Победата на Мелони во Италија сигнал за преструктурирање во ЕУ
Најпрво кризата со пандемијата, а сега и енергетската криза, покажа дека повеќето европски земји не се подготвени да се откажат од заштитата и зачувувањето на сопствениот суверенитет и националните интереси кога се загрозени нивните економии и нивните внатрешни политики. И додека Италија, Франција, Велика Британија, Полска, Унгарија се вртат кон самите себе и сопствените интереси, Македонија во исклучително чувствителен геостратегиски период, единствено со верба на ветувањата за нејзина европска иднина, а без дадени гаранции, се согласи да направи болни идентитетски, јазични и историски отстапки. Штом тие инстант или барем на пократок рок не се ефектуираа, на подолг рок повеќе од сигурно ќе доведат до целосно реобликување на карактерот на македонската држава и општество. Македонија мора да покаже малку посериозен и решителен пристап кога станува збор за заштитата на сопствените национални интереси
Сè повеќе земји-членки на Европската Унија почнуваат да даваат тежиштен приоритет на сопствените национални интереси пред оние заедничките, на Унијата. Реалните состојби испраќаат сигнал дека Унијата се наоѓа пред сериозен предизвик да го зачува единството во светлина на новите геостратегиски процеси што се одвиваат во Европа, но и во светот.
Најпрво кризата со пандемијата, а сега и енергетската криза, покажа дека повеќето европски земји не се подготвени да се откажат од зачувувањето на сопствениот суверенитет и националните интереси кога се загрозени нивните економии и нивните внатрешни политики.
Токму затоа во Европа се шири тренд на враќање кон суверенитетот делумно загубен со зачленувањето во ЕУ, со единствена цел, секој да си ги заштити народот и државата во овие исклучително тешки времиња.
Кога ќе се загрозат суверенитетот и националните интереси, европската приказна е на почек
Тоа најдобро прва го демонстрираше Велика Британија, која уште пред ковид-кризата ја напушти ЕУ затоа што Британците сметаа дека Европа е таа што го загрозува британскиот суверенитет, но и поради имиграциската политика диктирана од Брисел.
По стапките на Британија тргнаа и Унгарија и Полска, кои не сакаат европските бирократи да им наметнуваат политики со кои се загрозува државниот суверенитет. Унгарија најпрво уште за време на бегалската криза не дозволи влез на мигранти на своја територија, а сега одби да се приклучи кон европските санкции за набавка на руски гас и нафта, со образложение дека нема да дозволат Унгарците да се смрзнуваат оваа зима, а економијата да не може да функционира.
Слично постапи и Полска, која се спротивстави на европското мешање во нивниот правосуден систем, но истовремено и по повеќе од 70 години сè уште инсистира Германија да исплати репарации за жртвите и причинетите материјални штети на полска територија за време на Втората светска војна.
Пред извесно време и на изборите во Франција десничарката Марин Ле Пен влезе во тесна трка со претседателот Макрон, што само потврдува дека и Французите полека чувствуваат замор од ваква нефункционална ЕУ и сакаат француските политичари да ја стават Франција на прво место, пред Европа и сè друго.
Она што не ѝ успеа на Ле Пен во Франција, викендов ѝ успеа на Џорџа Мелони, која заедно со нејзината партија Браќа на Италија ѝ обезбеди јасна победа на десничарската коалиција на парламентарните избори што викендов се одржаа во Италија. Таа, најверојатно, ќе биде првата жена на функцијата премиер на Италија.
– Ако сме повикани да управуваме со оваа нација, ќе го направиме тоа за сите Италијанци, со цел да ги обединиме луѓето и да се фокусираме на она што нè обединува, а не на она што нè дели – рече Мелони по објавувањето на првичните неофицијални резултати од изборите.
Мелони, исто така, важи за противник на ЕУ, која последните години благо го намали евроскептицизмот, најмногу за да не се најде на удар на Брисел. Сепак, нејзина главна цел се Италијанците и Италија, а не Европа.
Колку некому ова да му изгледа националистички и себично, повеќе од очигледно е дека добар дел од одговорните политичари во Европа имаат обврска кон своите граѓани и својата држава, особено сега кога светот се наоѓа на една голема пресвртница и под закана за можна уште подлабока повеќеслојна криза.
