Додека ние со загадувањето на воздухот се справуваме со интервентни мерки, како бесплатен превоз, двојно поскап паркинг или прекин на градежните активности, дел од светот е практичен и користи водни дронови и водни топови. На тој начин со силни млазови вода, кои се распрскуваат како капки дожд, го прочистуваат воздухот од штетните честички.

Главниот град на Тајланд, Бангкок, има проблем со загадување на воздухот како што има и градот Скопје. Загадувањето во Бангкок минатата недела достигнуваше екстремно високи нивоа од околу 140 микрограми на кубен метар за штетните ПМ-честици. А надлежните се обидуваа на разни начини да се справат со проблемот на загадениот воздух. Впечатливите мерки за справување со загадувањето како пуштањето дронови, го направија овој град да биде во центарот на вниманието во светот. Имено, надлежните користеа мала флота од дронови, кои прскаа вода во воздухот за да ја намалат загаденоста. Како дел од таа мерка надлежните исто така продолжија со пуштање цистерни, кои прскаат вода во воздухот да го намалат загадувањето. Најимпозантен пример претставува последната информација, од која дознаваме дека Бангкок почна да користи водни топови за заробување на опасните ПМ-честици.

Топовите со вода беа користени откако квалитетот на воздухот се влоши во Бангкок. Овој град одамна е познат по големата загаденост и по многу лошиот квалитет на воздухот. Но употребата на водните топови, го привлече вниманието од светот. Принципот на кој работи водниот топ е следен: тој ја испушта водата во млаз од распрскани капки, а тие го имитираат дождот. Водата потоа се поврзува со загадувачките честици и ги симнува на земјата. Иако ова се чини брзо и ефикасно решение за справување со цврстите честички, некои од граѓаните сметаат дека овој пристап не претставува вистинско решение на проблемот со загадувањето.
– Ова не е начин за решавање во коренот на проблемот со загадувањето на воздухот. Загадувањето доаѓа од возилата и горењето разни материјали на јавни места. Ако продолжиме да го решаваме проблемот на ваков начин, тој никогаш нема да биде решен – вели загрижен граѓанин од Бангкок.

Но и покрај тоа што водните топови засега даваат резултати само до одреден степен, граѓаните, но и стручната јавност се свесни дека тие нема да им го решат проблемот со загадениот воздух, како што и кај нас не го решаваат интервентните мерки.
Витану Атаванич, предавач по економија на универзитетот „Касетет“, вели дека властите сериозно треба да го сфатат проблемот со загадувањето. Неговите изучувања на историски записи, за нивоата на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките во главниот град во текот на изминатите десет години, покажуваат дека загадувањето од честички во воздухот не е сезонски проблем. Тој вели дека главниот град се соочува со лош воздух во текот на целата година. Инаку до истите заклучоци може да се дојде и за градот Скопје, а тоа го потврдуваат податоците за квалитетот на воздухот во текот на целата година. Во Бангкок како дополнителна мерка за справување со загадување во воздухот надлежните поделија 10.000 маски за жителите на градот. Бангкок исто е помеѓу десетте најзагадени градови во светот. Одделот за контрола на загадувањето вели дека дизел-гасовите придонесуваат за смогот во воздухот и бројот на опасните честици, а оти жителите ја влошуваат ситуацијата со тоа што горат гуми и житни култури.


Загадувањето предизвикува и климатски проблеми

Светските експертите велат дека колку повеќе е актуелно загадувањето на воздухот, толку земјата станува потопла. Според тоа, со намалување на загадувањето може да се подобри квалитетот на воздухот, но и да се намали влијанието на климатските промени. Тоа, исто така, значи дека доколку не се справиме со загадувањето ќе имаме и глобален проблем. Според германскиот институт за напредни студии на одржливост „Потсдам“, климатските промени и квалитетот на воздухот честопати се разгледуваат во одделни полиња и на различни нивоа. Климатските промени обично се однесуваат на меѓународно и национално ниво, а квалитетот на воздухот на локално и национално ниво, Сепак тие се поврзани и влијаат едни на други. Според Агенција за заштита на животната средина на САД, емисиите на загадувачки материи во воздухот може да резултираат со промени во климата. Озонот во атмосферата ја загрева климата, додека различните компоненти на честички (ПМ) можат да имаат ефект на затоплување или на ладење на климата. На пример, црниот јаглерод, загадувачот на честички од согорувањето, придонесува за затоплување на земјата, додека честичките сулфати ја ладат атмосферата на земјата.