Фото: „Нова Македонија“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на Македонско-словачкиот бизнис-форум, истакна дека Македонија има интерес за постојан дијалог и активен ангажман со Софија. Како пример за успешна соработка тој го посочи Коридорот 8, кој, според него, е доказ дека двете земји можат да работат заедно кога постои волја, пренесе МИА.

– Сакаме да имаме активна комуникација и активен ангажман со Софија, доказ дека можеме да соработуваме е Коридорот 8. Имаме и конкретна комуникација со Европската Унија. Една од темите за кои дискутиравме со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Минхен беше процесот на потенцијално изнаоѓање решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на што ние ќе работиме, но во рамките на принципите кои ни се јасни – изјави Муцунски.

Тој потсети дека во Бугарија во моментов се одвива изборен процес и нагласи дека Македонија нема интерес да биде вовлечена во изборната реторика на соседната земја. Муцунски додаде дека секој обид за такво вклучување е спротивен на европските вредности.

– Вчера, присуствував во Тирана на настан посветен на Коридорот 8, каде што опипливи мерки се преземаат и од двете страни за реализација на овој проект. Но исто така кажавме дека и западниот сегмент од Коридорот 8 во Албанија треба да биде забрзан и гледаме позитивни сигнали од Албанија во последен период и тоа е за поздравување бидејќи и самиот Коридор 8 како таков не би бил целосен без обврските што треба да ги преземе Република Албанија, и тоа не зборуваме само од гледна точка на патната и железничката инфраструктура, туку и енергетската инфраструктура и други комплементарни прашања што се поврзани со тоа. Зошто го спомнувам Коридорот 8? Затоа што Коридорот 8 е доказ дека со соседна Бугарија, кога сакаме, можеме да соработуваме – рече Муцунски.

Тој потсети дека во овој момент во соседна Бугарија тече изборен процес и треба да бидеме максимално внимателни што ќе кажеме и како ќе се поставиме во моментот бидејќи, како што рече, ние како држава немаме апсолутно никаков интерес да станеме дел од изборната реторика во соседна Бугарија.

– Секој што сака и цели да нè внесе во изборната реторика во соседна Бугарија нема про-ЕУ вредности. И тоа го гледаме и од одредени фактори во соседна Бугарија, но да бидам максимално искрен, тоа го чувствувам и од одредени политички фактори тука – рече Муцунски.

Потврди дека по ова прашање се остварува и конкретна комуникација со Европската Унија.

– Пред неколку дена видовте во Минхен средба на премиерот Мицкоски, на која го придружував и јас, со претседателот на Европскиот Совет, господинот Антонио Кошта, секако една од темите за која дискутиравме е процесот на потенцијално изнаоѓање решение со соседна Бугарија и тоа е нешто на што ние ќе работиме, но во рамките на принципите кои ни се јасни, верувам, на сите вас и прилично јавно ги имаме поставено – нагласи Муцунски.

На средбата со Кошта минатата недела во Минхен премиерот Христијан Мицкоски истакна дека земјата останува посветена на европскиот пат и реформите, но оти заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања. – Разговаравме отворено и искрено за европската перспектива на Македонија, за реформите што ги спроведуваме и за предизвиците што стојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија. Јасно ја пренесов нашата позиција – Македонија останува посветена на европскиот пат. Но исто така Македонија заслужува достоинствен и принципиелен процес, базиран на европски вредности, а не на билатерални условувања – посочи премиерот Мицкоски на средбата.

Бугарија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 19 април 2026 година, осми во последните пет години, по продлабочувањето на политичката криза предизвикана од масовните протести против корупцијата. Мандатарот за состав на техничката влада на Бугарија, Андреј Ѓуров, вчера и официјално ги претстави имињата на министрите што треба да ги спроведат предвремените парламентарни избори закажани на 19 април.