Фото: Гордана Силјановска Давкова/Фејсбук

Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска истакна дека во извештаите на Европската комисија, државата која се евалуира може технички да напредува, но политички да е блокирана или техничката оценка понекогаш се презентира низ политичка призма.

Силјановска Давкова за време на работната посета на Општина Ресен, одговорајќи на новинарско прашње да даде коментар за последниот извештај за напредокот на земјава, кој Европската комисија го објави минатата недела, нагласи дека извештаите повеќе треба да бидат техничка слика, бидејќи тие дијагностицираат, класифицираат и евалуираат.

– Зборувам не само како претседателка, туку и како човек кој во животот видел многу извештаи, пратеничка која дискутирала за секој извештај и заклучокот е извештаите треба да бидат повеќе техничка слика, техничка претстава, бидејќи тие дијагностицираат, понатаму класифицираат и евалуираат. Но јас секогаш велам, секој извештај не говори само за евалуираниот, туку и за креаторот, односно за евалуаторот. Во извештаите што се однесувале на нас и на нашиот годишен напредок има или доминира техничката димензија, но многу често и овојпат е присутна и политичката димензија. Или едноставно кажано заклучокот би бил дека технички може и да напредувате, ама политички може да сте блокирани. Или техничката оценка понекогаш се презентира низ политичка призма – рече претседателката.

Нагласи оти вториот момент, односно презентирањето низ политичка призма е проблематичен и додаде дека можеби во иднина во надлежните органи треба да се дискутираат некои од овие прашања.

– Можеби во иднина при креирањето на извештаите во духот на преговарање, оти преговори не се јас да ви доставам еден извештај, и вие само да го коментирате, во рамките на телата, како што се Парламентот или Националниот совет за евроинтеграции или Комисијата за евроинтеграции треба да се дискутираат за некои од овие прашања или можеби конечната верзија треба да е плод и на дијалогот што ќе се одвива и на забелешките на оној којшто забележува. Во оваа насока, еве јас имам намера, мислам дека е на 17, бидејќи претседателот има право на член во Советот за евроинтеграции, јас номинирав таму моја колешка, врвна познавачка на оваа проблематика. Мислам дека е добро и самата да се појавам таму, за да ја изразам посветеноста на реинтеграцијата или на евроинтеграциското чекорење, но исто така и да презентирам некои мои забелешки – порача претседателката.

Европската комисија во извештајот за напредокот за земјава за 2025 година и во својата Стратегија за проширување минатата недела констатираше дека македонските властите продолжиле да работат на патоказите за владеењето на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, но напомена дека е важно земјата да напредува и да ги финализира сите подготвителни работи поврзани со критериумите за отворање на Кластерот „Основи вредности“, особено во делот на владеење на правото, заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

– Советот и ги изложи на Северна Македонија условите за отворање на пристапните преговори по Првиот кластер (Основни вредности), откако ќе бидат усвоени уставните амандмани. Како одговор, во декември 2023 година, властите на Северна Македонија ги усвоија патоказите за владеењето на правото и реформата на јавната администрација – се вели меѓудругото во Извештајот.