Македонија да не затвора очи пред глобалните закани
И додека Италија, Франција, Велика Британија, Полска, Унгарија се вртат кон самите себе и сопствените интереси, Македонија во исклучително чувствителен геостратегиски период, само заради некакви ветувања за нејзина далечна европска иднина, се согласи да прави болни идентитетски, јазични и историски отстапки на соседна Бугарија. Тие отстапки во овој момент можеби некому му изгледаат целосно безначајни и безопасни, но на подолг рок повеќе од сигурно ќе доведат до целосно реобликување на македонското општество. Првите знаци беа пробните балони со „северномакедонскиот“ идентитет, кои речиси сигурно нема да останат само пробни доколку земјава не покаже малку посериозен пристап кога станува збор за заштитата на сопствените национални интереси.
Затоа постојаното повторување од страна на овдешните политичари дека „ЕУ нема алтернатива“ не ветува светла иднина за Македонија, бидејќи времињата што доаѓаат не се воопшто светли, а дека е тоа така најдобра потврда се алтернативите што си ги бараат самите членки на ЕУ.
– Очигледно е дека во Европа се воспоставуваат некакви нови констелации и секоја држава нормално е да се грижи за сопствените интереси. Ковид-кризата најдобро покажа дека секоја земја е оставена сама на себе и нема зошто и сега да не се однесуваат така кога станува збор за она што е нивен интерес. Затоа искрено не ми е јасно зошто се брзаше со тој француски предлог кога можеше да се почека бидејќи сега ќе има нови констелации во Европа. Десничарите победија во Италија, а расположението во Европа покажува дека партиите со традиционални општествени вредности (семејни, родови, национални, религиски), сè повеќе ќе го заземаат својот удел на европската политичка сцена. Ќе паѓаат влади и ќе доаѓаат констелации што се многу пореални во однос на Македонија и македонското прашање. Затоа требаше да се почека со францускиот предлог, наместо во вакви времиња да ги распродаваме идентитетот, јазикот и историјата – вели Синиша Пекевски, политички аналитичар.
Според него, тешко е да се очекува дека некој во земјава ќе се грижи за националните интереси кога со години не постои никаква национална стратегија за надворешната политика.
– Ако имаме „здрави“ политичари, визионери, искусни, со набилдано знаење и политичко-дипломатски вештини, ќе подзапревме малку и ќе погледневме што прават некои европски земји и како тие си ги штитат своите интереси. Прво и основно, ние немаме национална стратегија за надворешната политика. Немаме усогласен став како држава буквално за ништо. Немаме став за тоа како ќе се развиваме, во кој правец ќе одиме, кои се црвените линии преку кои никој не смее да пречекори, едноставно тоа кај нас го нема. Кога го немаме тоа како држава, многу е лесно да се поместуваат, бришат и прецртуваат некои линии на наша штета. Лично мислам дека некој тука како намерно да не сака да има таква стратегија бидејќи без црвени линии, многу лесно се поместуваат границите до каде што може да се оди и колку што може да се попушти. А кога е веќе тргнато тркалото, нема назад. Штом сме ѝ попуштиле на една членка, во случајот на Грција, нормално е и Бугарија да побара да попуштиме и ќе оди докрај, додека не се согласиме дека државата и јазикот ни се од 1945 година и дека ние сме Бугари. Тоа е класично национално самоубиство, за што сме должни да предупредуваме – смета Пекевски.
Тој уште додава дека Европа ги користи нашата попустливост и сервилност дури и во вакви моменти кога Стариот Континент геополитички се редефинира само да го затвори македонското прашање еднаш засекогаш.
– Сите си ги бркаат сопствените интереси, само ние не. Очигледно некој нешто ветил и мора да го испорача тоа без оглед на сè. Нашата сервилност никогаш не била во прашање, па така и сега не очекувам дека нашите политичари малку ќе ја кренат сопирачката и ќе почнат да се грижат за националните интереси како што тоа го прават повеќето европски земји. Апелирам да се консолидираме како народ и да им помогнеме на нашите лидери, да ставиме јасно до знаење што сакаме и да им дадеме легитимитет да го постигнат тоа со заеднички сили – заклучува Пекевски.