Најчесто кражбите на помали садници и цвеќе се случуваат во вечерните часови само неколку дена по нивното садење, додека почвата сѐ уште не е зацврстена и коренскиот систем не е фатен, информираат градските власти
ЗАЧЕСТЕНИ КРАЖБИ НА ШТОТУКУ ЗАСАДЕНИ ДЕКОРАТИВНИ ЦВЕЌИЊА И ДРВЦА
Интензивното работење на разубавувањето на метрополата за да изгледа урбано и модерно од страна на градските власти заедно со јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ е залудно, доколку граѓаните не ги почитуваат нивната работа и заложби за доброто на сите. Речиси и да нема крстосница, кружен тек тротоари и жардиниери каде што нема насадено декоративни садници за разубавување на градските улици.
Веќе со години надлежните работат на разубавување, но, сепак, понекогаш тоа не е доволно доколку жителите на метрополата не знаат да го ценат и да го чуваат тоа.
Постојано се случува несовесни граѓани да посегнат по зеленилото, па или го оштетуваат кршејќи го без никаква причина или паркираат возила каде што ќе стигнат на тој начин го уништуваат зелените површини или, пак, едноставно цветните насади толку им се допаѓаат што само неколку дена по садењето решаваат да ги откорнат и да си ги земат дома. И тоа е проблем со кој градските власти и „Паркови и зеленило“ се соочуваат и справуваат со години, меѓутоа совеста на граѓаните никако да проработи.
Ваквата ситуација им пречи и на повеќето од жителите на градот, кои по социјалните мрежи најчесто револтирано пишуваат, а честопати и ги фаќаат крадците на цветни насади на дело, па ги фотографираат и ги објавуваат.
– Пред мои очи среде бел ден една жена посегна по насаденото цвеќе во Автокоманда кај кружниот тек. Воопшто не се ни засрами поради тоа, не ни провери дали има некој околу неа. Премина улица, застана и почна да си корне цвеќе. Да, навистина цветните насади се преубави, но зарем крадењето е начин за да си го разубави својот двор? Насекаде има такви цвеќиња, кои се продаваат по пристапни цени. Срамно е затоа што тоа е направено за сите нас, направено е за нам да ни биде поубаво. Сепак, некои не знаат да го ценат тоа – вели Ана, жителка на Автокоманда.
Крадците на садници не се единствените што прават проблеми.
Тука се и возачите што воопшто не внимаваат каде ги паркираат своите возила, па, така, газат сѐ пред себе за да си обезбедат добра ладовина за автомобилот во овие жешки денови.
Проблем прават и оние што без никаков повод уништуваат, со што прават штета на буџетите на надлежните, кои за да ги санираат штетите мора повторно да издвојуваат финансиски средства.
Градските власти велат дека тоа е голем проблем со кој се соочуваат секојдневно.
– Проблемите со оштетувањата на зелените површини е голем проблем со кој Град Скопје и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ се соочуваат секојдневно. Оштетувањата варираат од штети на зелените површини, инсталациите за наводнување, до директна кражба на расадите – велат градските власти.
Оттаму додаваат дека најчест причинител на оштетувањата на зелените тревни површини, дрвја и системи за наводнување се автомобилите, поточно непрописното паркирање на возилата во зелените површини, како и неодговорното однесување на луѓето што оштетуваат расади, кршат гранки…
– За самите кражби на расадите, најчесто помали садници и цвеќе, истите тие најчесто се случуваат во вечерните часови само неколку дена по нивното садење, додека почвата сѐ уште не е зацврстена и коренскиот систем не е фатен. Во моментов немаме некакви подолготрајни статистики за штетите, освен последната бројка дека околу седум илјади расади од зимското садење, кои во најголем процент беа цвеќиња љубичици, се уништени, оштетени или украдени – информираат од Градот.