека тревниците станале змијарници, но, сепак, на фотографијата се забележува змија што се довлечкала до пешачка патека. Од Општина Аеродром тврдат дека некој прави злоупотреба и поставува стари фотографии и дека косењето на тревата се одвива тековно и етапно, во зависност од временските услови.
Со оглед на тоа што сè уште важат вонредните мерки и полицискиот час, сезонските работници работат половина работно време, а некои од нив се опфатени од мерките. Што и каде е искосено и каде и кога ќе се коси од општината не прецизираа.
Но тамошни жители тврдат дека тревниците се косат половично, прво една половина, па по една недела другата половина. Додека го средат целиот тревник, стигнува пак за косење, така што цело време површината изгледа неуредно, запуштено.
– Бидејќи имам куче, секој ден шетам низ Аеродром и можам да кажам дека кај детската градинка „Срничка“ е посредено, а таму каде што живеам јас, во делот кон „Бисер“, тревата ја косат дел по дел. И зад кулите кај војската нешто е искосено, нешто е оставено така. Но зад трите кули по основното училиште „Љубен Лапе“, по паркингот тоа личи на џунгла. Зборувам за делот зад трите кули кај пазарчето, каде што површината е обрасната со трева – вели Сања Јованова, жителка од Аеродром.
Реакции за неискосена трева по парковите на различни локации деновиве има и на групата „Ѕид на Општина Гази Баба“. Некои од тамошните жители се незадоволни затоа што надлежните го запоставиле косењето на тревниците.
„Ние, соседите, сами си искосивме, вие дојдете да ја соберете тревата и тргнете ја ставката за зеленило од сметките за вода на улицата Коце Металец број 11“, пишува Лела Костова под објавените фотографии на Фејсбук, под искосениот простор пред лимените згради во населбата Железара.
Нејзината сограѓанка Илина Дубравац најпрвин прашува кога ќе стигне на ред Железара за косење на тревата и додава дека коселе нешто со рачна коса нејзиниот сопруг и соседот, ама тоа не е решение. Особено не, затоа што граѓаните плаќаат ставка за одржување на зеленилото. „Претходно не се плаќаше, па се косеше“, додава таа, а потоа во нова објава пишува: „Не доаѓајте, вчера искосивме со мажот ми, јас и две сосетки со рачни, голема и мала коса. Собравме и фрливме во контејнер. Насадивме и некое цвеќе. Тргнете ја ставката за зеленило од сметка!“, додава Дубравац.
Илија Подолесов прашува дали е во план да се коси тревата на полјаната под црвените згради во Железара, кај направите за вежбање, и додава дека не е лошо да се испрска против крлежи, бидејќи вели дека врие. Но овој скопјанец е искрен, подоцна информира дека по неговата реакција местото било искосено.
Бобо Јованов од населбата Маџари исто така под објавени фотографии со висока трева до појас пишува: „Во план е да се среди џунглава на улицата Беровска?“ Висока трева има и до училиштето во населбата Маџари, пред самиот мост, а тревата е висока колку и училишната ограда, покрај која има и купишта ѓубре.
Дека во некои од урбаните делови на населбите ниту се коси ниту се чисти тревата покажуваат фотографиите на Боби Цветановски, под кои тој напишал: „Кога се планира и дали воопшто ќе се чисти каналот во Ченто. Ова е срам невиден.
За три години само еднаш е чистен. Градоначалнику, мислам дека е крајно време“.
Од Општина Гази Баба не добивме одговор дали општината има почнато со пролетното косење, каде е искосено, а каде допрва треба да се коси, ниту пак кажаа дали имаат поплаки од граѓаните.
Сигурно дека некои од жалбите на граѓаните се оправдани. Дотолку повеќе што општините за одржување на парковите и зелените површини добиваат редовни пари од платените комунални услуги.
Како што е познато, од ноември ланската година, со одлука градските власти скопјани со редовната сметка за вода плаќаат надомест за одржување на градското зеленило во висина од 20 отсто од наплатената цена на услугата. Некои коментираат дека кога не го плаќале одржувањето, се водела поголема грижа за зеленилото и за малите паркови по населбите.