Преполни контејнери со смет има насекаде низ Скопје, а од јавното комунално претпријатие тврдат дека причина за тоа е што ѓубре се фрла по цел ден и граѓаните не ги почитуваат термините запишани на налепниците на контејнерите. За жал, овие мали зелени налепници или ги нема на сите контејнери или, пак, веќе не се препознаваат, бидејќи многу одамна се залепени. Голем дел граѓани и не знаат дека во секој реон од градов ѓубрето се собира во различни периоди од денот и дека саатницата во кој период од денот треба да се исфрла ѓубрето е запишана на малите зелени налепници. Тоа што тие не знаат не е само затоа што не ги читаат извалканите налепници, туку токму поради тоа што на многу од контејнерите се одлепиле затоа што се многу стари, а на дел од поновите, особено пластичните, воопшто ги нема.
Некои граѓани во врска со тоа предлагаат на местата каде што стојат контејнерите да биде поставен метален знак или некаква информативна табла, на која ќе биде истакнато времето за одлагање на отпадот. Тие велат дека можеби ни тоа нема да биде доволно, ако правилото не се почитува и не се казнуваат оние што го прекршуваат. Токму затоа ѓубрето ќе смрди до наредното поминување на комуналците наредниот ден. Некои скопјани сметаат дека ако се воспостави ред, но и ако комуналците се држат до редот и времето и поминуваат редовно да го собираат ѓубрето, тогаш нема да имаме преполни контејнери, ниту пак ќе се загадува животната околина. Нема да чепкаат мачки по контејнерите, ниту пак уличните кучиња ќе го разнесуваат ѓубрето.
– Не сум забележала налепници, може и да сум ги видела некаде ама не знам што им значи тоа од 19 до 21 часот. Фрлам ѓубре наутро, кога одам на работа, а потоа ако се насобере, и навечер, за да не го чувам на тереса цела ноќ да смрди. Никој од комшиите не ми рекол дека фрла ѓубре во одредено време. Навистина не знам за ова, ама знам кога поминуваат комуналците, затоа што ги слушам камионот и тропањето на кантите – вели скопјанка од населбата Топанско Поле.
Но од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ тврдат дека постојано ги заменуваат налепниците и таму каде што нема поставуваат нови. Не можеа да кажат колку нови налепници отпечатиле, ниту пак колку пари сето тоа ги чинело. Не кажаа кога последен ги замениле старите налепници со нови, ниту пак во кои делови од градот го направиле тоа.
– На сите контејнери има поставено налепници со термините за одлагање на отпадот. Доколку некаде се извадени или одлепени, секако дека во најкраток можен рок ќе бидат обновени. Овие термини се поврзани со динамиката за собирање и транспорт на отпадот и тие се различни во секоја општина. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат термините наведени на налепниците и отпадот да го исфрлаат во посочените термини, за садовите да останат празни и чисти во што поголем период од денот, исто како и непосредната околина. Досега не сме имале поплаки од граѓаните дека не се информирани за термините – велат од „Комунална хигиена“.
Од јавното претпријатие додаваат дека налепниците се печатат според потребите на терен и дека немаат информација за тоа колку ги чини печатењето.
Но за налепниците некои ниту знаат ниту ги забележале.
– Искрено првпат слушам дека има некаде истакнато термини за одлагање отпад. Еве, и сега да поминам, на зелените пластични контејнери нема никакви налепници што укажуваат кога комуналците доаѓаат да го соберат ѓубрето. Јас знам кога поминуваат по тоа што ги слушам или гледам во кое време поминуваат. Ниту некогаш ме застанале да ми кажат, ниту на телевизија или во медиумите сум видел известување од надлежните дека треба да го фрлам ѓубрето во наведениот термин. Уверен сум и сигурен дека граѓаните не се запознаени со оваа информација – вели жител од општината Центар.
Од „Комунална хигиена“ и натаму сметаат дека граѓаните треба да ги почитуваат термините за фрлање на отпадот. Во спротивно, ѓубрето што е исфрлено подоцна ќе остане цел ден, сѐ до наредното поминување на нивните камиони. Оттаму велат дека токму ова е причината за преполните контејнери и непријатната миризба.